О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Лидија Петкоса, поставено на 71-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 ноември 2025 година Заменик министер за правда Благодарам пратеничке за поставеното прашање. Значи, по однос на Кривичниот законик, сведоци сме на скандалозните измени на Кривичниот законик кои се случија во 23-тата година и со кои за цел претходната власт успеа во нејзината нелегитимна цел, односно ги намали кривичните санкции за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, злосторничко здружување а целосно ја декриминализира злоупотребата при вршење на јавни набавки на штета на Буџетот на Република Македонија, јавните фондови и другите државни средства и на тој начин придонесе за застари кривичното гонење за нивните функционери, функционерите од претходната власт, односно на тој начин успеа да ги амнестира и таа е една штетна последица која што не може да се надомести, за жал, имајќи го во предвид начелото на примена на поблаг закон. Токму поради тие причини, веднаш откако ја презедовме власта, пристапивме кон изработка на брзи измени на Кривичниот законик, беше формирана работна група во која значително се заоструваат овие кривични дела кои што се однесуваат на злоупотреба, се инкриминираат и други кривични дела, се заострува кривичната санкција и за безобѕирното возење како дел од пакетот на кривични дела против, односно за безбедноста во сообраќајот на патиштата. Се инкриминираат и други кривични дела, меѓу кои со овие брзи измени се инкриминира и кривичното, односно се вршат измени на кривичното дело телесна повреда при вршење на семејно насилство од член 130 и 131 од Кривичниот законик, на начин што за разлика од досега кога гонењето на ова кривично дело се поведуваше по предлог на оштетената, на жртвата. Во иднина со донесување на овие измени кривичното делот ќе се гони по службена должност односно областен гонител на тоа кривично дело ќе биде Јавниот обвинител. И на тој начин нема да се случува, како што претходно сме имале случај, кога во текот на кривичната постапка жртвата поради било кои причини се откажува од кривично гонење и како последица на тоа судот е обврзан да донесе ослободителна пресуда и дополнително да се надоместуваат процесните трошоци на сторителот на кривичното дело. Во рамки, ова се однесува на брзите измени на Кривичниот законик, кој што очекувам во брз период да бидат донесени тука во собраниска процедура, паралелно со тоа ние работиме и на нов Кривичен законик. Нацрт верзијата на тој нов Кривичен законик е готова. Во моментов нова работна група работи на усогласување на новите директиви. Истото тоа се случува во сите земји во Европската Унија. Дел од тие директиви се однесуваат на кривични дела по однос на заштита на животната средина, инкриминации, но и добар се однесуваат токму на заштитата на жртвите на семејно насилство и жените кои што се жртви при вршење на кривични дела. Овој Кривичен законик веднаш после неговото усогласување со овие директиви ќе биде испратен на мислење до Европската Комисија и нормално во владина процедура ќе биде донесен, па испратен до Собранието на донесување. Меѓутоа тоа што сакам да го напоменам нема да губиме време со брзите измени ќе биде извршена таа измена конкретно на вашето прашање и во иднина жртвите на кривичните дела нема да трпат притисоци да се откажуваат од кривично гонење со цел сторителите да бидат ослободени односно обвинителството по службена должност ќе ги гони сторителите на овие кривични дела и сите ќе одговараат пред судот. Благодарам.