Најважно
349 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Митрески праша за каматните стапки и банкарските провизии

Резиме

Пратеникот Јован Митрески побара гувернерот повторно да ја разгледа можноста за зголемување на основната каматна стапка, наведувајќи дека повисоките камати би ги зголемиле трошоците за граѓаните што земаат кредити. Тој праша и што предлага гувернерот за намалување на банкарските провизии.

Гувернерот одговори дека каматната стапка ја утврдува Извршниот одбор на Народната банка врз основа на анализи, имајќи ги предвид ценовната и финансиската стабилност и економскиот раст. За провизиите посочи дека Народната банка разговара со банкарската асоцијација за проширување на платежната сметка со основни функции и дека издадените лиценци за издавачи на жирални пари може да придонесат кон конкуренција. Додаде дека банките самостојно ги одредуваат надоместоците и дека Народната банка бара решение во интерес на граѓаните.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Јован Митрески

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Јован Митрески, поставено на 107-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 25 јуни 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Почитуван гувернер, како човек кој што е на чело на една Народна банка или Централна банка, секако со сите нејзини функции, како и секоја друга Народна банка да ја води монетарната политика, да ја одржува стабилноста на денарот, да управува со девизните резерви, да издава банкноти, монети, да го надгледува банкарскиот систем, да го регулира платниот систем, итн, пред некое време дадовте една изјава во смисла на справување со инфлацијата во државата, дека разгледувате една од варијантите за зголемување на основната каматна стапка. Секако како една од главните функции на Народната банка е да ја води монетарната политика, а тоа е да го регулира количеството на пари во оптек и секако во сите учебници, секаде каде што се зборува за Народна банка и за функции на една централна банка се еден од начините на намалување на парите во оптек, за да се влијае на намалување на инфлацијата е зголемување на основната каматна стапка. Бидејќи информациите кои што доаѓаат до нас се дека банките во нашата држава, посебно најголемите три банки во нашата држава, веќе имаат сериозно висока кредитна изложеност, моето прашање и мислење и молба е уште еднаш да ја разгледате таа опција да не користите зголемување на каматната стапка, во смисла на тоа што нашите граѓани, некаде според податоците кои што ги имаме, веќе имаат кредитно задолжување од над 4,3 милијарди евра. Ако станува збор за 550-600 илјади кредитокорисници, најчесто физички лица, лица со потрошувачки станбени, автомобилски и други кредит, некаде доаѓа просечно дека еден граѓанин е задолжен од 6600 до 7800 евра. Меѓутоа го спомнувам ова само во насока на тоа дека мислам дека и мислиме дека кај граѓаните веќе ситуацијата не е колкава е каматната стапка по која што ќе биде понуден кредитот од банките, туку дека тие во секој случај ќе земат кредит, а на тој начин само ќе ги изложиме на дополнителни трошоци. Да не ја гледаме оваа ситуација како општ однос помеѓу понудата и побарувачката, односно ако ја поскапиме понудата дека побарувачката на кредити ќе се намали, туку дека веќе станува не еластична побарувачка е таа побарувачка каде што во секој случај граѓаните ќе подигнат кредит. Но, кога ги спомнувам банките, комерцијалните имаат една друга изјава каде што зборувате за провизиите на банките. Пред неколку дена сте кажале дека провизиите или услугите во платниот промет се јавно добро и треба да бидат регулирани за кое што тотално се согласуваме. Провизиите кои што се или приходот на банките од провизии некаде 115 милиони евра приход годишен кој што го остваруваат. Некаде ако го поделиме тоа е 9,6 – 9,8 милиони евра месечно или тоа е приход од 315 илјади евра дневно. Моето прашање директно е што предлагате вие како гувернер да се намалат провизиите на банките.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Гувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Јован Митрески, поставено на 107-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 25 јуни 2026 година Почитувана потпретседател на Собранието, почитувани пратеници, почитуван господин Мицкоски, премиер на Владата на Република Македонија, му благодарам на пратеникот Митрески за поставеното прашање. Првиот дел од неговата дискусија се однесуваше на една сугестија и јас тука само би кажал неколку реченици, сугестија во врска со употребата на инструментот каматни стапки, основна каматна стапка, што е во надлежност на Извршниот одбор на Народна банка на Република Македонија. Ете, основната надлежност на Народна банка е ценовна стабилност, финансиска стабилност и секако политиките, монетарната политика, да води сметка и за економскиот раст на државата. Ние внимателно ги анализираме состојбите во македонската економија и на тој начин постапуваме, пред се преку сигналната улога што ја има каматната стапка. Затоа што од друга страна иако е популарно да се има што пониски каматни стапки сепак тоа создава секако импулси за потрошувачката и на домаќинствата и кај компаниите, што влијае, како што кажавте, на агрегатна побарувачка и на притисоци врз цените. Познато е дека инфлацијата е еден невидлив данок кој што не ги оптоварува сите слоеви во општеството рамномерно, за жал најмногу ги оптоварува оние што се со пониски доходи или со фиксни доходи кои што не се во состојба навреме да ги индексираат со стапката на инфлација. Кога станува збор за надоместоците кои што ги наплаќаат банките за вршење на услугите во платниот промет, само да потсетам без многу да должам дека минатата година Република Македонија или во Република Македонија речиси сите банки се вклучија во единствениот систем за плаќање во евра, СЕПА, и тука резултатите се многу поволни и мислам дека тоа го чувствуваат и компаниите и граѓаните. Околу 64% според нашите податоци од сите прекугранични плаќања, приливи и одливи од земјата се извршуваат преку оваа шема, шемата на СЕПА, која што е замена за СВИФТ плаќањата. И тука сакам да истакнам дека некаде заштедите, кога станува збор за правните и физичките лица кои што вршат трансфери преку СЕПА изнесуваат околу 64%, односно пондираниот просек на плаќањата за извршување на трансакциите се некаде за 64% пониски кај одливните трансакции, она што се плаќа од земјата кон странство, а кај приливните надоместоци се физички и правни лица се пониски за околу 29%. Понатаму, Народна банка, секако во соработка со банките и минатата година прво презеде чекор за намалување на надоместокот што банките го плаќаат како вршители на платниот промет во системот МИПС, за извршување на плаќањата, банките во најголем дел ги пренесоа тие заштеди на домаќинствата и на компаниите, така што мислам дека можевме да бидеме задоволни од таа мерка. Сега, она што побуди интерес во јавноста, беше најавата на три големи банки и една средна бака, тие се обврзани евентуалните промени во тарифата да ги најават два месеци однапред за корекции во тарифите, каде што имаше зголемување или корекции нагоре кај некои ставки и секако ние како Народна банка прво го користиме инструментот на дијалог, анализа, убедување и слично. Лично тоа беше мојата директна изјава дека сметам дека не постои во моментов оправданост од такво зголемување. Една голема банка, веројатно сте информирани, да не ја спомнувам тука, ја одложи примената за два месец, од август за октомври, за да ги согледа последиците од евентуалните такви мерки. И мислам дека банките ќе одговорат на она што е сентимент во јавноста, дека сепак она што го кажавте вие, станува збор за една есенцијална услуга, за услуга која што е јавна корист. Имено банките се тука во привилегирана положба, затоа што според закон сите исплати на плати, на пензии, плаќањата на данокот на доход, одат преку трансакциските сметки во банките. Трансакциските сметки се во банките. И во однос на другите вршители на платен промет, а има и такви и ќе има и во иднина, зборувам за конкуренцијата, секако треба да го имаат тоа во вид. Дополнително сакам да спомнам и веројатно и за тоа сте информирани, Народна банка разговара со Македонската банкарска асоцијација, како претставник или здружение на банките, за проширување на функциите на т.н. платежна сметка за основни функции. Тоа е инструмент воведен со измените од Законот за платни услуги и платен промет од 2023 година. Имено таков инструмент постои, но заради некои ограничувања од неколку милиони сметки кои што ги поседуваат македонските граѓани и компании, само 179 такви сметки, значи платежна сметка за основни функции каде што за фиксен надомест може да се вршат одредени плаќања. Симболичен. Таа ги таргетира оние приматели на социјална помош, пензионери со ниски примања и слично. Ние сме во тек на разговори, мислам дека ќе вродат плод, со Македонска банкарска асоцијација, да дојдеме до некои решенија кои што ќе биде во интерес на граѓаните, а секако нема да го загрози работењето на вршителите на платниот промет. Од друга страна во насока на зголемување на конкуренцијата, повторно според одредбите од Законот за платни услуги, платен промет од 2023 година веќе Народна банка има издадено четири лиценци за така наречени издавачи на жирални пари. Тоа се институции кои што ќе можат да бидат конкуренти со банките во одредени домени на вршење на услуги во платниот промет. Тие се во подготовка и може да се очекува набрзо да започнат со вршење на плаќањата. И последно, има случаи во опкружувањето и во светот, тргнувајќи токму од оние аргументи кои што ги спомнав за карактеристиките на платниот промет, каде што на централните банки им се дава поголема надлежност да можат директно да ги регулираат надоместоците на банките, што кај нас не е случај. Кај нас банките од аспект на своите деловни одлуки ги формулираат, односно ги одредуваат овие надоместоци. Мислам дека продолжуваме и секако како што реков, во интерес на граѓаните, во интерес на поголема вклученост на граѓаните во регуларниот платен промет, ќе најдеме некое заедничко решение кое што ќе биде прифатливо и за граѓаните и за оваа сфера од финансискиот систем, односно банкарскиот сектор. Благодарам.

Сите пратенички прашања