Република Северна Македонија Министерство за јавна администрација
До Претседател на Собрание на Република Северна Македонија Г-дин Африм Гаши
Предмет: Пратеничко прашање Врска: 08-2371/2 од 23.04.2025 година
Почитуван Претседател на Собранието на Република Северна Македонија,
Согласно предметот со Ваш архивски број 08-2371/2 од 23.04.2025 година, врзано за прашањето упатено до Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, од страна на пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Сали Мурати, во прилог Ви доставуваме одговори на истите на Ваше внимание и понатамошно постапување.
Со почит, Горан Минчев Министер за јавна администрација
Министерство за јавна администрација на Република Северна Македонија
Ул. „св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје Република Северна Македонија
+389 2 320 0874 www.mioa.gov.mk
1.На кој начин сега органите на државна управа собираат и обработуваат податоци на етничката структура на своите вработени, откако со уставната одлука се укинати соодветните законски одредби? Дали постои унифициран пристап за сите органи на државна управа ?
Во моментот согласно законската регулатива институциите од јавниот сектор немаат обврска да собираат податоци за етничката структура на вработените.
2. Како МЈА планира да обезбеди транспарентност на податоците за застапеноста на заедниците во органите на државната власт, имајќи ја предвид правната празнина што настана со укинувањето на законските одредби?
Министерството за јавна администрација е свесно за потребата од воспоставување механизми кои ќе обезбедат континуирана и транспарентна анализа на застапеноста на сите заедници во органите на државната власт, согласно начелата на правичност и застапеност утврдени во Уставот и во Охридскиот рамковен договор. Но тоа се очекува со донесување на ново законско решение кое е во процес на подготовка од страна на работна група на експерти. Ние како министерство за јавна администрација не сме вклучени во изработка на законот. Веруваме со тоа законско решение ќе се изнајде одговор на оваа прашање.
3.Дали МЈА планира да воведе нов механизам за доброволно изјаснување за етничката припадност при вработување во јавниот сектор, кој ќе биде во согласност со уставната одлука, а истовремено ќе овозможи мониторинг на спроведувањето на амандман VI од Уставот ?
Министерството за јавна администрација во новите законски решенија ја предвидува можноста за воведување на нов механизам за доброволно и доверливо изјаснување за етничката припадност, кој ќе биде целосно усогласен со уставната одлука и европските стандарди за заштита на лични податоци. Целта на овој механизам не е создавање база за дискриминација, туку алатка која ќе овозможи објективен и статистички заснован мониторинг на имплементацијата на Амандман VI од Уставот, кој се однесува на правичната застапеност на заедниците во јавната администрација. Овој модел би се засновал на доброволна декларација од страна на вработените во јавната администрација, со строги гаранции за заштита на податоците и нивна употреба исклучиво во агрегатна, аналитичка форма.
4. Какви технички и административни мерки планира да имплементира МЈА за обезбедување на соодветно прибирање, чување и управување со податоците за етничката структура на вработените во јавниот сектор, согласно стандардите за заштита на личните податоци?
Министерството за јавна администрација, во согласност со уставните начела и обврските поврзани со правичната застапеност, планира во Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) во модулот регистар на вработени во јавниот сектор да предвиди посебен дел каде би се внесувале податоците за етничката припадност врз основа на доброволен механизам за изјаснување односно податоците ќе се прибираат исклучиво врз основа на изречена, доброволна и писмена согласност од вработените во јавниот сектор без никакво влијание врз постапките за селекција или вработување.
• Анонимизирано и агрегатно чување на податоците: Податоците ќе се чуваат и обработуваат исклучиво во агрегирана форма, без можност за индивидуална идентификација, со цел да се почитуваат начелата на пропорционалност и минимизација на податоци.
• Сигурносни и технички заштити: Ќе се имплементираат највисоки стандарди на ИТ-безбедност, вклучувајќи енкрипција, ограничен пристап со улоги, логирање на активности и редовен безбедносен аудит на системот.
• Административна заштита и институционална контрола: Управувањето со овие податоци ќе биде централизирано и надгледувано од страна на назначено службено лице за заштита на податоци, во координација со Агенцијата за заштита на личните податоци.
• Јавна отчетност и транспарентност: Министерството ќе објавува редовни годишни извештаи со статистички податоци за застапеноста на заедниците, кои ќе бидат достапни за јавноста и релевантните институции, без да се наруши приватноста на поединците.