О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Бојан Стојаноски, поставено на 32-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 30 јануари 2025 година Првото прашање се однесува на стандардот на граѓаните и како потпрашање дали имаме информација за досега спроведените контроли до каде се и што се поврзано со високите цени во маркетите. Би сакал тука да дадам пресек на состојбата која што ја затекнавме. Состојбата која што ја затекнавме беше би рекол, алармантно катаклизмична и во една таква алармантно катаклизмична состојба и наследени позиции од минатото, вие морате да најдете начин како сето тоа да го менаџирате, бајпасирате и да се справувате со сите тие предизвици. Има различни и поделени ставови, замрзнување на цените, замрзнување на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи итн, итн, и прво кое што го направивме беше имплементирање на Законот за нефер трговски пракси. Но кога направивме една анализа, сфативме дека практично Законот за нефер трговски пракси се однесува на период од една година, така што вие ако сега почнал законот да се применува на 01.01.2025-та, сега да почекате цела 2025-та година да помине за да видете дали просекот на маржата, рабатот е 10%. Тоа што значи? Тоа значи дека во јануари може да биде 20, во јуни може да биде 3 и сето тоа пондерирано на крај од годината треба да биде 10%. И за жал така е во законот каков што е и тука ние не можеме ништо повеќе нити да додадеме нити да одземеме. Од друга страна, разговаравме со најголемиот дел од производителите, дистрибутерите, Стопанската комора, итн, и од Министерство за економија и труд навистина дадоа големо значење и посветија големо внимание на тоа да изнајдат заеднички јазик да нѐ применуваме еве ваков тип на офанзивни, рестриктивни политики, туку сето тоа да биде врз заеднички консензуален пристап итн. И како резултат на тоа ја направивме онаа така наречена новогодишна потрошувачка кошница. И навистина голем дел од маркетите, голем дел од производителите, дојдоа во Владата заеднички го промовиравме тоа и сето тоа во тој момент имаше состојба на надеж дека на крајот можеме да имаме нешто кое што конечно општествено добро сме направиле сите ние заедно. Ние како Влада само фасилитиравме во тој процес, еве да не бидеме тие кои што ќе водат политика на политичко насилство, да присилуваме, да ограничуваме, бидејќи не сакаме така, нели либерална економија, пазарна економија, еве самите тие нека кажат. Но морам да бидам објективен, врз основа на сведоштвото на граѓаните, наши лични сведоштва, дел од производителите, дистрибутерите и маркетите заклучивме дека се служат со трикови. И тие трикови придонесоа да одредени производи се зголемат на сметка на овие кои што се намалија како акција, а се зголемија оние производи кои што се најшироко употребувани од граѓаните. Како што беше да речеме она неприродно зголемување на маслото за јадење, наеднаш 15, 20% се зголеми цената и тоа дел од производителите го правдаа со тоа што цената на берзите е зголемена, дека суровините се зголемени, итн. Проверивме не е така, најлесно е на друг да му правиш математика, но се обидовме да бидеме објективни, направивме математика и дојдовме до заклучок дека одредени производители за производи кои што ги користат граѓаните имаат маржа 40, 43 и повеќе проценти, нешто што е по мои гледишта на работите бизнис ненормално. Иако повторно ќе кажам, либерална економија, пазарни правила, онака како што пазарот ги диктира цените, така практично клиентите ќе купуваат или нема да купуваат, ќе имаат купци или нема да има купци, итн, итн. Но тоа во вакви услови кога сите треба некако да бидеме како едно, ценевме дека тоа не е дозволиво, но во целата онаа анализа која што ја спроведовме, кога ја анализиравме потрошувачката минимална кошничка, дојдовме до заклучок дека можеби, можеби ќе треба да се прошири оваа акција. Каде? Некако како да ги забораваме и аптеките, некако како да ги забораваме аптеките. Бидејќи со право пензионерите, ќе повторам се незадоволни. Зошто? Затоа што, во тие години на животот, праксата вели дека почесто имаат контакт со аптеки отколку ние, да речеме или помлади од нас или ваша возраст итн. Така вели праксата и ако направете анализа на одредени лекови кои што не се на Позитивната листа, а кои што ги употребуваат пензионерите, ќе дојдете до заклучок дека таму има два до три пати поголеми цени од тие кои што се производни или пак кои што се користат или се увезуваат итн, итн. Така што оваа акција ќе добие и свое второ полувреме, нема да биде само прво полувреме, туку, еве ја користам говорницата да упатам апел и до сопствениците на аптеки, да размислат каде тераат на овој начин, да размислат затоа што оваа акција ќе има и второ полувреме и трето полувреме, не како оној игран филм, туку ќе има и трето полувреме, а тоа се ланците на бела техника. И ако споредите регионално, а тоа може лесно преку интернет да се провери сега, во соседството, на еден производ кои што е кај нас, споредено со производите во другите држави во соседството е најскап. И тоа од некои држави и два пати поскап, ајде ќе речеме тие имаат поинаква царинска политика и ние би требало да имаме слична царинска политика, нема тука големи отстапувања бидејќи кај нас фрижидери, телевизори не се произведуваат, така што би требало да има, нема што да штитиме со тие царини, така што би требало тука да имаме воедначена царинска политика. Прашањето е зошто има такви отстапувања? Ќе повторам, да маркетите, да трговците, да производителите и дистрибутерите, но ајде да видиме во второво полувреме што ќе најдеме и во аптеките, што ќе најдеме и во хипер маркетите за бела техника. Затоа што мораме ние широко да ја гледаме целата оваа работа, не можеме да ја гледаме работата само, еве сме се фокусирале сега на една и само на тоа да гледаме, бидејќи сето ова влегува во потрошувачката кошница. Да видиме и овие со текстил, да видиме и тука, зошто да речеме, ние кај нас во Македонија имаме 2 до 3 пати поскапи патики од Соединетите американски држави значи, од иста марка, не е битно сега која, да не ја споменувам. Што е причината? Дали имаме лојална или нелојална конкуренција, сакам и за тоа да разговараме и за тоа и тоа ќе биде една општа акција која што ќе следи, која што ја разговаравме и со Комисијата за заштита од конкурентност со Државниот пазарен инспекторат со министерот и заменик министерот во Министерство за економија и труд, ова вака нема да остане. Јас незнам зошто не ме разбираат сериозно некои луѓе. Реков дека трикови нема да толерираме, можеме како луѓе да седнеме, да се договориме, секогаш сме подготвени за компромис, секогаш сме подготвени за договор, нема никаков проблем, но не со трикови, со трикови нема да стигнеме далеку, затоа што така не навредуваат и ги навредуваат граѓаните. Јас ја разбирам политичката битка на опозицијата, можеби и таа е легитимна, да рече Владата е виновна за сето ова, бидејќи што друго ќе кажат, нема друга тема, сега зошто се чешчлаш на лево, не на десно, јас се тоа го разбирам и тука имам некакво разбирање, но ние мораме да бидеме над ситуација, мораме да бидеме сериозни и сериозно да пристапуваме и во анализата, но и ова акцијата. Така што, да, ова е само прво полувреме, ќе има и второ полувреме, ќе има и трето полувреме и ќе има поголем опфат. Мораме да ги намалиме овие дивеење кои што се на грбот на граѓаните. Повторно ќе кажам, јас разбирам пазарна економија, разбирам слободна пазарна економија, сето тоа ми е јасно, но поединци не можат својата позиција на пазарот да ја злоупотребуваат на грбот на граѓаните и на товар на стандардот на граѓаните. Ние како Влада во периодот кои што следи, планираме голем дел и од така наречените пара фискални давачки да намалиме, нешто што исто така позитивно би требало да влијае врз намалувањето на цените. Јас ќе ве потсетам не така одамна, инфлацијата беше 19, 20, 21%, годината ја завршивме со просечност од 3,5%, дали е голема или мала тоа е друга тема, нашата цел е да ја намалиме под 3% да биде во рамките на 2, 2.5% зошто и не и под тоа, но за тоа треба партнери, ако нема партнери, тогаш ние како Влада ќе мораме да ги преземе сите механизми за да го заштитиме стандардот на граѓаните и верувајте дека тоа ќе го сториме. Дополнителен одговор Почитуван пратеник Бојан Стојаноски, често пати беше критикуван т.н. заем од Унгарија од 1 милијарда евра и јас ќе дадам една кратка антропологија на тоа што го критикуваше опозицијата. Кога на почеток најавивме 500 милиони евра од Вашингтон, при мојата прва посета на Вашингтон за време на НАТО Самитот, тогаш излегоа, аха сега Мицко лаже, рече една милијарда, сега само 500 милиона. Зашто вака прави, нели му е срам, итн, каде, кој ги изеде овие пола милијарда и слично. И, добро. Тогаш се обидовме да им објасниме, луѓе ќе дојде обврзница, вие сте ја подигнале 2018 година, јануари 19-ти ќе треба да ја вратиме, 25-та. Да ги сочуваме парите, тогаш да ги повлечеме, да не плаќаме камата, милион - два камата, сепак нешто значи, зошто тоа да го правиме, зошто вака, ќе направиме некоја градинка, некое училиште повеќе, ќе закрпиме некоја дупка што сме ја наследиле од вас, имајте толеранција, нема потреба, ќе направиме некој километар експресен пат, тоа ни е, за тоа ги чуваме парите. Не престанаа со критиките, не престанаа со нападите, го објавивме јавниот повик за финансирање на проекти во општините, сите општини се пријавија, си понудија проекти, си дадоа проекти, нормално тука најголемиот дел од општините се од коалицијата која што ја предводи ВМРО ДПМНЕ, но има и речиси од сите општини во кои што има градоначалници од редовите на СДСМ. Пријавиле проекти, веќе дел од нив и ги тендерираат, ќе ги работат претпоставувам, тоа ќе им биде надежта дека ќе бидат избрани на следните локални избори, иако не верувам дека така ќе биде, но тоа ќе им биде надежта со која што ќе излезат пред партиските органи и ќе бараат поддршка од страна на раководството на СДСМ и коалицијата која што ја предводи СДСМ. Тогаш не им пречеше. Сега повторно поминавме на седница на Влада, во вторникот, информација со која што ја отпочнуваме постапката, на следната седница во вторник ќе ја поминеме потпрограмата АА во која што се средствата од овој кредит за финансирање на проекти во локалната самоуправа и очекувам на петти февруари Министерството за локална самоуправа да го распише повикот и некаде таму до 30 април да трае. Има измена, со тоа што ќе има измена во делот на потребните документи кои што ќе треба да ги обезбедат општините, а тоа е, овој пат нема да бараме одобрение за градба, туку потребни документи согласно закон за отпочнување тендерска постапка. Па така ќе имаат уште некој месец повеќе за да можат да обезбедат и одобрение за градба. Да не го продолжуваме, да не интервенираме, оставаме простор од речиси три месеци за да можат сите општини да аплицираат, да добијат пари и да градат за граѓаните. Бидејќи, нема наша, ваша општина. Сите општини се заеднички, на Македонија, на македонските граѓани и тука нема ВМРО, СДСМ, итн. ДУИ, Алијанса, ВЛЕН, БЕСА, итн. Сите се исти. За нас како Влада буквално сите општини се исти, дали се од независни кандидати за градоначалници, или од кандидати за градоначалници со политичка припадност, за нас тоа буквално нема никакво значење. Битно е граѓаните да добијат нов булевар, нова улица, нова прочистителна станица, нов водовод, нова канализација, ново училиште онаму каде што е потребно, нова градинка онаму каде што е потребно, така што, сега веќе не пречи тоа што бил унгарски кредит. Исто така на вчерашната седница донесовме одлука да финансираме 250 милиони евра во стопанството, во бизнисот и некој ќе рече, зошто 250 милиони, затоа што ако направите анализа, ќе дојдете до заклучок дека вкупната побарувачка на кредитите во Македонија во бизнисот е 250 милиони евра. Токму од тие причини ние определивме 250 милиони евра, со што навистина ќе им олесниме на бизнисот, на компаниите. Во која мера? Пред неколку дена имав состанок со гувернерката на Централната банка и разговаравме на многу теми и меѓу другото направивме една кратка анализа околу каматата која што ја добива бизнисот кај нас и таа во Европа и за прв пат после многу години каматата на заемите кои што ги подига бизнисот и онаа во Европа е идентична. Таа е некаде од прилика 4,7%. Ние преку развојната банка на бизнисот ќе им понудиме 1,95%. Секогаш, секогаш искуството вели дека 2-3% бизнисот во Македонија од македонските банки имал повисока камата од таа што ја имале европските компании од европските банки. Сега е таа бројка негде 4,7%, значи нивелирана, ние како Влада донесовме одлука, преку Развојната банка и комерцијалните банки, на бизнисот да му понудиме заеми со до три години грејс период, до 15 години рок на отплата и каматна стапка од 1,95%, заеми за да може да се развиваат, да го растеме домашното производство и да бидеме повторно онаму каде што заслужуваме да бидеме, а тоа е, е во врвот во регионот. И тоа не пречи, значи 250 милиони евра за локалната самоуправа, 250 милиони евра за бизнисот. Е сега, дојде на ред и оние другите 500 милиони евра да ги земеме, тоа беше јануари, овој месец, на почетокот и да ја комплетираме милијардата која што ја ветивме пред изборите. Ние ја ветивме оваа милијарда и за дел од тие ветувања, вклучително и оваа милијарда, добивме 430-440 илјади гласа, сега точната бројка, 35 мислам дека беа. Опозицијата доби нешто помалку, од прилика три пати и ние врз основа на таа бројка спроведуваме таква политика. И овие 500 милиони евра ги подигнавме за да можеме да вратиме 500 милиони евра еврообврзница која што во 2018 година на рок од седум години е подигната од претходната Влада на СДСМ, во тоа време предводена од господинот Зоран Заев. Како се одлучивме на овој чекор? Откако направивме детална анализа на финансискиот пазар во светот, со многу економски оператори кои што најчесто ги купуваа државните обврзници во светот, разговаравме и дојдовме до заклучок дека во моментот, врз основа на оваа, би рекол, политика и врз основа на овие правила на пазарот, каматата која што би можеле да земеме преку еврообврзница е некаде околу 6,25% и треба да сме среќни ако добиеме таква каматна стапка, за седум или осум годишна државна обврзница, за сума од 500 милиони евра, за да можеме да ја вратиме оваа од 2018 година. И тогаш сте пред дилема и велите, тогаш подобро да земеме 3,25%, да заштедиме 3% или тоа е на 500 милиони евра, тоа е 15 милиони евра, или ако сето тоа го помножиме по 7 години, тоа е 105 милиони евра, па дајте за овие 105 милиони евра да направиме нешто за граѓаните, некоја нова улица, некое ново експресно патче, еве да речеме, патот што го направивме, односно го завршивме, го почнавме во наше време, па потоа овие од СДСМ и ДУИ го продолжија, ние го завршивме, од прилика толку кои што ги поврзува Страцин и Крива Паланка. Овој од Градско –Фариш – Дреново, тој е нешто поефтин, исто започнат во тоа време, како проект да се развива итн, но со овие 105 милиони евра сега ќе можеме да направиме експресен пат до Прилеп. Тие што ги заштедивме со овој кредит, за да вратиме државна, односно еврообврзница се извинувам, земена во Владата на СДСМ и ДУИ во 2018 година. Сепак, 105 милиона се 105 милиони евра. Сега, можеби за комунистичката буржоазија тоа ништо не е значи, но за обичните граѓани, за луѓето кои што работат и живеат за плата и од плата, тоа значи многу. Бидејќи, на тој начин ќе спасиме многу човечки животи, на тој начин ќе спасиме многу луѓе, поради ситуациите вакви какви што се ги загубуваат своите животи трагично на македонските патишта. Така што, јас мислам дека од оваа гледна точка направивме одличен мост, да ги превесламе сите оние предизвици кои што ги наследивме, бидејќи ќе ве потсетам, сметката на Владата на 24 јуни претходната година беше минус 12 милијарди денари. Од прилика околу минус 200 милиони евра кои што мораше ние да ги вратиме и денеска можам да кажам дека со задоволство сме дојдени до бројка негде од 50-тина милиони евра, годината ја завршивме со 38, сега сме околу 50-тина милиони евра, така што и најголемиот дел од парите од претходната половина милијарда стојат, не се потрошени, најголемиот број од парите стојат, тука се. Како велеше еден, стојат парите тука, не се потрошени, да знаат да бидат сигурни, немаме тука дилема, се си стои, така да не се сеќираат граѓаните, ќе бидат потрошени за проекти на граѓаните и за бизнисот и за економијата. И за доброто на Македонија.