
Даниела Николова
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – Скопје ПРИМЕНО: 08.04.2026 Број Прилог Вредност 08 2626/1 0
До Претседателот на Собрание на Република Северна Македонија Г-дин Африм Гаши
Предмет: Пратеничко прашање
Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија поставувам пратеничко прашање до министерот за здравство Азир Алиу.
Во 2020 година, мнозинството политички партии во Република Северна Македонија потпишаа Декларација со која се обврзаа да ги препознаат граѓанските организации како даватели на услуги поврзани со здравствена заштита од посебно значење за јавното здравје, особено за ранливите групи на население, во рамките на Законот за здравствената заштита. Целта на оваа заложба беше воспоставување на функционален и долгорочен механизам за финансирање на активности од јавно-здравствен интерес.
Предложените измени во Законот за здравствената заштита би значеле правно формализирање на веќе постоечка пракса на вклучување на граѓанските организации во унапредување на јавното здравје, со особен фокус на превенцијата на ХИВ кај тешко достапни и социјално исклучени популации, пракса која континуирано се спроведува повеќе од 20 години. Дополнително, ваквата заложба е предвидена и во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025–2028, како и во претходните акциски планови.
Имајќи предвид дека Законот за здравствената заштита во моментов е отворен за измени и дополнувања, Ве прашувам:
Дали со предложените измени е предвидено препознавање на граѓанските организации како даватели на услуги од посебно значење за јавното здравје?
Воедно, во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести, согласно нацрт-текстот објавен на ЕНЕП, се предвидуваат измени во начинот на пријавување на заразни болести, како и промени во водењето на епидемиолошките анкети за ХИВ-вирусот и туберкулоза. Предложените решенија отстапуваат од досегашната пракса и може да предизвикаат сериозни последици врз јавното здравје, особено преку обесхрабрување на граѓаните за тестирање. Дополнително, се предвидува обработка на податоци од две институции, што отвора прашања за усогласеност со прописите за заштита на личните податоци.
Сооглед на наведеното Ве прашувам:
Дали при изработката на предложените измени се консултирани Институтот за јавно здравје односно одделението за заразни болести, Клиниката за инфективни болести, како и граѓанските организации кои работат во областа на ХИВ? Доколку да, дали истите доставиле забелешки и како тие се вградени во предложениот текст?
Очекувам детален и навремен писмен одговор
Пратеничка,
Даниела Николова