Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мицкоски не одговори директно дали Владата стои зад барањето за разрешување на Коцевски

Резиме

Пратеникот Митко Трајчулевски праша дали Министерството за правда и понатаму стои зад своето мислење и барањето за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Во прашањето ги наведе критиките од мислењето на Министерството и праша за причините за најавената „втора шанса“ за обвинителот.

Премиерот Христијан Мицкоски во одговорот не кажа директно дали Владата го задржува барањето за разрешување. Наместо тоа, тврдеше дека Коцевски бил избран со поддршка на тогашното парламентарно мнозинство, а го посочи и дописот со кој, според него, бил предложен за функцијата. Мицкоски рече дека Коцевски ја води истрагата за трагедијата во Кочани и изрази надеж дека истрагата ќе продолжи.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Митко Трајчулески

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Митко Трајчулевски, поставено на 45-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 24 април 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Моето второто прашање е за министерот за правда, Игор Филков за кој слушнав дека повторно не е тука, претпоставувам, или можеби си дал оставка, а не нѐ информирал се уште, пошто не го имаме долго време видено. Почитуван заменик министер или премиер, кој ќе може да даде одговор. Пред два месеци, вашето Министерство, зборувам за правда, поведе постапка за разрешување на Државниот Јавен обвинител, Коцевски, во Мислењето на Министерството кое го доставивте до Владата ги нотиравте следните состојби. Нарушен углед на институцијата со која раководи Јавниот обвинител. Низа скандали. Нарушена функционалност на Јавното обвинителство. Незаконско постапување и корупција. Неефикасност во кривичното гонење. Неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите. Државниот обвинител постапувал по предмети во кои согласно законските одреди, постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Ова е наведеното во Мислењето на Министерството за правда доставено до Владата. Понатаму, Владата врз основа на ова Мислење оцени дека придонесот на Јавниот обвинител во овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди не неговото постапување и извршување на функцијата. Со овие дејствија се предизвикани тешки последици по функционирањето на Јавното обвинителство, со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка, заради што се бара негово разрешување. Иако Владата на 11.02.2025 година донесе Одлука за повредување на постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител, сепак после трагедијата во Кочани, премиерот Мицкоски изјави дека дава втора шанса на Државниот јавен обвинител. Ова остава сериозни дилеми за мотивите заради кое можеби се дава оваа втора шанса, а тоа е очигледно од начинот на кој се води и се разводнува истрагата за трагедијата во Кочани. И кога сме кај Јавното обвинителство, сакам да потсетам, и ова е за претставниците на ЗНАМ на нивното клучно ветување, а тоа избор на Државен јавен обвинител со две третини мнозинство и по предлог на опозицијата. Меѓутоа, ги нема да дадат одговор. Моето директно прашање до заменикот министер е, дали стоите на вашето Мислење за работата на Државниот јавен обвинител и барањето за негово разрешување кое го доставивте до Владата. Барам директно и прецизно да ми одговорите на моите прашања.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за правда

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Митко Трајчулевски, поставено на 45-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 24 април 2025 година Христијан Мицкоски: Второто прашање се однесуваше на изборот на Јавниот Обвинител, ставот на Министерство за правда, сето она што е содржано во дописот до Советот за Јавни Обвинители поминат на седница на Владата и т.н. но јас повторно во делот од мојот одговор на ова прашање ќе се осврнам и на моралните вредности од страна на Владата, од страна на предлагачот, од страна на сето она кои што е содржано во тој документ. И, затоа имам морално право да зборувам а подоцна во одговорот на ова прашање ќе ви кажам од каде го црпам тоа морално право да зборувам затоа што, мислам дека сепак тие што ги составиле овие прашања денеска да ги поставите. Ве наместиле онака брутално. А, што се однесува до пиар стратегијата, како претседател на ВМРО - ДПМНЕ три пати ве победувам од позиција на опозиција, најверојатно сега од позиција на Влада и четврти пат, ќе видиме како тоа ќе функционира и понатаму. Тогаш можеби ќе ја смените пиар стратегијата а не некој друг. Но, она кое што е важно господине Трајчулески, е да споменам еден допис кој што на 15 јануари 2024 година, е доставен до претседателот на Собранието, потпишан од тогашниот заменик претседател на Владата Артан Груби. Во кој што за претставници на Владата се определуваат Кренер Лога како тогашен министер за правда и Викторија Аврамовска Мадиќ, како тогашен заменик на министерот за правда. И, тие, видете, Богати го предложиле лицето Љупчо Коцевски за Јавен обвинител, значи овдека не е Игор Филков, не е Ален Деребан, не е Христијан Мицкоски, не е накој друг од Владата. Овде се Кренер Лога и Викторија Аврамовска Мадиќ а овој допис е од тогашниот потпретседател на Владата Артан Груби. И, тие му го предлагаат лицето Љупчо Коцевски не ние. И, сега вие вака е вашата теза. Политичката партија ЗНАМ која што е во Владата во своите ветувања кажала дека две третини од пратениците на предлог на опозицијата ќе изберат јавен обвинител. Па, не ви треба, вие си имате Јавен обвинител, еве го, вие сте го избрале како мнозинство, вие си имате Јавен обвинител. Еве во насока на тоа, кој се гласал за Јавниот обвинител. Еве да речеме, од овие што тука ги гледам нема да ги спомнувам од коалициониот партнер во тоа време бидејќи сепак вие сте СДСМ и ќе ги споменам имињата ваши. Еве да речеме, Калеска Ванчева Снежана, гласала за Љупчо Коцевски да биде Јавен обвинител. Одиме понатаму. Даниела Колева, актуелната претседателка на Унијата на жени на СДСМ, гласала за да биде Љупчо Коцевски Јавен обвинител. Одиме понатаму. Мартин Костовски, гласал да биде Љупчо Коцевски Јавен обвинител. Соња Мираковска, не е тука, а таа е се уште пратеник, гласала Љупчо Коцевски да биде Јавен обвинител. Еве го, позади вас, Горан Мисовски, позади вас колегата гласал за Љупчо Коцевски да биде јавен обвинител. Не гласала Дафина или Жаклина или Антонијо или Ѓорѓија или Никола од ВМРО – ДПМНЕ, од НСДП вашиот коалиционен партнер. Кога сме кај СДСМ, се извинувам можеби ве навредив, немав таква намера. Еве, Лолита Ристова, да видам дали го има Миле Талевски, да, Миле Талевски, да. Миле Талевски гласал, епа, бидејќи Миле Талевски до вас седи во пратеничката група, добро е наместо мене да ми го поставувате прашањето да му го поставите на Миле Талевски или на колегата позади вас од вашиот коалиционен партнер НСДП. Кои беа мотивите. Зошто тогаш гласаа за ова лице, Љупчо Коцевски да биде Јавен обвинител. Тоа е суштината господине Трајчулески. Не е суштината што правиме ние, што правиме вие.

Ова е документот врз основа на кој Љупчо Коцевски е избран за Јавен Обвинител. Така што, тврдењата и тезата дека некоја политичка партија ветила двотретинска поддршка, ама нема потреба господине Талевски да се вознемирувате, нема потреба да се вознемирувате. Јас ве разбирам дека сте на ниско ниво со морални и културни вредност. Ама, сослушајте ме. На крајот од денот претставувам 600 илјади граѓани кои што мене ме гласале. Вие овдека сте гласале за Љупчо Коцевски да биде Јавен обвинител, не сум гласал јас. Еве, видете Мисовски како е задоволен од таа своја одлука и не ја негира, напротив. Тој вели, јас сум задоволен. Зошто вие се вознемирувате не ми е јасно. Така што, нема потреба вие да предлагате Јавен обвинител. Вие имате Јавен обвинител, од ваше време е овој Јавен обвинител, не е од времето кога ова парламентарно мнозинство бира Јавен обвинител. Да се завртам на коалиционите партнери, да ги прочитаме и нив. Ајде нема еве. За да не дофрламе. Затоа, господине Трајчулески, мој совет, следниот пат за се она кое што како теза ќе го кажете, размислете што би можел да биде одговорот. Затоа што, ве туркаат во длабоко а немате потреба. Нема потреба. Навистина сум мислел дека барем вие имате и човечки и професионален и морален кредибилитет. Еден од ретките морам да признам. Немаше потреба никаква да ве фрлаат во длабоко. Така што, од ова што го виде македонска јавност можам да кажам дека и да заклучам дека истрагата за Кочани ја води Јавен обвинител избран на предлог на Владата во која што беше најголем чинител СДСМ со останатите коалициони партнери. На предлог на тогашниот заменик на Владата кој што доаѓаше од политичката партија Демократска унија за интеграција. А, како претставници на Владата при неговиот избор се тогашниот министер и заменик министер а пратениците кои што биле присутни на таа седница од редовите на тогашната владина коалиција гласале за овој Обвинител да биде Јавен обвинител. Што значи дека ние живееме во врвот на демократијата, ретко виден и познат не на Балканот и пошироко. Опозицијата си има свој Обвинител. Тој Обвинител денеска ја води истрагата и се надевам дека ќе го охрабрите за да не биде пиар стратегија или де фокус, да уште еднашка се врати назад на овие три случаи на кои што јас зборувам. Но, никогаш за мене лично нема да биде де фокус 75 човечки животи. Тоа се трајно загубени животи и болка која што семејствата ќе ја носат до крајот на својот живот. Тоа не е за де фокус, не е за де фокус. Тоа е за да се повторува за да не се заборави. Затоа што, мора да има виновници, сега нема виновници. А, во овој случај вашиот Јавен обвинител во овој момент вели дека истрагата привел и обезбедил 68 лица.

Сите пратенички прашања