О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Драгана Арсова, поставено на 82-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 29 јануари 2026 година Благодарам претседателе. Јас немам право на процедурални прашања во еден, односно на процедурални коментари, бидејќи не сум нели координатор на пратеничка група, нити пак сум пратеник. Но, еве медиумите ги молам да ја снимаат оваа страна од салата, бидејќи можам да поверувам во критиката која што беше упатена кон членовите на Влада, а воедно јас бев пофален, бидејќи во суштина факт е дека на секоја седница на пратенички прашања сум меѓу првите. Но, чесно е после час и 15 минути од почетокот на седницата или 1 час ефективна седница за пратенички прашања, опозицијата да биде тука, па дури и прашањата кои што ми се поставени, дури и да не им одговараат, чесно е да бидат тука присутни и да го слушнат одговорот. Но, еве, нека погледаат медиумите да видат за што станува збор, за да не биде потоа дека ние како мнозинство во рамките во Парламентот имаме поинакво однесување и немам намера тука да ги бранам министрите, членови на владиниот кабинет, туку едноставно да го видете лицемерието на претставниците на опозицијата кои што за жал во овој момент отсуствуваат, а устата им е полна со критика кога нешто не е според нивниот критериум. Но како и да е, да се задржам на одговорот на прашањата која што ги постави почитуваната пратеничка Драгана Арсова. Прво, за Давос и Светскиот економски форум. Го замолив и мојот кабинет, но и на луѓето кои што беа со мене, додека сум претседател на Владата, два настани во текот на годината да не ги испуштиме, а тоа се Светскиот економиски форум во Давос и вториот настан е Минхенската безбедносна конференција. Едниот се случува во јануари, другиот се случува во февруари. Првиот е настан во кои што светската, не само политичка, за мене поважно, бизнис елита, но и многу луѓе од науката испраќаат пораки со кои што ги определуваат чекорите, како светот, човештвото ќе се развива во следната декада, две, три. И ние како држава на тие настани каде што тие ги испраќаа тие пораки бевме присутни, а јас лично бев говорник на 3 панели на кои што имав јас сопствена контрибуција. Тоа е значењето на првата. Повеќе геостратешка и политичка е оваа втората во Минхен, на која што ќе бидеме исто така како владина делегација од 12-ти до 15.02, значи за две недели како му доаѓа отприлика од денес и ценам дека овие два настани како држава не смееме да ги испуштиме. Без разлика кој е претседател на Влада, кога ќе заминам јас, кога ќе дојде некој по мене, тоа ќе му биде првиот совет кој што ќе му го дадам. Овие два настани никако не смеат да се испуштат, за да личиме на сериозна држава и држава која што знае што сака. Тоа што оваа година го научивме во Давос е дека можеби следната година треба да имаме поголемо присуство на македонска бизнис делегација, бидејќи главната суштина на Светскиот економски форум во Давос е би ту би, бизнис со бизнис средбите. И таа мрежа што таму се создава, во ред, ние политичарите ќе испратиме и политичка порака, некоја порака со помалку, некоја порака со повеќе визија за иднината, но во суштина мислам дека бизнис со бизнис средбите се тие кои што се посуштински и позначајни на овој настан. Но би сакал да одиме по ред и ќе кажам кои се суштинските придобивки. Ние имавме билатерална средба со највисокото раководство за Европа на компанијата Филипс, затоа што како Влада имаме намера да направиме мапирање на потребите на здравствените установи на целата територија на државата во делот на инструменти и опрема, а цениме дека Филипс е компанија, една од водечките светски компании која што од своето производно портфолио може да испорача многу квалитетна, да не речам светски квалитетна современа опрема за да ги задоволи потребите на нашите здравствени установи. И ако не беше таа средба, ние немаше денеска да знаеме факт дека 35% може да биде Грант, односно од вкупниот Буџет, од вкупното чинење на таа опрема која што тие би ја испорачале, 35% ќе биде Грант, минимум 35%, да бидам попрецизен кој што го обезбедува Холандската извозна банка, агенција, како и да е. Ние, ако нешто чини 100 парички, минимум 35 парички ќе ни биде Грант за нашите здравствени установи од производната гама на светски познатиот бренд Филипс. Да речеме, на тој состанок дознавме дека тие моментално го опремуваат здравствениот систем во Индонезија. Индонезија во делот на населението и бројноста е гигант, негде околу 130 здравствени клинички институции опремуваат во моментот. Втората средба од која што имаме реални придобивки е средбата со третиот веќе мобилен оператор 4ИГ, третиот, зошто велам третиот, затоа што денеска пазарот е така поделен да имаме малтене дуопол. Сега имаме трет и никој не збори, што значи трет. Трет значи конкуренција, трет значи пониски цени, трет значи поголем квалитет за граѓаните, трет мобилен оператор значат многу придобивки за граѓаните. И настрана од тоа, 100 милиони евра вели човекот ќе инвестираме, минимум, минимум 100 милиони евра ќе инвестираме, тоа значи стотици, илјадници, нови работни, добро платени нови работни места и поголема конкуренција. Понатаму, бев панелист заедно со американскиот секретар за енергетика господинот Рајт, заедно со главниот извршен директор на американската оф шор компанија, збориме за трилиони, не за милијарди, АЕС, збориме за главниот извршен директор на компанијата Арамко која што е главна компанија преку која што енергенсите се извезуваат од Саудиска Арабија во светот, потоа, директорот на Светската енергетска асоцијација и така натаму. Ова го споменав на интервјуто пред два дена, три дена, дека две работи беа клучни во пораките и на политичарите и на луѓето од фелата, енергија-струја и вештачка интелигенција. Општество кое што нема ова да го препознае, општество кое што ова нема да го имплементира, реално е осудено на пропаст, нема да биде конкурентно, ќе нема економски развој, ќе нема приходи во Буџетот, ќе нема ни за земјоделци, ни за образование, ни за здравство, ни за ништо. И тоа е многу важно. За да вештачката интелигенција работи соодветно и понуди услуги за граѓаните и за економијата и генерално во општеството, потребно е да имаме дигитална демократија, дигитално општество и да имаме дата центри со робусни, моќни компјутери кои што се континуирани напоени со струја. Тоа значи дека ќе биде потребно да се изградат нови производни капацитети за електрична енергија. Претседателот, односно директорот на Светската енергентска агенција, господинот Фати рече, замислете Нигерија која што е најбрзо растечка држава во смисла на популација и економија, само 5% од домаќинствата користат еркондишни. Јужна Азија која што има најголема густина на населени од 13 до 17% домаќинствата користат еркондишни, односно климатизација во своите домови. За тоа е потребна струја, за дата центрите е потребна струја, вкупно 40 тера вати нов инсталиран капацитет, илјади, 40 илјади тера вати во следнава деценија, не за милениум, деценија. Замислете ние како регион овде да се обединиме и да од тие 40 илјади тера вати успееме да привлечеме 0, 01 %, тоа е 4 тера вати, тоа 4 трилиони евра, тоа е 400 милијарди евра годишно во следните 10 години или тоа е дупло повеќе од номиналниот Бруто домашен производ на сите 6 земји од Западен Балкан. Има уште многу работи, но во интерес на времето, тука ќе застанам.