Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мурати бара податоци за усогласувањето на посебните закони

Резиме

Пратеникот Сали Мурати праша колку посебни закони биле усогласени со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа до 10 декември 2024 година, колку потоа, кои сè уште не се усогласени и кој е одговорен за доцнењето.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека Собранието е добро позиционирано да спроведе сеопфатна анализа на законите и да го следи напредокот. Владата, како што наведе, е отворена да ги поддржи ваквите иницијативи. Во одговорот не се дадени конкретни бројки, наслови на закони или имиња на одговорни органи и функционери.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

ДО: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сали Мурати, пратеничка група на Европскиот Фронт

Почитувани,

Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, го поставувам следното пратеничко прашање до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија:

Во Службен весник на РСМ бр. 121/2024 од 10 јуни 2024 година е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Во членот 30 став 1 од наведениот закон јасно е утврдено дека: "Државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти од своја надлежност."

Имајќи предвид дека според член 31 од истиот закон, законот влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, рокот за усогласување на посебните закони истекува на 10 декември 2024 година.

Врз основа на горенаведеното, ги поставувам следните прашања:

1. Колку посебни закони се усогласени со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа заклучно со законскиот рок од 10 декември 2024 година? ○ Ве молам да ги наведете поединечно по наслов сите закони што се усогласени во рамките на овој законски рок. 2. Колку посебни закони се усогласени по истекот на законскиот рок од 10 декември 2024 година, заклучно со денот на доставување на одговорот на ова пратеничко прашање? ○ Ве молам да ги наведете поединечно по наслов сите закони што се усогласени по истекот на законскиот рок. 3. Колку посебни закони сè уште не се усогласени со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, а согласно член 30 став 1 требало да бидат усогласени до 10 декември 2024 година? ○ Ве молам да ги наведете поединечно по наслов. 4. Кои органи, институции или функционери сносат одговорност за ненавременото усогласување на посебните закони согласно предвидениот рок во член 30 став 1?

Ова прашање го поставувам во контекст на уставниот принцип на владеење на правото и отчетност на институциите, како и во интерес на обезбедувањето правна сигурност и доследна примена на законите во нашата држава.

Согласно член 43 став 2 од Деловникот, очекувам детален одговор во законски предвидениот рок од 10 дена од денот на приемот на прашањето.

Со почит,

На ден 04.04.2025 година

Сали Мурати - Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија Пратеничка група на Европскиот Фронт

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА

Дата: 22 -04- 2025 Архивски број: 08-944/ 2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратеничко прашање

Врска ваш бр.08-2138/2 од 08.04.2025 година

Почитуван,

Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратеничко прашање поставено меѓу две седници на Собранието на РСМ на 07 април 2025 година, од пратеникот Сали Мураті.

Со почит,

Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Владимир Нелоски

Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk

Почитуван пратеник г-дин Сали Мурати,

Ова е навистина релевантно прашање, кое ја одразува посветеноста на транспарентност и ефективно владеење. Но, важно е да се признае дека Парламентот има централна улога во законодавниот процес, не само во донесувањето закони, туку и во надгледувањето на нивното спроведување и влијание. Како такво, ценам дека парламентот е добро позициониран да спроведе сеопфатна анализа на законите донесени според претходно споменатиот закон.

Во таа насока, целосно ја поддржувам идејата дека таквиот преглед би бил вреден - и за парламентарен надзор и за подобрување на транспарентноста на законодавниот процес. Тоа значајно ќе придонесе за разбирање на јавноста и институционална ефикасност, особено за следење на напредокот и тековните реформи кои ги превзема оваа Влада.

Воедно, Ве охрабрувам и со почит Ви предлагам Парламентот, со својот законодавен мандат и соодветни способности, да биде соодветно тело кое ќе ја обезбеди оваа детална анализа. Владата останува отворена за поддршка на ваквите иницијативи, зајакнувајќи ја нашата заедничка посветеност за одговорно и транспарентно владеење.

Со почит, проф д-р Христијан Мицкоски

Сите пратенички прашања