
Сања Лукаревска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 18 мај 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам потпретседателе. Почитувани колеги, почитувани министри, заменици министри, имам прашање до министерот Муцунски, министре, на 23 април Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија упати официјално барање до Министерството за туризам на Република Грција за времено одложување на примената на новиот систем на гранични премини за македонските државјани во период од 1 јуни до 1 септември 2026-та. Навистина сведоци сме дека има многу чекање на граничните премини со соседна Грција и уште не е почната туристичката сезона, чекањето предизвикува револт и нервози кај македонските граѓани. Нервозата е уште поголема по веста дека Грција најавила дека ќе ја стопира мерката за српските граѓани од 1 јуни до 1 септември, логично е очекувањето истото да важи и за македонските граѓани. Во меѓувреме слушнавме дека постои подготвеност кај земјите членки на Европската Унија, кои се во опкружувањето на Западен Балкан, да покажат флексибилност кон земјите од регионот за примената на европскиот систем за влез и излез. Европската Комисија признава дека правилата дозволуваат привремено суспендирање на проверките, но според нејзината позиција тоа не значи дека една држава може да воведе долгорочно или целосно ослободување за граѓани на одредена земја. Брисел побара објаснување од Грција и потсети дека системот мора да се применува според заедничките правила, односно ако секоја држава почне сама да одлучува кога ќе го применува системот, тогаш целиот европски систем ризикува да изгледа нерамномерно и недоверливо. Значи Грција до сега го суспендирала системот само за британски патници, а за србите дала усно ветување, за нас официјален одговор се очекува после 15 мај. Бидејќи денеска сме 18 мај, моето прашање до вас е, каков одговор добивте во врска со одложувањето на системот за нашата држава.