Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

МВР: Надзорот за противпожарна заштита е во надлежност на други институции

Резиме

Пратеникот Сали Мурати побара од Министерството за внатрешни работи информации за надзорот и дозволите поврзани со објектот „Пулс“ во Кочани, можните пропусти на службениците и постапувањето на полицијата пред и за време на настанот. Тој праша и за пријавата на настанот, процената на ризикот и контролата на пиротехниката, наведувајќи наводни недостатоци во противпожарната заштита.

МВР одговори дека во ОВР Кочани и СВР Штип нема организациска единица за противпожарна заштита и дека министерството нема законска обврска да врши таков надзор, кој е во надлежност на други институции. Наведе дека согласностите што ги издава се однесуваат на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Според одговорот, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води истрага против 14 полициски службеници, а истрага спроведува и Одделот за внатрешна контрола на МВР. Во моментот на одговорот, истрагата за пожарот опфаќала 45 физички и три правни лица; МВР наведе дека постапката за едно починато лице ќе биде запрена. Министерството соопшти и дека во ОВР Кочани немало официјално известување за настанот или употреба на пиротехника, а присутните полициски службеници, според МВР, постапувале според тековен план и преземале мерки кога настанал пожарот.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

ДО: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сали Мурати, пратеничка група на Европскиот Фронт

Почитувани,

Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, го поставувам следното пратеничко прашање до Министерот за внатрешни работи:

Трагедијата во Кочани која одзеде 59 млади животи отвори сериозни прашања за функционирањето на системот на безбедност и инспекциски надзор во нашата држава, особено во делот на надлежностите на Министерството за внатрешни работи.

Ова прашање го поставувам во контекст на следните правни рамки и обврски:

• Законот за внатрешни работи • Законот за полиција • Законот за пожарникарство • Подзаконските акти за противпожарна заштита и безбедност на објекти • Уставниот принцип на владеење на правото и отчетност на институциите

Врз основа на горенаведеното, барам да одговорите:

1. Дали МВР и Секторот за противпожарна заштита извршиле инспекциски надзор на објектот во Кочани каде што се случи трагедијата во последните 5 години? ○ Кога е извршен последниот надзор? ○ Кои биле констатираните состојби? ○ Дали биле утврдени неправилности во однос на противпожарната заштита, особено во контекст на откритијата од истрагата дека во објектот немало хидрантска мрежа, хидрант во функција, имало само два ПП апарати, немало доволно врати за евакуација, а единствената метална врата за евакуација била заклучена и обложена со сунѓер? ○ Какви мерки биле преземени за нивно отстранување? 2. Дали сте спровеле внатрешна истрага за евентуални пропусти во работата на полициските и противпожарните службеници во врска со објектот каде се случи трагедијата во Кочани? ○ Кои се наодите од таа истрага? ○ Дали се утврдени пропусти во работата на Министерството? ○ Кои мерки се преземени за утврдување на одговорност? 3. Дали МВР издало било какви дозволи, согласности или решенија во врска со работата и безбедноста на објектот во Кочани во последните 5 години? ○ Кога се издадени тие документи?

○ Дали била извршена теренска контрола пред издавањето на тие документи? ○ Дали биле разгледувани прашањата на максимален капацитет, излези за итни случаи и други безбедносни аспекти? 4. Како ја објаснувате фактот што актуелните функционери во МВР не се опфатени со истрагата за трагедијата, иако Министерството има директна надлежност за обезбедување на противпожарна заштита и контрола на изведување на јавни настани? ○ Дали Министерството ги доставило сите релевантни информации до Јавното обвинителство? ○ Дали постојат извештаи за состојбата на објектот пред трагедијата? ○ Дали сметате дека е нормално истрагата да не опфаќа актуелни функционери во МВР? 5. Дали пред организирањето на настанот во Кочани била поднесена соодветна пријава за јавен собир согласно законските прописи, и дали МВР презело соодветни мерки за обезбедување и контрола на настанот? ○ Според информациите од медиумите, полицијата имала оперативни сознанија за одржување на настанот но немала официјално известување. Дали МВР има стандардни процедури за постапување во такви ситуации и зошто не бил формиран оперативен штаб? ○ Зошто полицијата, иако била присутна на настанот според изјавите на министерот Тошковски, не ги спровела стандардните процедури за проверка на малолетни лица и не го прекинала настанот кога биле забележани малолетници? ○ Зошто не биле преземени мерки за контрола на употребата на пиротехника на настанот, што според истрагата била директна причина за пожарот? ○ Дали постоел било каков план за обезбедување и проценка на ризик и зошто не биле ангажирани доволно пожарникарски единици и медицински екипи?

Согласно член 43 став 2 од Деловникот, очекувам детален одговор во законски предвидениот рок од 10 дена од денот на приемот на прашањето.

Со почит,

На ден 01.04.2025 година

Сали Мурати - Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија

Пратеничка група на Европскиот Фронт

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерството за внатрешни работи

Република Северна Македонија Министерство за внатрешни работи Кабинет на министерот рег.бр. 16.1-596/1 Скопје 17.04.2025

До Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г-дин Африм Гаши

Предмет: Одговор на пратеничко прашање поставено од Сали Мурати - пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од 03.04.2025 година

ВРСКА: Ваш акт бр:08-2088/1 од 03.04.2025

Почитувани,

Согласно член 42 став 4 од Деловодникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви доставуваме одговор на пратеничко прашање од Сали Мурати - пратеник во Собранието на Република Северна Македонија поставено меѓу две седници на Собранието на Република Северна Македонија, на 03.04.2025 година. Прилог: Одговор на поставеното пратеничко прашање (1 примерок) Допистот Ви го доставуваме на Ваша надлежност

Со почит,

Изработил: Тони Димитриевски, полициски советник Согласен: Гоце Андреевски, началник на сектор Контролирал: Мухамед Хамали, помошник на министерот

Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија Ул.Димче Мирчев бр.9, Скопје Република Северна Македонија +389 2 3 117 222 www.mvr.gov.mk

Пратеникот Сали Мурати меѓу две седници на Собранието на Република Северна Македонија на 03.04.2025 писмено достави прашања поврзани со настанот од 16.03.2025 во Кочани.

ОДГОВОР НА ПРАШАЊА:

Во врска на првото прашање и потпрашањата во истото, ве информираме дека во ОВР Кочани односно во СВР Штип, нема систематизирано организациона единица за противпожарна заштита, ниту пак постои законски нормирана обврска (тоа е во надлежност на други институции), па со самото тоа не може да се изврши надзор околу противпожарната заштита од страна на МВР во објекти, вклучително и во предметниот случај со објектот во Кочани. Околу второто прашање и потпрашањата во истото, ве известуваме дека до овој момент истрага се води против 14 полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. И во тој дел истражните дејствија продолжуваат за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде соодветно известена. Дополнително, а независно од фактот што министерството првично реагираше со кадровски промени во рамки на Секторот за внатрешни работи Штип и Одделението за внатрешни работи Кочани, нагласуваме дека е отворена истрага и од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и по нејзиното завршување МВР подробно ќе ја информира јавноста.

1

Во врска со третото прашање и потпрашањата во истото, нагласуваме дека согласно Законот за вршење на угостителска дејност, член 6, став 2, Министерството за внатрешни работи е институција што дава согласност само дали се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Оттаму, напоменуваме дека стварната, односно правната надлежност по однос на дејноста, нејзиното вршење и спроведување во различните аспекти се прашања за други државни институции, кои што секако дека сега се опфатени, но со истрагата за трагичниот настан од 16.03.2025 година. По однос четвртото прашање и потпрашањата во истото, покрај погоре дадените информации, ве известуваме дека во координираните активности на повеќе организациони единици при Министерството за внатрешни работи и секако, во координација со Основното јавно обвинителство Кочани и тимот обвинители од ОЈО Скопје, а во насока на целосно расчистување на кривично-правниот настан од 16.03.2025 година во објектот „Пулс“ во Кочани, беа и се уште се преземаат низа мерки и дејствија за обезбедување докази и тоа од временскиот период од 2012 година, кога отпочнал со работа посочениот објект, до моментот на трагедијата. Во врска со тие дејствија, како што и е познато на македонската јавност, прво беше поднесена кривична пријава за 26 лица за кривични дела согласно одредбите на КЗ - „Тешки дела против општата сигурност“ по член 292, ст.2 в.в. кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ по член 288 ст. 3 в.в., став 2 в.в. став 1 во врска член 22 од Кривичниот закон. За едно од лицата поднесена е кривична пријава и за кривично дело „Примање поткуп“ по член 357 став 4 в.в став 1 од КЗ, а исто така и против три правни лица, две од Кочани и едно од Скопје, за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, предвидено во член 292 став 2 в.в кривично дело „Предизвикување општа опасност“ по член 288 став 5 в.в став 3 в.в став 2 в.в став 1 од Кривичниот законик.

Деновиве, пак, МВР во соработка со Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата за пожарот во „Пулс“ за нови 19 лица. Како што веќе беше информирана јавноста, и тие, како и претходните пријавени, за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Така што сега, до моментот на овој одговор на пратеничкото прашање во врска со пожарот, истрага е поведена против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена.

Сакаме да потенцираме дека по однос на целокупната досегашна постапка за сите физички и правни лица опфатени во пријавите, истата е врз основа на обезбеден доказен материјал и во координација со ОЈО Кочани и тимот на скопски јавни обвинители кои што работат на предметот. Со оглед на фактот дека истрагата се уште е во тек, во моментот не сме во можност да дадеме одговор дали и кои лица евентуално и натаму ќе бидат пријавени. Меѓутоа, МВР јасно стои на фактот дека за секое лице за кое ќе бидат обезбедени докази кои укажуваат на сторено кривично дело, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното јавно обвинителство.

Како министер за внатрешни работи децидно стојам на она што уште во првите моменти по овој грозоморен настан јавно го соопштив - нема нормален човек што би заштитил некого за кого постојат индиции за директна или индиректна одговорност. Тоа го ветивме од првиот ден, тоа го покажавме и до сега, така и ќе продолжиме.

Уште еднаш сакам да истакнам дека по однос на оваа незапаметена трагедија Министерството за внатрешни работи веднаш ги активираше сите свои капацитети – од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулирање на сообраќајот, па сè до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување, како во земјата така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи за придружниците на повредените. Во исто време, полициските структури останаа целосно посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност.

И последно, околу петтото прашање и потпрашањата во истото, ве информираме дека во ОВР Кочани нема пристигнато официјално известување во смисол на најава кој, како, кога, каде ќе одржува таков настан, вклучително ни известување дека ќе се употребуваат пиротехнички средства. Полициските службеници кои биле присутни критичната вечер постапувале согласно тековен план и преземале мерки во моментот кога настанал пожарот.

Сите пратенички прашања