
Славјанка Петровска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Славјанка Петровска, поставено на 57-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Министер, на интернет страницата на министерството е објавен еден документ кој е насловен како „Нацрт стратешки план 2025 година – 2027 година“ кој се разбира дека започнува со едно ваше обраќање во кое велите дека Министерство за транспорт игра витална улога во подобрувањето на животниот стандард на нашите граѓани. Исто така, велите дека и имате план за детално утврдување на актуелната состојба но и известување за реализираните активности во изминатиот период согласно надлежностите на министерството. Се разбира попатно ја потенцирате и проформа вашата заложба за стабилна интеграција во Европската Унија. Во истиот тој документ е наведено дека во рамките на министерството постои еден сектор за управно – првни надзорни работи кои ги врши работите кои се однесуваат на решавање по жалби, поднесоци на физички и правни лица од областа на изведување на градби, утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, градежно земјиште и т.н. како и врши надзор над законитоста на работата на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје при остварување на нивните надлежности кои се набројани. Моето прашање е токму во врска со ова што пред малку го кажав. Веќе подолг временски период јавноста е бомбардирана со објавите на сегашната градоначалничка на Скопје, вашиот кандидат, вашата најдобра менаџерка и т.н. да не потсетувам се што зборувавте за неа. Која презентира сериозни така изгледаат, обвинувања за епски криминал што би рекле вие. Па, дури и за кривични дела кои не само што се поврзани со економски криминал туку веќе имаат и елементи на загрозување на безбедноста и сигурноста на граѓаните. И, тие во најголемиот дел се однесуваат на незаконски постапувања на градоначалникот на општина Чаир кој е ваш коалиционен партнер. И, бидејќи во ушите ни одѕвонува бидејќи постојано го повторувате она „И, брат да ми е, ќе одговара. И, нема веќе од партија се јавија“ и т.н. Ве прашувам вас: Дали се помрднавте во врска со овие обвинувања или не ви е брат ама коалиционен партнер ви е. Дали проверивте што се случува во таа општина. Дали ја спроведовте вашата законска должност, надлежност за надзор за она за што сте платен од граѓаните. Она што претходно го прочитав, а го цитирав исклучиво од документот кој го споменав се однесува на ваши ветувања, писмени изјави, обраќања во кои кажавте дека детално ќе ја утврдите актуелната состојба и ќе известите за реализираните активности во изминатиот период. И, затоа моето директно прашање до вас е: Дали наредивте или спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир а во врска со урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домување.