О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Пренџов, поставено на 26-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 декември 2024 година Почитуван Љупчо Пренџов, следната година очекуваме да биде година кога конечно ќе дојдеме до состојба нула и ќе можеме да ја развиваме Македонија онака како што сме замислиле и цениме дека треба да се развива. Оваа година, 2024 година, беше година на стабилизација, односно година кога слободното паѓање кое што ни се случуваше, престана и полека почнавме да се враќаме на состојба нула, односно очекувам таа состојба нула да се случи некаде пролетта следната година. Иако некои индикатори, некои параметри велат дека и сега имаме една таква состојба во многу области, дури и дека состојбата е пред оние години на криза во 2019, 2020, 2021, дека овие месеци веќе првите индикатори се појавуваат како такви, но јас не би бил таков оптимист, иако имам основа зошто да бидам, бидејќи разговаравме и со министерката пред два дена каква е состојбата со Буџетот, и со капиталните инвестиции, што е она што можеме да очекуваме и навистина побргу од нашето очекување, тие индикатори се во нормала. Ако почнавме со минус 12 милијарди денари, односно со минус 200 милиони евра, денеска сме плус 58 да речеме. Настрана од оние кои што од унгарскиот кредит, првата транша стојат на сметка на Министерството за финансии и се подготвени за инвестиции. Изминатава година, односно оваа година која што изминува за овие уште неколку дена, очекувам историски најголемо ниво на странски инвестиции, поголеми од 1 милијарда евра. Со што ќе бидеме од првите три економии во Европа по глава на жител. Кога станува збор за привлекување на странски директни инвестиции. И вие сте во право кога велите за осум инвестиции, тоа е процес во кој што имаме и нови, но имаме и такви кои што беа заборавени од претходната Влада, а започнати, кои што сега ние ги одглавивме заедно со институциите кои што работат во реализација на странските инвестиции и тие се веќе во процес на инвестирање и се разбира договоривме нови кои што ќе почнат да се реализираат следната година. Станува збор за нови 2800 работни места, а веќе сме во процес на нови 15 кои што ги преговараме и се во завршна фаза, од кои ќе биде една навистина голема инвестиција од 360 милиони евра, кои што очекуваме откако ќе ги завршиме разговорите на почетокот на следната година во јануари месец да ја објавиме, нешто што ќе значи огромна сума на пари кои што ќе влезат во извозното портфолио на државата. 500 нови вработувања, високо платени, добро платени, современа технологија, мораме постепено некако да правиме, би рекол, менување на филозофијата и именување на инвестициското портфолио на државата за да можеме да ги следиме тековите кои што следата, а тие се немилосрдни и ќе има големи и на глобалната сцена промени во годините што следат. Прашањето како ја гледаме ние нашата македонска економија за 5, 10 години од денес, тоа е суштината. Ние денеска ги поставуваме темелите на тоа како треба да изгледаме на 5-10 години од денес. И мислам дека оваа инвестиција во висока технологија, ако биде се како што очекуваме дека ќе биде, ќе значи огромно влијание позитивно врз БДП кога ќе го достигне својот максимум таму некаде 2028-29 година. Но вкупната ќе биде од прилика 360 милиони евра. И други 14, од вкупно 15, кои што сме во фаза на преговори. Можам да кажам дека зголемениот БДП во третиот квартал е одличен индикатор на ниво од 3%. Е одличен индикатор и ако го споредиме со земјите од регионот, но и тие во Европа, тогаш македонската економија, барем во овој трети квартал, е помеѓу шесте најбрзо растечки економии во Европа. Јас очекувам и во четвртиот квартал ова да продолжи, имајќи ги во предвид индикаторите за првите два месеци со кои што располагаме, тоа с е месеците октомври и ноември. Очекувам и тука да продолжи и не би се изненадил ако дојдеме до 4%. Што мислам дека ќе не стави во првите три најбрзо растечки економии во Европа. А тоа пак ќе резултира со годишно зголемено домашно производство, Бруто домашно производство од 3%. Ќе ве потсетам, кога Светска банка објави дека проектира дека оваа година македонската економија ќе расте 1,8% од опозицијата поитаа да ликуваат и да велат, еве само 1,8%, најслаби сме, итн. притоа не водејќи сметка дека нивниот прв квартал беше 1,1% раст на БДП, потоа коригиран дојдоа до 1,8%. Не можат ни да го пресметаат, а не па да го одработат. Така што сега овие 3% во номинала ќе претставува 70% повеќе од тоа што го предвидуваше Светска банка. И ќе не стави повторно на мапата на брзо растечки економии. Тоа треба да продолжи, ако ништо повеќе, што можам од сега да го кажам, бидејќи ме прашавте кои се клучните економски перспективи и во следната година, зошто, затоа што веќе почнува реализацијата на капиталните инвестиции во општините кои што се резултат на првиот повик, каде што директно имавме 5 милијарди денари и дополнителни, одприлика, 1 милијарда преку Министерството за транспорт. Веќе почнаа, веќе првите камен темелници тука во Скопје се поставија, бевме во Гази Баба, во Црешево каде што имаме нова спортска сала, бевме во Кисела Вода, кон местото познато како Пеленица, реконструкција на тој пат и тоа е добар пат не само за општина Кисела Вода, туку и за соседната Студеничани, бидејќи Горно и Долно Количани го користат тој пат таму. И продолжуваме понатаму нагоре да одиме, нешто што претставува децениско барање на граѓаните од тие средини. И во деновиве до Нова Година ќе имаме уште два, три такви камен темелници кои што се резултат од овој тендер, имаме во Петровец, вчера разговарав и со градоначалникот на Илинден, таму завршуваме со болницата, односно амбулантата, каде што прв пат тие неколку општини, како што се Петровец, Илинден и Зелениково ќе можат да добиваат основни медицински услуги, посебно во примарната заштита и дел од секундарната здравствена заштита, гинеколози, педијатри, интернисти, итн. нешто што до сега не се случуваше. А веќе следната година во февруари месец очекувам да овие 15 милијарди денари, 250 милиони евра, почнат да се задвижуваат. Истовремено очекувам еден голем стопански капацитет да профункционира повторно, најдоцна до крајот на првиот квартал следна година, да биде веќе функционален. Тоа е значи дополнителни 300-350 милиони евра инвестиција, односно не инвестиција туку извоз, нешто што е повторно поврзано со извозното портфолио и ќе влијае позитивно на македонската економија. очекувам веќе од јануари месец комерцијалните банки да почнат да ги даваат кредитите за стопанството, оние 250 милиони евра за инвестиции што ќе имплицираат дополнителни минимум 50 милиони сопствени инвестиции, или ќе рече вкупно 300 милиони евра, што претставува речиси 2% од БДП. Исто така тука не можеме а да не ги споменеме реализацијата на капиталните инвестиции кои што се под ресорот транспорт, засилената изградба на автопатите кои што се дел од коридорите 8 и 10-д, експресните патишта. Новите проекти кои што ќе почнат да се работата и забрзаната динамика на реализација на проектите кои што се дел од железницата и исто така консолидирањето во енергетските компании, повторно рестартирање на проектот за изградба на далноводот Битола – Елбасан, потоа тука е консолидирањето на ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ во делот на намалување на увозот на јаглен, а повеќе искористување на сопствените ресурси, со што оперативните трошоци се намалуваат, остануваат повеќе пари, тоа значи помалку трансфери од Буџетот, тоа значи повеќе пари во Буџетот за капитални инвестиции. Сето тоа си има некаква причинска последица и сето тоа е поврзано. Се разбира тука никако не смееме да го заборавиме и јавната потрошувачка, односно очекувам дека со зголемувањето на платите во образованието, со зголемувањето на платите во здравството, со зголемувањето повторно на пензиите и тој дел во јавната потрошувачка ќе биде исто така еден драјвер кој што ќе помогне во овој цел процес. Реализирањето на капиталните инвестиции во другите министерства кои што исто така се дел од следниот развоен буџет на Владата. Така што сето ова ако се анализира, јас очекувам 2025 година и покрај тоа што е изборна година, и покрај тоа што можеби ќе имаме одреден застој кој што е морален, поради законските ограничувања, да имаме во регионот еден од најсилните порасти на економијата, доколку нормално нема некои непредвидени случувања на геополитичка сцена кои што би можеле да имплицираат влијание негативно врз македонската економија и мислам дека резултатите во следната 2025 година ќе бидат уште, уште подобри од овие со кои што ќе ја завршиме 2024 година. Ќе повторам, мораме да се фокусираме на тоа каде ја гледаме нашата македонска економија за 5 до 10 години од денес. Многу се радувам што многу луѓе, мои поранешни студенти ми се јавуваат, ми пишуваат пораки, дека дел од нив се враќаат, бараат работа тука, посебно во зоните во производните капацитети и погони, тоа многу ме радува и ме охрабрува дека е добра основа да се продолжи и понатаму.