
Јованка Тренчевска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јованка Тренчевска, поставено на 71-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 ноември 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Третото прашање се однесува на надоместокот за попреченост и посебниот додаток на лицата со попреченост. Со Ребалансот на буџетот во јули 2025-та година беше прифатен амандман со кои се обезбедија дополнителни средства од 50 милиони денари за да се овозможи зголемување на износот на надоместокот за правото на попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост. Денес сме 27 ноември, покачување нема, а ниту има доставено до Собранието измени на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита како би можеле овие права да се зголемат во 2025-та година. Дополнително на едно од моите претходни пратенички прашања на кое добив писмен одговор од министерството, прашањето беше, до каде е ветеното зголемување на правата од социјална и детска заштита. Одговорот што го добив е дека зголемувањето на висината на надоместокот за попреченост за 15% и на последниот додаток за деца со попреченост за 10% ќе има во септември 2025- та година. Септември помина, денес сме ноември и заменик министер ја убивте надежта на лицата со попреченост дека ќе имаат повеќе приход во семејството и дека ќе имаат зголемување на додатокот. И си поигравте и со нив пред изборно, ветувајќи им зголемување на надоместокот. Завршија изборите, тие ви поверуваа, а вие ги изневеривте. Моето прашање, кога да ги очекуваме во Собранието предлог измените на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со цел зголемување на овие права и дали ќе има зголемување во 2026-та година на сите права од детска и социјална заштита, со оглед на намалените средства во Буџетот за 2026-та година во делот на правата и надоместоците кои што вие се намалени за близу 2 милијарда денари.