О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Арбана Пашоли, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 18 мај 2026 година Благодарам. Почитувана пратеничке Пашоли, навистина оваа дебата ја имавме и ако добро се сеќавам и вие бевте присутни на таа седница на Комисијата за надворешни работи каде што дадов свој отчет, но за мене е задоволство и да ја повториме. Не е многу променето во последните неколку недели. За да зборувам како одиме напред, мора да се потсетиме и на минатото кое што не е ни некое многу далечно минато. Според мене, европските интеграции имаат два суштински елемент. Првиот е техничкиот, реформскиот, оние реформи кои што ќе ги постигнеме во државата за навистина да ја европеизираме, а вториот елемент е политичкиот елемент. Да се потсетиме, во техничкиот, реформскиот дел, вие до многу скоро седевте во парламентарното мнозинство, презентиравте планови 3 6 9, план 24, се сеќавате, амбициозно најавувани но суштината е дека не успеавте во тој дел. За жал, недостатокот на реформи беше многу видлив и веројатно тоа е една од причините зошто и сега седите во опозиција. Во политичкиот дел, сакам да ве потсетам, зборувавте дека имаме датум за преговори,. Јас колку што се сеќавам, пет, шест години ни ветувавте дека е готов, завршено е, имаме датум за преговори, затоа што имаме одлична дипломатија, многу успеси, но гледаме дека се уште преговори немаме почнато. Во таа смисла, дозволете ми да ви кажам, јас не велам вие лично, но јас велам застапувате политичка опција која што на полето на европската интеграција нема кредибилитет. И не го кажувам тоа како мој субјективен став, туку велам, не сте постигнале ништо во реформите и не сте успеале, иако направивте низа национални отстапки, тука брилијантни бевте, не се успеале на државата да ѝ обезбедите датум за преговори. Тоа е факт. Тоа зборуваме врз основа на фактите. Е сега, се надоврзувате на мојата изјава дека нема услови за уставни измени. Точно е. И ќе ја повторам таа изјава. Во овој момент, под вакви услови, нема услови за уставни измени. Напоменувам дека тоа не значи дека ние треба да прекинеме со дијалогот. Напротив, треба да водиме проактивна дипломатија. Затоа, и за крајот на оваа недела и побарав средба со мојата нова колешка од Бугарија, каде што треба да дискутираме за многу работи, вклучително и за овој неевропски спор кој што и се наметнува на нашата држава. А и тука да бидеме реални, дозволивте вие да и се наметне на нашата држава. Како е патот напред. Како го гледаме патот напред. Прво со максимална фокусираност на реформската агенда, каде што Владата испорачува, повторно, не мој субјективен став, туку погледнете што е она што Европската Унија ни го доверува од европски фондови, а е поврзано со наша испорака. Да не би испорачувале, не би добивале средства од Планот за раст.
Но тука сте потребни и вие, да почнете да го практикувате она што го зборувате. Кога ќе дојдат законите кои се дел од реформската агенда, она зелено копче кое што го имате пред вас, да го притиснете. Да ги подржите европските реформи, не само да зборувате за Европа, туку кога ќе изготвиме квалитетни европски закони, да им дадете поддршка. Изборниот законик следува, и него да го подржите. Правосудните реформите да ги подржите. Тоа е повик кон рационалност и одговорност кон системот на државата и кон онаа Европа кон која што сакаме да припаѓаме. А по однос на нашите политички очекувања. Очекуваме дека земја членка на Европската Унија ќе си го преземе товарот на одговорност да а применува Европската конвенција за човекови права, да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. А очекуваме и како држава дека ќе добиеме дополнителни гаранции и уверувања, како сакате крстете ги, дека државата понатаму нема да биде условувана врз основа на билатерални барања. Е сега, дали сме успеале во нашите активности. Да се потсетиме, пред неколку месеци претседателот на Европскиот совет, господинот Кошта, во Софија кажа, да, на оваа држава треба да ѝ се дадат дополнителни гаранции. Неколку министри за надворешни работи на земји членки на Европската Унија зборуваа дека нашата држава треба да добие дополни гаранции и уверувања. Така да, мерливоста на сите овие работи кои што ги зборуваме, не е само политичка флоскула. Таа се гледа во рамките на резултатите кои што ги испорачуваме, а ние испорачуваме во делот на реформската агенда и ве повикувам и вас да бидете одговорен политички чинител и вие како политичка партија, и целата опозиција да ги поддржи реформските закони. Благодарам.