О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Биљана Кузманоска, поставено на 82-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 29 јануари 2026 година Благодарам. Второто прашање се однесуваше за одлуката на Владата за набавка на 150 нови автобуси, каков е планот, кои општини ќе бидат корисници, која е динамиката. Најпрвин сакам да кажам дека, како никогаш досега Владата ги поддржува општините низ Македонија и од една страна во јавноста имаме напад кој што доаѓа од дел од опозицијата, која што имаше седум години можност како Влада нешто да направи за државата, за граѓаните и за општините и од друга страна од останатиот дел од опозицијата која што по принципот критикувај, критикувај, критикувај, а без притоа да нудат реални решенија и немаат одговор на второто прашање, мислат дека ќе добијат политички поени. Оваа Влада, а ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија посебно, има темелна вредност која што вели, да, критикувај, но и треба да нудиш решенија, а кога ќе имаш можност, кога си влада, тие решенија и да ги имплементираш. Сите зборуваме за квалитетот на воздухот, за аерозагадувањето и многу пати сме зборувале во јавноста дека најголем причинител за аерозагадувањето и сето тоа што се случува, можеби е неможноста, а досега немањето капацитетот од страна на властите да овозможат загревање, односно затоплување на домовите на граѓаните со еколошки енергенс. И тие нормално кога немаат друга можност, применуваат методи на користење на фосилни горива, дрва и така натаму. Но не помал, односно значаен дел во делот на аерозагадувањето е и сообраќајот. Да речеме ако горењето на фосилни горива за време на грејната сезона е некаде околу 40% до 50%, некаде околу 10% до 15%, а можеби и повеќе во зависност од општините, имаме и од автомобилите и така натаму. Она кое што можеме ние како Влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде што има организиран транспорт кој што ќе биде еколошко. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси, кои што се електрично, би рекол, придвижени, односно на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое што за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од Влада со Влада, стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел ќе бидат обезбедени од Буџетот, под услови подеднакво добри како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија. Од овие 150 нови автобуси, бидејќи прашањето содржи и како, и каде ќе бидат распределени. Ќе бидат распределени во сите општини во кои што има организирано јавен градски превоз. Градот Скопје побара 250, ќе добие 100, а останатите општини побараа 98, ќе добијат 50 автобуси. И, на два автобуси, има еден полнач за истите предвидено. Така што, почитувана пратеничке Кузманоска, очекувам покрај градот Скопје, кој што ќе има некаде отприлика две третини од вкупниот број на автобуси, останатите една третина да бидат распределени во општините во кои што има организиран јавен градски превоз. И тоа е, конкретно за Скопје, во насока на намалување на аерозагадувањето. Тука ќе го споменам и градскиот воз, чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат и втората и третата. И очекувам заедно со БРТ системот, заедно со новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, истовремено производство на електрична енергија и топлина, во периодот кој што следи драматично да се намали аерозагадувањето. И тоа се конкретни потези, не се ова напади, не се ова приказни. Да, сме направиле анамнеза на проблемот. Проблемот велиме дека е тој, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време за да тие точки се решат и се надминат и во тој дел. Така што, еве тука да завршам, процесот е почнат, обезбедено е финансирањето, под услови исти како што ги имавме со претходниот заем, односно три години грејс период со каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до петнаесеттата година отплата во рамките на стратешкото партнерство со Унгарската влада. Е сега, процедурата следи и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба во општините заедно со полначите, ќе повторам, 100 ќе бидат во градот Скопје, а останатите 50 ќе бидат низ останатите градови и општини кои што имаат организиран градски превоз. Сакам уште ова да го споменам, за да не заборавам. Оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, би рекол, ефектот е повеќеслоен. Позитивен е за аерозагадувањето, односно нема да има. Но, исто така и позитивен ќе биде во делот на одржување на истите. Ако се спореди со одржување на автобуси кои што се погонувани на изел гориво или на бензин, тогаш овие електричните ќе имаат многу поекономично одржување за време на нивното користење. Така што, еве тоа би бил мојот одговор на вашето прашање. Благодарам. Дополнителен одговор: Благодарам. Во периодот кој што следи, очекувам најмалку десеттина нови инвестиции кои што драматично ќе го зголемат инвестициското портфолио во Македонија. Инвестиции со кои што веќе сме во завршна фаза на преговори. Но, она кое што претставува наш приоритет како влада, почитувана пратеничке, е фактот дека сакаме инвестициското портфолио да го малку измениме споредено со тоа што беше во минатото. Во минатото кога станува збор за странските инвестиции, фокусот беше на автомобилската индустрија. Сега сакаме да се обидеме и веќе преговараме со, во завршна фаза се тие преговори, дел од тие преговори се и потврдени, со инвеститори кои што ќе донесат инвестиции во сосема други области, како што се високата технологија, енергетиката, фармацијата и така натаму. Многу ни е важно тоа портфолио да биде различно, затоа што, гледате една криза кога ќе се случи, веднаш тоа имплицира економски, би рекол, негативни вредности. И тоа не е добро. Тоа што мене ме радува, барем во првите 11 месеци во оваа година, а очекувам така и да ја завршиме годината, е фактот дека индустриското производство во Македонија, за прв пат после, би рекол неколку години, пет, шест години, ќе има позитивна вредност. И ќе биде најголемо во оваа 2025 споредено со последниве пет, шест години. Тоа е наследството од минатото. Ние мораме да се споредува со наследството од минатото. Ние често пати кога слушаме опозицијата како напаѓа, се забораваме дека седум години душмански ја уништуваа државата. Душмански ја уништуваа државата. И ние забораваме дека во тие седум години, а најмногу тие забораваат, тие се причината зошто да речеме, дел од бизнисот стави клуч на врата и една, две странски инвестиции заминаа, па моравме да донесеме неколку други кои што ќе ги заменат тие странски инвестиции. Се однесуваме, и ние, морам да признам, ова е и наша критика, бидејќи ова е дваесетти месец од изборот на оваа Влада, како да заборавивме претходно дека десет години живеевме под притисок и криза генерирана од тогашната опозиција, а потоа влада, како да заборавивме на многу скандали од минатото кои што се случуваа, од првиот ден па до ден денеска. Како да заборавивме дека почетокот на оваа Влада беше не на нула, ние се мачевме да дојдеме на нула. Туку од длабок минус во било кој поглед, оваа година ако треба да вратиме, не знам, негде околу 2,5 милијарди евра, следната треба да вратиме милијарда и шесто. По таа треба, две и пол милијарди. Кога ќе ги соберете вие, кога ќе сфатите дека за овие три години ние треба да вратиме еден Буџет цел од 7 милијарди, или да презапишеме, тоа се сѐ долгови од претходната Влада, се е од претходната Влада, тогаш навистина треба да се запрашаме дали овие луѓе се свесни за реалноста. Јас имам чувство како да заборавиле дека тие се тие кои што ја донесоа оваа држава до овие гранки, односно во ситуација за да мораме ние да се бориме на нула да дојдеме. И фала му на Бога, и благодарение на напорната работа на институциите, дојдовме до таа нула, иако многумина ни велеа, ќе ви треба цел еден мандат за да дојдете на нула. Дојдовме на таа нула и сега можеме да зборуваме веќе за развој. И, секогаш кога се подбиваат блиските на нив, малкумина за волја на вистината, со економските резултати во рамките на овие неколку квартали, треба да се сетат дека ние до скоро бевме на дното, не во Европа, туку во регионот. На дното во регионот. Ние за прв пат оваа година натфрливме 20 милијарди долари бруто домашниот производ. Оваа година, 2025 година, или сме близу 20 милијарди, според Меѓународниот монетарен фонд, не според Христијан. Според Меѓународниот монетарен фонд за 2026 година ние ќе се приближиме на 21 милијарда долари. За прв пат имаме четири цифрени бројки бруто домашниот производ по глава на жител номинални параметри. За прв пат оваа година ќе дојдеме до 11,5 илјади долари бруто домашниот производ по глава на жител. За прв пат ќе дојдеме до 31, 32 илјади долари по куповна моќ. Ќе ја натфрлиме границата од 30 илјади долари. Дали е ова доволно? Не е, но е повеќе од речиси сите во регионот, а бевме позади нив и позади Албанија и позади Косово и позади Србија и позади Босна и позади Црна Гора, сега сме и пред Косово и пред Албанија и пред Босна и Херцеговина, а се приближуваме на Србија и Црна Гора. Таа е затекнатата состојба, дали треба така, јас би сакал и со Германија да се натпреварувам, но таа беше затекнатата состојба, ние мора да се споредуваме со затекнатата состојба. Косово има куповна моќ под 20 илјади долари, Албанија околу 23 илјади долари, Босна е околу 23 илјади долари, ние сме 31, 32, Србија и Црна Гора се околу 34. И очекувам до крајот на мандатот на оваа Влада и ова го збори Меѓународниот фонд, не Христијан. И тоа е резултат на економските политики на оваа Влада, инвестициите, домашни, странски и така натаму. Кога велеа, сме ја задолжувале државата или со унгарскиот кредит од една милијарда евра, заборавија да споменат дека денеска, мислам тоа го вадеа од контекст, малкумина кои што ги бранат во медиумите, што од незнаење, што од намера, дека јас сум кажал дека ние сме имале факт чекери таму некои, анализираат тоа што сум кажувал, дека јас сум кажувал најголем раст сме имале, па, многу внимателно зборувам. Кога зборувам за инвестиции, зборувам за раст во инвестиции во основни средства на македонскиот бизнис и на компаниите тука што се во Македонија и дека тој до е три и пол пати поголем од истиот, за истиот период спореден со Европската Унија. Едно е политика, во ред, ќе плукаме по Владата, ќе плукаме по Мицко, не е проблем тоа, но ова се факти и ова се бројки. Јас разбирам дека кога немаш што да правиш, плукај, во ред, ќе дехидрираат од плукање, но ова се бројки, го гледаат граѓаните. Дали го чувствуваат, рано е, нема да го почувствуваат, затоа што дупката беше голема, но ќе дојде денот кога ќе го почувствуваат. Инаку, да, на таа дупка треба време да помине за да се почувствува. Ние никогаш не ветуваме дека чуда ќе се случат и дека во првите три недели наеднаш мед и млеко ќе потече. Не, не сме такви, нити пак сега го ветувам тоа, но ветувавме напорна работа, чесна работа и тоа го испорачуваме на граѓаните. И ова се параметри и бројки за кои што јас денеска зборувам. Во третиот квартал од оваа година, нашиот Бруто домашен производ порасна за прв пат после не знам колку време со двоцифрен број проценти, над 10, во номинални бројки зборувам, не во реални. Повторно факт чекерите кога ќе ме анализираат, да им потенцирам, во номинални бројки зборувам а не во реални. Така што инвестициите се наш приоритет и државните и приватните да ги субвенционираме и да ги поддржиме за да можат да генерираат нови работни места, но и странските. Благодарам.