Најважно
353 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Планирање нови центри за услуги и услуги достапни во постојните

Резиме

Пратеничката Даниела Христова праша дали Министерството за дигитална трансформација планира центри за услуги во сите градови и кои услуги ги нудат тие. Таа истакна дека е потребна поголема промоција на центрите.

Министерот рече дека во 2024 и 2025 година биле отворени осум нови центри, а отворање центри во Прилеп, Ресен, Крушево, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Кратово е во план. Во центрите се достапни изводи од матичните книги, потврда за слободна брачна состојба, уверение за државјанство и потврди од Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Пензискиот фонд и Катастарот, како и други услуги од националниот портал. Тој најави и киосци за услуги, кои сè уште се тестираат и се планира да бидат поставени во трговски центри и други места.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Даниела Христова

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Даниела Христова, поставено на 82-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 29 јануари 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Почитуван министер, Министерството со кое вие раководите е релативно ново, но за периодот откако е формирано па досега, постигна високи резултати и воспостави стандарди кои навистина недостигаа во Република Македонија. Брзата реализација на стратешките активности, подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работењето се доказ дека вистински реформи се можни кога се има визија и одговорност кон граѓаните, а оваа Влада го поседува токму тоа. Министерството за дигитална трансформација постои краток период, но постигна многу. Воведе нови дигитални услуги достапни за сите граѓани. Ги скрати административните процедури и времето на чекање, работи на зајакнување на сајбер безбедноста и заштита на податоците, а исто така воспостави механизми на координација меѓу институциите и така натаму. Она што мене ме интересира и голем број граѓани, се новоотворените центри за услуги во неколку градови во државата, за кое лично јас сметам дека се одлична новина, но и дека е потребна поголема промоција, зашто голем број граѓани не се запознаени и се уште не знаат дека, со посетата на еден ваков центар, конечно ќе добијат брзи, ефикасни и транспаренти административни услуги и сето тоа на едно место. За нив тоа значи многу, затоа што се заштедува време, значи помалку време по чекални, а повеќе време за семејството. Исто така, помалку бирократија, а повеќе функционалност и доверба. Почитуван министер, да го формулирам моето прашање. Дали планирате вакви центри за услуги во сите градови во Република Македонија и дали може да не запознаете конкретно какви услуги нудат овие центри.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за дигитална трансформација

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Даниела Христова, поставено на 82-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 29 јануари 2026 година Ми се чини дека во две години покажавме како Владата и Министерството можат да испорачуваат резултати со добра организација и со истите буџети кои што и претходно ги имале, но со добар менаџмент и за да не звучи ова како флоскула, јас кратко ќе зборувам со бројки. Овие два проекти кои што се поврзани, а тоа е порталот за услуги кои што ги нуди сите овие услуги за граѓаните, сега вкупно 310. Кога започна Министерството со работа нудеше само 80 услуги. Но и овие два проекти беа пред изумирање и на раб на укинување, затоа што не беа воопшто исплатливи. Затоа што, во тој момент се користеа помалку од 1600 просечно месечни услуги на порталот, за денеска бројката да се искачи на 13.445 месечно. На раб на укинување, затоа што во тој момент имаше само сто илјади корисници на националниот портал за услуги, денеска има на 240 илјади корисници. Да одам на центрите за услуги, конкретно. За пет години од нивното отворање вкупно работеа пет центри за услуги, Скопје, Тетово, Куманово, Охрид и Битола, кои што за жал, месечно односно годишно нудеа помалку од 3000 услуги. Во 2024 година нудеа 5700 услуги, а денеска, односно за 2025 година бројките се дека нудат 11.593 услуги. Отворивме осум нови центри во 2024 и 2025 година. Ќе ги кажам за граѓаните да ги знаат. Аеродром, Јегуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино и Делчево, а во план ни се отворање на нови центри за услуги во Прилеп, Ресен, Крушево, Гевгелија, Гостивар, Кочани и Кратово. По овие центри за услуги веќе од минатата недела граѓаните можат да ги добијат сите изводи, извод од матична книга на родени, венчани, умрени и потврдата за слободна брачна состојба. Од претходно можат да го добијат уверението за државјанство, потврдите од Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Пензискиот фонд и Катастарот, како и сите други услуги кои што се веќе достапни на националниот партал за услуги. Граѓаните ова го препознаваат и затоа и користењето е зголемено. Само во изминатата недела 500 наши сограѓани не чекаа во редови пред матичните служби, туку добија извод електронски, а 210 наши сограѓани не чекаа пред редовите на Фондот за здравствено осигурување. И, секоја нова услуга која што ќе излегува и во наредниот период ќе биде достапна и во центрите за услуги. Би сакал, еве во овој краток одговор, да најавам и една нова работа која што веќе ја тестиравме со претседателот на Владата кон крајот на минатата година, а тоа се киосците за услуги, замислете ги како еден вид на електронски терминали за услуги кои што ги ветивме и во Програмата за избори и во Програмата за Влада. Веќе разговараме со неколку трговски центри и свртувалишта на голем број на наши сограѓани во државните институции. Ќе бидат поставени за 24 часа, 7 дена во недела, без посредници од било кој вработен или било кој дел од институцијата, да можете да си подигнете некоја услуга која што ви е потребна, да ви се испечати на лице место или да си ја испратите електронски на вашата меил адреса и да завршите работа за 5 минути, нешто што порано би ви требало со денови, затоа што чисто го кажувам примерот, порано нашите сограѓани кои што работеа и живееја во Скопје, а потекнуваа од други градови, за потврда за неосудуваност им беа потребни два слободни дена од работа, а денеска им требаат 2 минути од нивниот мобилен телефон.

Сите пратенички прашања