
Сали Мурати
До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија
Почитуван Претседател на Собранието,
Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците на Република Северна Македонија и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, а во согласност со член 8, член 9 и Амандман VI од Уставот кои ги гарантираат уставните и законските права на заедниците, го поставувам следново пратеничко прашање до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија:
1. Зошто при изборот на 24 министри, 20 заменици министри и 20 државни секретари не е предложен ниту еден претставник од турската заедница, иако меѓу коалиционите партнери на Владата има политички субјекти кои ја претставуваат турската заедница? 2. Како Владата го оправдува фактот дека турската заедница, која претставува 3.86% од вкупното население, нема ниту еден претставник на високите владини позиции, додека помалобројните заедници (со вкупен процент од 3.83%) имаат свои претставници на позициите потпретседател на Владата, министер, двајца заменици министри еден државен секретар? 3. Дали ваквата непропорционална застапеност, каде помалобројните заедници имаат значително поголема застапеност од турската заедница која е трета по бројност во државата, не претставува директно прекршување на Амандманот VI од Уставот и форма на дискриминација? 4. Како Владата ја објаснува оваа очигледна диспропорција во застапеноста, особено имајќи предвид дека турската заедница е побројна од заедниците кои имаат свои претставници во највисоките органи на извршната власт? 5. Кои конкретни мерки и во кој временски рок планира да ги преземе Владата за да ја исправи оваа нееднаквост и да обезбеди соодветна застапеност на турската заедница во извршната власт?
Ова прашање го поставувам со цел да се адресира загрижувачката состојба на дискриминација и непропорционална застапеност на турската заедница во највисоките органи на извршната власт, што е во директна спротивност со уставните начела за еднаквост на сите граѓани и соодветна застапеност на заедниците во државните органи.
Сметам дека ваквата состојба, каде помалобројните заедници имаат значително поголема застапеност од турската заедница која е трета по бројност, претставува очигледна дискриминација и е во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени во член 8 од Уставот, како и со принципот на еднаквост на граѓаните загарантиран со член 9 од Уставот.
Ве молам за детален и прецизен одговор на сите поставени прашања во рок предвиден со Деловникот на Собранието.
Со почит,
Скопје,06.01.2025 Сали Мурат Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија