Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА
Дата: Архивски број: 08-1496/2, 08-1497/2, 1498/2, 1528/2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратенички прашања
Врска ваш бр.08-3489/1, 08-3488/1, 08-3487/1 од 17.06.2025 година и 08-3514/2 од 19.06.2025 година
Почитуван,
Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратенички прашања поставени на Педесет и третата седница на Собранието на РСМ, одржана на 12 јуни 2025 година, и поставено меѓу две седници на Собранието на РСМ, на 18 јуни 2025 година, од пратеникот Сали Мурати.
Со почит,
Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија
Владимир Нелоски
Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk
Влада на Република Северна Македонија ПРЕТСЕДАТЕЛ
Почитуван пратеник г-дин Мурати,
Ви благодарам за поставените прашања, со оглед на фактот што сите кои ги добив од Вас се однесуваат на иста тема која се согласувам дека е од суштинско значење, се надевам дека ќе ми дозволите да Ви одговорам во поширок контекст.
Како Влада, цениме дека на оваа тема треба да се пристапи со исклучителна сериозност, затоа што веруваме дека секој граѓанин, независно од етничка припадност, заслужува институции што ќе го почитуваат, ќе го разбираат и ќе го вклучат. Тоа е вистинската интеграција за која суштински се залагаме, не само декларативно.
Но, да бидеме прецизни, состојбата со која денес се соочуваме не е создадена од оваа Влада.
Законот за употреба на јазиците, донесен од претходната влада, беше создаден без суштински консензус, без дијалог, и со целосно игнорирање на препораките од Венецијанската комисија. Тоа го направи Законот предмет на иницијатива пред Уставниот суд. Воедно, можеме и да се согласиме дека веќе е најавена подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците која кога ќе се одржува ќе биде јавна и на која ќе се разгледува материјалниот аспект на законот кој се однесува на содржината на одредбите, со присуство на 13 домашни експерти од областа на уставното право и судовите, како и двајца надворешни експерти.
Нашата позиција е јасна дека нема да дозволиме ниту една заедница да биде оставена на маргините, а најмалку заедницата од која вие доаѓате – турската, која има длабоки историски и културни корени во нашата држава. Како Претседател на Владата ценам дека ниту еден јазик во Македонија не е загрозен, но мора да се осигураме дека правото на употреба не се претвора во правна, институционална или политичка забуна.
Јас, како Претседател на Владата на сите граѓани, можам да потврдам дека работиме за сите граѓани, за сите заедници, а тоа го покажуваме преку градење на политичка стабилност и институционална предвидливост за ниту една заедница да не се чувствува игнорирана.
Ви благодарам.
Христијан Мицкоски