Најважно
350 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Предлог-измените на Буџетот предвидуваат дефицит од 4,1% од БДП

Резиме

Пратеникот Фатмир Битиќи праша дали Владата планира ребаланс со зголемување на дефицитот, дали ќе се пробие планираната сума од 39,2 милијарди денари и дали во Министерството за финансии било разгледувано сценарио за дефицит до 6%. Во образложението изнесе критики за буџетската политика и податоци за приходите и расходите; во текстот сумата од 39,2 милијарди за дефицитот е наведена и како евра, иако прашањето ја формулира во денари.

Министерството за финансии соопшти дека доставило циркуларно писмо до буџетските корисници за намалување на средства за проекти за кои немаат склучено договор, со можност за одложување на спроведувањето. Наведе дека подготвило Предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, со кој дефицитот е утврден на 4,1% од БДП, и дека воопшто не разгледувало предлог за дефицит од 6%.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Фатмир Битиќи

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Фатмир Битиќи, поставено на 103-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 28 мај 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Второ прашање исто така, до министерката и се однесува на дефицитот кој ја открива вистинската состојба на јавните финансии. Јавниот долг е последицата, каматите се цената но, дефицитот е симптом што покажува дека Буџетот троши побрзо од колку што собира. А, кога тој симптом се повторува од месец во месец, тогаш може да зборуваме само за веќе воспоставен начин на управување со парите на граѓаните. И, ќе потсетам бидејќи се заборава, Законот за Буџети поставува цврсто фискално правило. Дефицитот на општата Влада не треба да надмине 3% од Бруто Домашен Производ. Тоа правило е заштитен механизам против политичката самоволност во трошењето на јавни пари. Но, Буџетот во 2026 година веќе е планиран на дефицитот од 3,5% од БДП, значи уште од стартот на годинава Владата не се придржуваше кон ова фискално правило. Проблемот е уште по сериозен затоа што, фискалната стратегија 2027 година - 2031 година не ја коригира таа патека. Туку ја претвора во среднорочна рамка и го нормализира дефицитот како трајна буџетска состојба. И, ова значи пресметките ви ги кажав во вторник, но ако ги видите последните податоци до 26 мај на фискалниот бројач, приходите изнесуваат 139 милијарди денари односно 36,95% од планот, додека расходите изнесуваат 167,2 милијарди денари и 40,35%, оваа разлика меѓу приходите и расходите веќе изнесува приближно 29 милијарди. Ако знаеме дека буџетскиот дефицит е 39,2 милијарди евра тогаш до 26 мај, 73% од планираниот дефицит е веќе потрошен. Инаку на 22 мај беше 76%, на 15 мај беше 81%, овие денови се подобрил приходот. Дополнително капиталните расходи не можат целосно да бидат алиби за овој дефицит. Затоа што, знаете каква е состојбата. Гувернерот на Народната банка Трајко Славевски, човекот од истата економска политичка провиниенција во интервју отвори можност дека дефицитот може да отиде до 6%, кога и од таа позиција се појавува предупредување за поголем дефицит тогаш Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола. И, затоа прашувам. Дали Владата планира Ребаланс на Буџетот со зголемување на дефицитот. Дали ќе го пробиете веќе планираниот дефицит од 39,2 милијарди денари и дали сценарио за дефицит до 6% е веќе разгледувано во Министерството за финансии. Прашањето го поставувам до министерот за финансии.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за финансии

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - СКОПЈЕ Бр.-Nr. 08-3769/3 20.07.2026 рег.-вид

Република Северна Македонија Министерство за финансии

Архивски број: 08-4637/2 Датум: _____._____.2026 година 22 -06- 2026 ДО: Собрание на Република Северна Македонија

Предмет: Одговор на пратеничко прашање Врска: Допис бр.08-3769/2 од 02.06.2026 година

Почитувани,

Во однос на писменото Пратеничко прашање од страна на пратеникот Фатмир Битиќи поставено до министерот за финансии на 28 мај 2026 година кое гласи: „Дали Владата предлага Ребаланс на Буџетот со зголемување на дефицитот. Дали ќе го пробие веќе планираниот дефицит од 39,2 милијарди денари и дали сценариото за дефицит до 6% е веќе разгледувано во Министерството за финансии.

Министерството за финансии го дава следниот одговор:

Согласно член 36 од Законот за буџетите (“Службен весник на РМ” бр.64/05, бр.4/08, 103/08, бр.156/09, бр.95/10, бр.180/11, бр.171/12, бр.192/15, бр.167/16 и “Службен весник на РСМ” бр.151/21, бр.3/25), Министерството за финансии ја следи состојбата на приходите и другите приливи, реализацијата на планот на расходите и другите одливи на Буџетот на Република Северна Македонија и предлага изменување и дополнување на буџетот.

Имајќи ја предвид реализацијата на расходите, отстапувањата од планираната реализација кај одредени буџетски корисници и неизвесноста предизвикана од глобалните фактори, Министерството за финансии достави циркуларно писмо до буџетските корисници за намалување на средствата за проекти за кои немаат склучено договор со можност за одлагање на имплементацијата, независно од планираните буџетски средства, а со цел да се обезбеди непречено функционирање на институциите.

Буџетските корисници доставија соодветни предлози за дополнителни средства за одредени потреби до крајот на годината, Министерството за финансии изврши усогласувања со цел изработка на реални проекции, односно буџет во кој приходите ќе бидат утврдени на ниво кое ќе биде на реална основа, а соодветно утврдени се расходите кои се приоритетни и кои можат да се реализираат до крајот на 2026 година.

1 Министерство за финансии Ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје +389 2 3255 300 Република Северна Македонија Република Северна Македонија www.finance.gov.mk MQS

Република Северна Македонија Министерство за финансии

Имајќи го предвид горенаведеното, Министерството за финансии со Предлог измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година го ревидираше нивото на буџетски дефицит за 2026 година.

Воедно, ве известуваме дека во Министерството за финансии воопшто не се разгледувал предлогот за буџетскиот дефицит од 6%.

Во контекст на горенаведеното ве известуваме дека со Предлогот за Изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година буџетскиот дефицит е утврден на ниво од 4,1% од БДП.

Со почит,

Министер за финансии м-р Гордана Димитриеска - Кочоска

Изработил: Наташа Каровчевска Контролирал: Тоше Пановски Одобрил: Floreta Hasani Аница Иваноска-Стрезовски/Танја Трипунова Проверил: Марија Бишковска/Душица Илиевска Јасмина Букиќевиќ Согласен: д-р Адријана Матлиоска

2 Министерство за финансии Република Северна Македонија Ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје Република Северна Македонија +389 2 3255 300 www.finance.gov.mk

Сите пратенички прашања