Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Тренчевска бара поддршка за настраданите во Кочани, Владата вели дека помошта е континуирана

Резиме

Јованка Тренчевска праша дали владејачкото мнозинство ќе покаже политичка волја предлог-законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во Кочани да се стави на дневен ред и да биде поддржан. Таа оцени дека на семејствата и повредените им е потребна конкретна помош веднаш, и посочи дека предлогот бил повторно поднесен по редовна постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека Владата презела институционални мерки за континуирана и персонализирана здравствена, социјална, психолошка и материјална поддршка, и дека ќе продолжи да помага додека има потреба. Тој рече дека поддршката не зависи од предлог-законот и ја обвини опозицијата дека ја политизира трагедијата.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Јованка Тренчевска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јована Тренчевска, поставено на 50-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 29 мај 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитуван премиер, почитувани колеги пратеници, почитувани членови на Владата, трагедијата што се случи во дискотеката “Пулс“ во Кочани, нема никогаш да се заборави. Болката на семејствата на починатите и на настраданите нема никогаш да исчезне. Изгубивме 62 млади животи и над 200 млади девојки и момчиња се повредени, некои од нив имаат и трајни последици и траен инвалидитет. Ова не е статистичка бројка, тоа се млади животи и тие не смеат да бидат заборавени. Болката што ја преживеа Кочани не е само локална, таа е болка на целото општество. Ним не им е потребна само декларативна реторика, ќе го направиме тоа и тоа, нив е потребна помош сега, во овие моменти кога им е најтешко, кога е потребна грижа за повредените. Затоа, денес на овие пратенички прашања ќе потсетам за Предлог законот за поддршка на настраданите во несреќата во Кочани. Како пратеничка група на СДСМ и коалицијата, го поднесовме, прво во скратена постапка, но за жал, колегите пратеници од владејачкото мнозинство немаа слух. Овој Предлог закон не е пијар кампања, не е политичка калкулација, овој закон е реална потреба, на луѓето им е потребна реална помош, која во моментот ја немаат. Не е доволна помошта само преку Црвениот крст и тоа всушност не се пари на Владата, туку тоа се пари на граѓаните и на општествено одговорните компании. Владата никаде ја нема да помогне. Тие луѓе се секојдневно по доктори, по преврски, по потрага да ги обезбедат најдобрите услови за лекување на своите деца. Слушнавме од страна на премиерот дека е најавен проект Кочани 2030. Во ред, меѓутоа, каде е помошта сега. Овие граѓани немаат време да чекаат до 2030 година. Предлог законот на СДСМ е конкретен и вистинска помош. Затоа, минатата недела повторно го поднесовме Предлог законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во Кочани, овој пат по редовна постапка. Ги слушнавме сите коментари и забелешки од владејачкото мнозинство и се вметнати во самиот Предлог на закон. Оттука, моето трето прашање до премиерот е, дали овој пат како владејачко мнозинство ќе покажете политичка волја, овој Предлог закон конечно да се стави на дневен ред на собраниската седница и да добие поддршка како приоритет на општествена совест и морална обврска. Да се дебатира во собраниските комисии, пратениците од власта, доколку имаат забелешки, преку амандмани да се реагира.

Но на крајот на денот, законот да биде усвоен, да стаса поддршката и помошта до граѓаните на Кочани и околните градови од каде што имаме настрадани. И само на крај, во прашањето што беше поставено за мојот колега Оливер Спасовски, сакам дополнително да кажам, и она што го праша министерката за финансии, сакам дополнително да кажам, дека во несреќата, односно во пожарот во Модуларната болница во Тетово, со заклучок на Влада се одвоени по 30 илјади евра за секое семејство на настраданите. И, дополнително по илјада евра со Заклучок на Влада и задолжување, што беа исплатени од страна на Агенцијата за визуелни медиумски услуги, што значи дека во тој период како Влада, сме воделе грижа за семејствата на настраданите. Тоа го очекувам и од Влада, сега во најбрз можен период да помогне на семејствата на настраданите и на повредените од несреќата во Кочани. Прашањето го поставувам до претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА

Дата: 25 -06- 2025 Архивски број: 08-1387/ 2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратеничко прашање

Врска ваш бр.08-3161/1 од 02.06.2025 година

Почитуван,

Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратеничко прашање поставено на Педесеттата седница на Собранието на РСМ, одржана на 29 мај 2025 година, од пратеникот Јованка Тренчевска.

Со почит,

Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Владимир Нелоски

Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

Почитувана пратеничке г-ѓа Тренчевска,

Поддршката за настраданите во трагедијата во Кочани е реалност, а не предмет на декларативна политика. Оваа Влада, веднаш по несреќата, презеде институционални и човечки мерки за да обезбеди сеопфатна и континуирана помош. Помошта не е еднократна и не беше симболична, поддршката е континуирана, персонализирана и се одвива под максимален институционален надзор. Дел од мерките се здравствени, дел се социјални, дел се психолошки, дел се материјални, и секоја од нив е дизајнирана со најголемо внимание.

Прашувате дали ќе покажеме политичка волја. Јас одговорно ви велам дека политичка волја се покажува со резултати, со присуство и со делување. И токму тоа го прави оваа Влада – од првиот ден, од првиот момент на трагедијата. Ние не чекавме политички амандмани за да бидеме со граѓаните, бевме таму од првиот момент. Го активиравме целиот систем на државата.

И ќе продолжиме, тивко, но доследно, да бидеме таму додека трае потребата. Затоа, кога зборуваме за „политичка волја“, дозволете ми да истакнам дека политичка волја не се демонстрира со пост-фактум предлози, туку со навремена, искрена и институционална акција – а таа веќе се случува.

И затоа, да поддршката ја има. И ќе ја има сè додека е потребна. Но, не затоа што некој тоа го побарал од говорница, туку затоа што тоа е наша човечка и институционална должност.

Сакам да кажам и нешто што многумина го мислат, но малкумина го кажуваат. Длабоко жалам што гледам како делови од политичкиот спектар се обидуваат оваа трагедија да ја претворат во инструмент за дневнополитичка пресметка.

Да се нападне Владата, не со факти, туку со болката на луѓето. Тоа е граница што не треба да се преминува, затоа што кога политиката ќе ја изгуби емпатијата и мерката, тогаш не станува збор за опозиција и власт, туку за губење на елементарна човечност.

Жалиме што одредени политички структури избраа да ја инструментализираат болката на семејствата во Кочани. Тоа не е одговорна политика, тоа е евтин популизам на грбот на луѓето кои преживуваат вистинска трагедија. Во овие моменти, државата мора да биде тивка, силна и присутна, а не гласна само кога има камери.

И затоа, оваа Влада ќе продолжи со својата работа – со сериозност, со почит, со максимална поддршка за сите засегнати. Без сензационализам, туку со институционална доследност.

Бидејќи веруваме дека тоа е начинот на кој државата треба да им служи на своите граѓани со вистинска одговорност.

Со почит, Христијан Мицкоски

Сите пратенички прашања