
Сања Лукаревска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 122-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 11 септември 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Второто прашање, исто до Вас, се издвојувате со вашите изјави кои што предизвикуваат бурни реакции. Имавте изјава дека децата учат англиски од серии и нема потреба од учебници. Сега на 1 септември им порачавте на родителите и на првачињата, покрај знаење да се трудат да имаат повеќе братчиња и сестричиња. Ја кренавте јавноста на нозе без исклучок, но не внимавајќи на фактот дека секое семејство не е семејство од сликовница и дека не секое дете живее како од бајките и дека не сите родители имаат можност да си дозволат уште едно братче или сестриче. Има уште една изјава која што за мене е навистина оригинална и со која што ги оправдавте сите ваши погубни политики на оптимизација и ред друго. Таа гласи вака: Одреден број на училишта се затворени. Не ме фаќајте за збор, мислам дека околу стотина училишта подрачни се веќе затворени. Некои без да го почнеме ние процесот, затоа што таму нема веќе деца, стојат така зградите. Им препорачувам на градоначалниците да им најдат нова употреба. Од нас нема да имаат никаков проблем, оти не е ни за градинка, нема деца, не можат, и што друго не знам, можеби старски дом, можеби некаков клуб, и така натаму. Ова е од 20 јули 2025 година. Стартот на 1 септември е со следнава статистика. Над 3000 првачиња помалку, 26 затворени училишта, 433 паралелки помалку. Околу 250 деца од кои најголем број првачиња на 1 септември без образовани асистенти. Трета година по ред, вие како министер дозволувате учебната година да започне без навремено обезбедена образовна поддршка на децата со попреченост. Со погубната оптимизација, пет илјади наставници се вишок. Одреден број ќе се трансформираат во образовни асистенти, другите не знаеме каква ќе биде нивната судбина. Има наставници со намален број на часови, има наставници со истечени договори. Наместо да очекуваат повисоки плати, тие треба да се плашат за сопственото работно место. Понатаму, нема превоз за учениците од Светиниколско и Кочанско во средните училишта во Штип. Резултатите од ПИСА се доста актуелни и за тоа се дискутираше многу, за “Киро Глигоров“ ви споменав. Значи, вие носите навремени решенија за затворање на училишта, а за реконструкција не можете да го предвидите точното време. И ова отвора сомнеж. Моето конкретно прашање, после сите овие бисери, дали се уште стоите зад вашата изјава дека училиштата кои што ги затворивте, допрва ќе ги затворате, ќе станат старски домови.