Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мицкоски вели дека е во тек реорганизација на кочанската болница

Резиме

Пратеникот Борислав Крмов праша дали Владата ќе се заложи за целосна реорганизација на Општата болница во Кочани. Тој наведе дека, според неговите сознанија и сведоштва на пациенти, има недостиг од медицински сестри и терапевтски тимови, несоодветни услови и опрема, а дел од помагалата се обезбедуваат со донации. Крмов побара и подобра достапност на третманите за пациентите со тешки изгореници.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека процесот на функционална и инфраструктурна промена веќе е започнат. Наведе дека се реконструира простор од 350 квадратни метри за физикална медицина, со промени на инсталациите и други работи, и дека Владата стои зад целосната реорганизација. Тој додаде дека, според него, речиси целиот медицински третман што претходно се упатувал во други клиники сега се врши во Кочани.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Борислав Крмов

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Борислав Крмов, поставено на 53-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 12 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Второто прашање ми е, сакам да ја, да ги опишам катастрофалните услови во кочанската болница во која што моментално имаме околу 38 пациенти кои што секојдневно одат на преврски и околу 46 пациенти кои што секојдневно одат на физикална терапија. Прво и основно санитаријата таму не е реновирана од седумдесеттите години. Значи, имаме мијалници стари над 50 години. Понатаму, пациентите сведочеа дека само една докторка е дежурна и ако тоа беше демантирано од директорот на Фондот за здравство, Клековски дека наводно се две. Значи, имаме хроничен недостаток на кадар. Второ, ни фалат медицински сестри, најпотребен кадар во моментов е медицински сестри, медицинските сестри од кочанската болница не се ни приближно доволно. Понатаму, по кажување на лекарите од самата кочанска болница потребни се уште минимум уште два тима за физикална терапија, моментално имаме само еден тим со 6 луѓе кој што не може сите овие 46 луѓе кои што одат секој ден на физикална терапија, да им ја пружи соодветната нега. Понатаму, имаме еден специјален третман пиарски третман кој што се прави значи со крвна плазма. Таму имаме околу 16 пациенти кој што секојдневно патуваат од Кочани во Скопје. Значи, тука зборуваме за пациенти со тешки изгореници, најголем дел од нив не смеат да излегуваат воопшто на сонце значи тие мора да патуваат во средства ноќ па потоа сеат во чекални во Скопје, за случајно ако не дојдат на ред ако ги фати ден треба да чекаат цел ден за повторно да се враќаат назад во ноќ. И, згора на се не одат тие сами затоа што, најголем дел од нив не можат да ги користат ни рацете и практично мора да патуваат со своите родители или со помошници. Наместо она малтретирање тој третман треба да се бара можност тој третман да се префрли во Кочани кој што не е до толку комплициран. Значи, да се префрли во Кочани за да не го трпат тие 16 пациенти тоа малтретирање. Понатаму, сами пациентите сведочат дека сами си купуваат креми. Лепенките за тешки изгореници се набавуваат само од донации, зборуваме за лепенки по 20, 30, 50 евра до 100 евра, значи срамно е ниедна лепенка фактички не е обезбедена од парите од Владата. Понатаму, компресивни ракавици и компресивна облека исто е набавена само од донации немаме воопшто компресивна облека од Владата. Понатаму, единствената хипер барна комора е исто набавена од донации која што не е ставена во служба. Зошто? Затоа што, немаме кадар и ни кажано дека моментално тој кадар е на обука. Понатаму, двете маси за физикална терапија во Центарот за физикална терапија во Кочани се исто од донации. Значи, ние немаме ни ми масите за физикална терапија не се од Владата. Дел од медицински кади и медицинските кади во кочанската болница се не соодветни и медицинскиот персонал значи за лечење користи кофи буквално како замена. Надвор од тоа имам уште две многу комплицирани ситуации. Едната е што приватните болници кои што толку многу се фалеа дека биле општествено одговорни компании дека наводно тие без пари ќе ги лечат пациентите кои што кај нив ќе се пријават од Кочани. Тоа го направиле само на почетокот и буквално сега веќе не примаат пациенти. Пациенти кои што не можеле да ја добијат соодветната здравствена услуга значи во државниот здравствен систем побарале помош во приватните болници каде што им било кажано дека за една преврска ќе им наплатени дури 300 евра. И, сега доаѓам до еден исто многу голем проблем. Најголем број од родителите на засегнатите значи на пациентите од Кочани од несреќата од Кочани се останати без работа, дел имаат само дадено откази да се грижат за своите деца а дел заради секојдневната, деноноќна грижа за своите деца буквално се избркани од работа. И, ден денес немаме денар помош за да се санира таа ситуација. Во некои фамилии двата родители се без работа. Значи, оваа Влада имаше два месеци да се организира, имавме 116 значи пациенти кои што се лекуваа во странските клиники. Ние мораше да знаеме, ние знаевме дека тие пациенти кога тогаш ќе дојдат тука и ќе треба да се продолжи нивното лекување. Ние, целата ситуација која што јас ја опишав во кочанската болница не ја саниравме, ние можевме, имавме два, два и пол месеци значи нема изговор за ваква катастрофална ситуација во кочанската болница. Од Владата ние добивме значи, што добивме. Добивме освен тие смешни пола милион евра, пари добивме, панел дискусија, Кочани е нашиот приоритет иако Кочани не е вашиот приоритет реално каде што се кажаа две битни работи. Едната е дека центарот во Пониква ќе биде рехабилитационен центар тука просто се поставува прашањето колку е соодветен тој центар за рехабилитација и второ, го нудите првично, ајде да кажеме првично, само на 2 месеци и 10 дена, од 10 јуни до 20 август и ако стручњациве посебно од Бугарија имаат изјавено дека за вакви слични трауми, за вакви слични повреди рехабилитацијата треба да трае дури до 2 години. Значи, тука мириса на ситуација дека ќе го отвориме тој центар максимално брзо ќе го затвориме ама битно некаде ќе пишува дека сме имале центар за рехабилитација. И, понатаму директорот на Фондот за здравство, Клековски изјави дека Македонија имала капацитет да се справи значи со третманот и рехабилитацијата на пациентите и дека сме правеле максимум каде што тој одговорно тврдел дека правиме се што можеме. Јас опишувајќи ја претходната ситуација во кочанската болница, јасно е дека не правиме ни приближно од тоа што можеме. Значи, ја вицепремиере го поставувам прашањето до вас. Дали вие како Влада ќе се заложите за целосна реорганизација на кочанската болница. Бидејќи уште има време, уште има време, може да се набават кади, може да се набават лепенки, може да се набави компресивни ракавици. Не е дека немаме 15 илјади евра, 30, 100 илјади евра. Значи, уште може да се спремат тимови дополнителни да се обезбедат дополнителен број на медицински сестри. Дали планирате да се заложите за целосна реорганизација на кочанската болница за да се добијат... Пратеничкото прашање го поставувам до претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА

Дата: 24-06-2025 Архивски број: 08-1495/ 2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратеничко прашање

Врска ваш бр.08-3490/1 од 17.06.2025 година

Почитуван,

Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратеничко прашање поставено на Педесет и третата седница на Собранието на РСМ, одржана на 12 јуни 2025 година, од пратеникот Борислав Крмов.

Со почит,

Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија

Владимир Нелоски

Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

Почитуван пратеник г-дин Крмов,

Со должна почит и внимание го разгледав вашето прашање и морам да напоменам дека секој што навистина ја следи работата на оваа Влада, секој што искрено ја следи состојбата на терен, знае дека не само што имаме политичка волја, туку веќе ја спроведуваме реалната, конкретна, системска трансформација на ЈЗУ Општа болница Кочани.

Да Ви одговорам директно, не само што планирам, туку веќе сум иницијатор на процесот на длабинска функционална и инфраструктурна промена на болницата во Кочани. Затоа, не станува овде збор за тоа дали планираме, туку за веќе реализирани и тековни активности.

Во болницата се одвива темелна реконструкција, во неколку фази, со јасно дефинирани приоритети и со обезбедени ресурси. Во тек е реконструкција на просторот на физикалната медицина со површина од 350 квадратни метри. Во таа фаза се поставуваат нови прозорци, електрична инсталација, нова водоводна и канализациона мрежа, а потоа продолжуваме со хидроизолација, нова вертикала која ги опфаќа не само приземјето туку и одделите над него – хирургија, гинекологија, неврологија. Ќе следува и промена на подови, поставување на нови врати, нов систем за хигиена и заштита.

Зарем ова не е почеток на вистинска трансформација?

Зарем ова не е доказ дека државата, конечно, се однесува одговорно кон еден здравствен центар кој е клучен за Источниот регион?

Понатаму, она што често не се кажува доволно гласно речиси целиот медицински третман што претходно се препраќаше во други клиники, денес се изведува во Кочани. Тоа значи дека болницата не само што е опремена, туку и дека има капацитет, кадар и ресурси за да ги прима пациентите без непотребно преместување.

Тоа е суштинска, а не козметичка реформа.

И затоа, со целосна одговорност, ќе кажам да, оваа Влада стои зад комплетната реорганизација на болницата во Кочани. Но не со изјави, туку со работа. Не со празни флоскули, туку со функционални оддели, медицинска опрема, инвестиции и стабилна здравствена услуга за луѓето.

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

Ако искрено се интересирате за здравството во Кочани – сето ова досега ќе ви беше јасно. Но, кога наместо вистината, некои избираат наратив што одговара на дневнополитички цели, тогаш најдобрата работа на терен не треба да се види бидејќи одлуката е донесена однапред - да се критикува, а не да се следат резултатите. Јас не мислам така. И како Претседател на Владата, останувам посветен на тоа секоја болница, вклучително и Кочани, да прерасне во вистински столб на јавното здравство. Тоа не се прави преку ноќ, но со секој ваков потег, со секоја инвестиција, со секое подобрување, покажуваме како изгледа одговорна власт. На граѓаните на Кочани им должиме многу повеќе од празни зборови. Затоа работиме и затоа промените се реални. Политиката треба да следи резултати, а не да ги игнорира кога не одговараат на нечија агенда.

д-р Христијан Мицкоски

Сите пратенички прашања