Најважно
350 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мециновиќ праша за владината политика кон игрите на среќа

Резиме

Амар Мециновиќ го праша министерот за економија и труд како коалицијата ВЛЕН преминала од ветување за целосна забрана на казината кон законско решение слично на измените од 2023 година. Во прашањето тој изнесе критики за обемот и влијанието на индустријата за игри на среќа, вклучително и тврдења за финансиски и социјални последици.

Министерот одговори дека игрите на среќа се во надлежност на Министерството за финансии, но ги претстави предложените измени на Законот за забавните игри како прв чекор: објектите да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, да се ограничи рекламирањето и да се забранат електронските игри на среќа. Тој рече дека целта е поголема заштита на младите, а се осврна и на владините мерки за поддршка на платите, вработувањето и продуктивноста.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Амар Мециновиќ

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 18 мај 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Ви благодарам потпретседателе. Почитувани колеги пратеници, почитувани претставници на Владата, почитуван министре за економија и труд. Јас денес имам едно прашање и пред да го поставам прашањето, во суштина мислам дека и знаете за што ќе ви поставам прашање. Тоа што е сега актуелно во овие неколку денови, всушност вие исполнувате едно огромно ветување од вашата предизборна кампања, тоа е забрана на коцкањето, ама арно некако не баш како што го ветувавме, се изветувавте и затоа треба денеска треба да разговараме за тоа. Во суштина постојат моменти во секое општество кога политиката мора да даде еден клучен одговор, а тоа дали економијата служи и постои да му служи на човекот, или човекот е суровина од која се изведува профит. За нас левичарите одговорот е јасен, апсолутно постои целосна деперсонализација на политиката, а бројките го диктираат тоа што вие го правите, а не човечкото достоинство. Но најстрашното е што токму денеска ќе зборуваме за бројките, а бројките се поразителни. Во суштина филозофската дилема дали треба еден министер за економија да се бави со сирови бројки и така да ја води економијата или пак треба да се води по потребите на човекот, тоа можеби е филозофија за привилегираните, но за нашиот народ кои што секојдневно се соочува со аритметиката на секојдневието, мислам дека одговорот е јасен. Одговорот е јасен во смисла дека се додека имаме политички претставници кои бројките им се поважни од луѓето, тогаш ќе имаме и општество каде што се распаѓаат семејствата и јавното здравје е се полошо заради кризи кои ги овозможува вашата Влада меѓу другото како и јавната криза со патолошкото коцкање. Но, за привилегираните кои го гледаат ова низ призма на тоа што можат да добијат, не е доволно само да се посочи човечката болка. Кога се фокусираме на бројките ги забораваме човековите односи, т.е. човечките односи позади тие бројки, фамилиите кои се под притисок, работниците кои се во долгови, иселувањето во Македонија и таков е всушност и примерот кои произлегува од казината и игрите на среќа. Кога една економска гранка не произведува храна, не прави фабрики, не гради, не создава нова технологија, не ја зголемува продуктивноста меѓу другото кои ви е омилен аргумент дека работниците не се продуктивни, не, Владата е непродуктивна, па вие не ја зголемувате продуктивноста. Како ја зголемувате продуктивноста кога дозволувате цела индустрија за коцкање да постои. Значи не се проблем работниците, не човече, Владата е проблем. Владата ни дозволува да постои сектор кои не ја зголемува продуктивноста во економијата, напротив тој не отвора развојни перспективи, туку својата добивка ја темели исклучиво врз загуба. Целиот модел на коцкањето е колку може повеќе да загубат тие кои учествуваат во коцкањето и тоа е целиот тој модел во Република Македонија да постои на оваа скала. А сакам да ви кажам, дека не секоја економска активност е неутрална, па не би имале Кривичен законик ако секоја економска активност е неутрална. Мора да поставиме некаде граници, на нешто не може да се профитира, некаде ќе мораме да ги заштитиме граѓаните во Република Македонија. Тогаш станува збор за систем на организирана економска екстракција на богатството на нашите граѓани во приватни профити. Коцкањето не создава нова вредност, не ја зголемува општествената благосостојба, не го мултиплицира трудот. Напротив неговата суштина е во тоа што приватниот профит расте пропорционално на човековата загуба. Колку повеќе семејства губат плати, губат заштеди, колку повеќе нашите граѓани губат плати, сите тие изгубени плати можеме да ги најдеме во графите за профит кај овие компании. Нивниот профит пропорционално еднаков на колку можат плати и пензии да исцицаат од нашите граѓани. Во најчиста форма, овој економски модел во кои зависноста не е несакан ефект, туку предуслов за профитабилност. Оваа економска дејност почива на зависноста која ја предизвикува, а кога надежта се продава како комодитет, тогаш тоа е најчиста експресија на економија која профитира од човековата мизерија. Затоа што ова не е прашање на личен избор, индивидуален морал, не ова е прашање на политичка економија со која вие управувате. Оваа индустрија не цвета таму каде што има многу пари, почитуван министре. Не, туку таму каде што има многу малку надеж. Зошто коцкарниците ни се во населби? Зошто во Шуто Оризари има коцкарници? Зошто најбедните делови на нашата државата има коцкарници? Пошто има таму пари? Не, нема надеж и тоа ги предизвикува нашите граѓани да влезат во овој маѓепсан круг. Ајде да ги видиме бројките, почитуван министер, за 2025 година. Во Македонија во казината, автоматски клубовите и спортските обложувалници биле уплатени 2,83 милијарди евра. 2,83 милијарди евра. Ова не е идеолошка конструкција министре, ова се многу страшни бројки. Да ја разбереме тежината на оваа бројка, тоа е околу 39% од сите депозити на домаќинствата во македонските банки. Тоа е нешто помалку од 30% од вкупниот јавен долг на државата кој вие галопирачки го зголемувате. Тоа е сума која е поголема од огромни инфраструктурни проекти, како на премиер сумата која вие планирате да ја вбризгате во коридорот. Тоа значи дека со други зборови, во една единствена година, во индустријата на коцкање имаме бројки кои се споредуваат со најголемите макроекономски агрегати во Република Македонија. И што добива од државата од тоа, тој толкав обрт? 280 до 300 милиони евра годишно за лиценци. Значи вие ни 20% не можете да вратите во Буџетот од парите кои се директно исисани од платите и од семејствата на нашите граѓани. Што правите побогу? Како ви се нормални овие бројки мене не ми е јасно. Уште по алармантно е тоа што не дозволувате да се влее нормален износ на пари назад, за граѓаните понатаму. Се останато претставува приватизиран профит и општествено социјализирана штета. Се останато претставува изгубени плати, задолжени семејства, нарушено ментално здравје, уништени бракови, детска несигурност и растечки јавни трошоци за здравствена и социјална заштита, заради кризата која вие ја произведувате.

Значи ние мораме социјална политика сега во иднината поактивна да имаме, заради кризата која вие сте ја создале, или пак кризата со јавно здравје со која се соочуваме сега. И крајно, најстрашното можеби, што ако ја видиме сопственичката структура на овие фирми, тие компании се врзуваат со Австрија, Чешка, Србија, Холандија и офшор јурисдикции. Тоа значи дека македонските плати, македонските пензии, македонските заштеди завршуваат во Австрија, во Чешка, во Србија, во офшор јурисдикции. Зошто? Затоа што имаме Влада која неќе да ги заштити своите граѓани. Тоа е одговорот, нема друг одговор. Како побогу сите пари на македонските граѓани дозволувате да се цицаат надвор од државата. Вие сега ќе ја изрезувате Македонија. Дел по дел, кришка по кришка, денар по денар, човек по човек. Ќе успеете, не знам, да ја изгаснете оваа држава со овие политики. И во маѓепсан круг работниците понатаму запаѓаат во долгови и тоа вие го знаете. Овој феномен е поврзан со брзите кредити, поврзан е и со конвенционални кредити во банките, но богатиот човек кога ќе загуби, тоа може да биде ексцес. Обичниот човек кога ќе загуби, тоа е загубена кирија, загубена храна, загубен школски прибор и многу, многу очај за семејства кои се распаѓаат. Дали Владата има претстава дека не е проактивна за ваков огромен обрт на пари. За структура на сопственост која на годишно ниво одлива македонски пари во странство. Дали е морално оправдано да се одржува сектор кој не создава нова вредност, туку систематски го претвора трудот и надежта на граѓаните во корпоративен профит. Прашањето е во суштина реторичко, затоа што сите го знаеме одговорот. Но, моето прашање министре, како вашата коалиција ВЛЕН дојде од целосна забрана на казината, до тоа да ни го апсорбира истиот закон како ДУИ во 2023 година. Благодарам.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за економија и труд

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Амар Мециновиќ, поставено на 102-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 18 мај 2026 година Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, колеги, почитувани пратеници, Гледам дека податоците или информациите кои ги баравте, сте ги измешале. Не ги имате доволно информациите, бидејќи во врска со игрите на среќа се во ингеренција на Министерството за финансии, не во Министерството за економија. но, како и да е, за прв пат носиме Закон за предлог измени за Законот за забавните игри, каде што на 500 метри оддалеченост ќе се оддалечат од институциите или основните или средните училишта. За прв пат ќе има ред, поголема заштита на јавниот интерес, особено кога се работи за младите и тие од нашата земја. Со години јавноста реагирала за отворање на енормниот број на забавни игри во близина на училиштата и местата каде што се движат децата. И сме пресметале дека од опозиција кога протестиравме е неприфатливо, образовните институции да се во близина или да се опфатени или од околу да имаат објекти од забавни игри. Бидејќи во најголема опасност се најмладите и кај нив може да се создаде зависност и целиот живот да го поминат во овие простории. Поради ова сме донеле ограничување 500 метри и ова не е политичка мерка, туку е заштитна мерка и е да ги оддалечиме младите од ова кое е штетно. Сме поставиле и јасни правила, бидејќи нема да дозволиме комарот да се рекламира како брз начин за да се збогати или лесна заработка, особено во содржините кои влијаат кај младите. Целта е јасна, да се стави голема контрола и европски стандарди во областа, борбата против оваа индустрија. Со оваа Предлог измена која ќе ја направиме, ќе ги забраниме и електронските игри на среќа, бидејќи знаеме дека многу брзо може да стигнат кај нив младите. Во врска со ова прашање кое ми го поставивте од опозиција и како владин кабинет ќе сме против додека не им овозможиме нивната работа и кога целосно ќе ги отстраниме од нашата земја. И тоа го правиме. Првично ова е првиот чекор, измените се првиот чекор. Им го стеснуваме нивниот круг, ги оддалечуваме од местата каде што се младите и го ограничуваме рекламирањето. И во врска со другиот дел, значи секој ден работиме за зголемување на животниот стандард на граѓаните. Со помош на колективните договори сме постигнале да ги зголемиме платите, за да влијаеме во зголемување на продуктивноста во врска со јавниот сектор. Со колективните договори се зголемуваат платите, за да имаме продуктивност и потоа да се зголеми минималната плата во приватниот сектор. Со оперативниот план, со Законот за финансиска поткрепа на инвеститорите со сите механизми го поткрепуваме приватниот сектор. Ги поткрепуваме економски, стопанските комори, да имаат економска поткрепа од страна на Владата и да создадеме подобри услови за вработените и тие да ја зголемат продуктивноста, истовремено ќе се зголеми минималната плата. И поради ова сме посветении работиме секој ден. Благодарам.

Сите пратенички прашања