Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам
Бр.29-2624/ 5
Датум: 08. 05.2025 година
До: Африм Гаши/Afrim Gashi – претседател на Собранието на Република Северна Македонија
Предмет: Одговор на пратеничко прашање
Почитувани,
Во врска со вашиот допис бр.08-1463/1 од 03.03.2025 година го доставуваме одговорот на пратеничкото прашање на пратеникот на Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Селим Сулејмани поставено до министерот за култура и туризам на 36. Седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27. Февруари 2025 година.
Со почит,
МИНИСТЕР Зоран Љутков
Подготви/Провери: м-р Елена Павлова, раководител на Одделение Одобри: м-р Оливера Ливриниќ, раководител на Сектор Согласен:Диме Мацовски, Државен советник
Пратеникот г-дин Селим Сулејмани на 36. Седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27. Февруари 2025 година го постави следново писмено прашање до министерот за култура и туризам: Почитуван министер, барам од министерот за култура писмен или усмен одговор за чекорите кои се превземени за зачувувањето на културното наследство. Во овој случај конкретно во врска со Базиликата во село Радолишта во Струга. Во минатото колку што имам информации се поделени буџет од 50 до 70 илјади евра за конзервирање и реставрација, нешто што никогаш не беше реализирано. Дали имате конкретен план во врска со ова?
Министерството за култура и туризам, во врска со пратеничкото прашање, го подготви следниот ОДГОВОР
Ранохристијанската базилика во струшкото село Радолишта е прогласена за Споменик на култура под реден број 95, матичен бр. 4-828-044/055, во Централниот регистар на споменици на културата на Република Македонија Базиликата се наоѓа на 5 км западно од градот Струга, во југоисточниот дел од селото Радолишта,на катастарските парцели 1726, 1727, 1728 и 1729, КО Радолишта, на простор со географски координати N 41°09'49.68”, E 20°37'43.42” и приближна надморска од 719 м. Археолошки истражувања на овој локалитет се изведувани во повеќе наврати и тоа во 1956, 1959 год. кога е откриен дел од трикорабна ранохристијанска базилика и 15 гробови од раниот среден век, лоцирани во нејзината внатрешност. Во 1976, 1980 година откриен е габаритот на базиликата во целост. Со истражувањата од 1976, 1980 год. Истражен е и просторот источно и јужно од базиликата, додека од северната и западната страна надворешното лице на ѕидовите е откриено со надолжни сонди со ширина од околу 1 м, а останатиот простор кон север и запад останува неистражен. При овие истражувања (1976, 1980 г.) откриени се уште 121 погребување со хронолошки дијапазон од VII до XIV век н.е. Оваа некропола претставува една целина и е распространета на целиот простор од базиликата и надвор од неа. Особено карактеристични за оваа некропола се погребувањата кои хронолошки потекнуваат од раниот среден век, односно VII - VIII век н.е, а се поврзуваат со културната група Комани - Круја. Овие погребувања, скоро без исклучок, се пропратени со личните предмети на покојниците, предмети за секојдневна употреба, накит и разни гробни прилози - бронзени лачни фибули, наушници, торквеси, приврзоци за појас, токи, керамички садови итн. Оваа културна група за Р. Македонија е значајна бидејќи се среќава на само три локалитети и тоа на Ранохристијанската базилика „Св.Еразмо“ - Охрид, на Ранохристијанската базилика во с. Радолишта - Струга и со мали траги во с. Оровник - Охрид
Република Северна Македонија Министерство за култура и туризам
Имајќи го во предвид значењето на овој објект за целата ранохристијанска екумена и раносредновековната археологија, во изминатиот период беа реализирани и следните мерки за негова адекватна заштита и презентација: Во 2005 година: Изготвен е Проект за конзервација на мозаици и архитектурата на базиликата од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид Во 2010 година: Изработен е Проект за заштитна кровна конструкција од страна на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. Предмер-пресметката за изведба на Проектот е дефинирана на 6.330.700 денари. Во 2013 година: Надлежната установа започнува со реализација на поставување на заштитната кровна конструкција според претходно изготвениот проект, меѓутоа месното население се спротивставува и ја опструира изведбата на истата. Заради овие причини обезбедените средства од 6.330.700 денари не се реализирани. Во 2014 година: Извршени се конзерваторски истражувања на мозаиците на Ранохристијанската базилика во Радолишта врз основа на дозвола бр 03-75/1 од 30.06.2014 издадена од УЗКН Скопје на носителот НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински - Струга, со цел да се направи увид во состојбата на подните мозаици кои според извештајот се во стабилна состојба. Во 2017 година: Заради неовластени дејствија на овој локалитет, врз основа на решение за увид од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид бр. 02-715/1 од 13.04.2017 год., на ден 13.04.2017 год. направи увид во состојбата на споменикот на културата „Ранохристијанска базилика“ во село Радолишта, Општина Струга. Стручната екипа од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, при направениот увид на ден 13.04.2017 год., констатира веќе извршено, неовластено отстранување на земја на просторот северно од Ранохристијанската базилика. Од направениот увид во состојбата на Ранохристијанската базилика може да се заклучи дека кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 год. на просторот северно од неа, во археолошки неистражен простор, извршено е неовластено ископување на земја со помош на механизација. Станува збор за околу 130 м², со просечна висина од околу 0,90 м. По отстранувањето на земјата целиот простор е покриен со тампон, што оневозможи увид во хоризонталната стратиграфија. Отстранувањето на земјата и тампонирањето на просторот е настанато во ист период со порамнувањето и тампонирањето на земјениот пат кој се протега северно од базиликата.
Врз основа на сознанијата од претходните археолошки истражувања во внатрешноста и непосредната околина на ранохристијанската базилика, но и врз основа на теренската опсервација при увидот, со ова неовластено машинско ископување направена е голема штета врз доцноантичката, раносредновековната и средновековната некропола која се протега на целиот споменат простор. При увидот, не се констатирани видливи оштетувања на архитектурата и мозаичните подови од самата базилика. Во 2024 година: Во рамките на Проектот со наслов: „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Охридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј -Охрид“ Поврзано со договорот за донација со УНЕСКО N°:4500466546-A1 Меѓународна Асистенција бр. 3274, беше извршено и снимање со дрон на моменталната состојба на базиликата која е обрасната во диво зеленило со дива депонија во непосредна близина.
Во согласност со Законот за заштита на културното наследство и препораките на стручните лица, потребна е соодветна презентација на Ранохристијанската базилика во Радолишта со целосна заштита на подните мозаици и зачуваната архитектура, како и уредување на партерот и околината со изведба на заштитна настрешница/кров. За реализација на овие заштитни мерки неопходна е соработката со локалната самоуправа, месното население и актуелните сопственици заради обезбедување на согласност за изведба на истите. Со тоа ќе се заокружи еден процес на заштита на еден прекрасен споменик на културата кој може да стане уште една туристичка атракција и да придонесе во локалниот економски развој.
МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ