
Сања Лукаревска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 февруари 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Министре Љутков, претпоставувам ќе се сложите колку е значаен македонскиот јазик. Тој е нашиот национален и културен идентитет и ова наше богатство сите имаме обврска да го чуваме, негуваме и да го унапредуваме. Јас сум исклучително горда што припаѓам на политичка партија и бев дел од една влада која што докажа како се сака, брани и почитува македонскиот јазик. А знаете зошто го велам ова. Затоа што токму, во периодот на Владата на СДСМ се спроведоа државнички политики за заштита, афирмација и унапредување на нашиот македонски јазик. Тоа беа политики кои што треба да ги продолжи секоја влада која се грижи за својот мајчин јазик, а особено влада која што во јавност пропагира силна реторика и ветувања на политики за промоција на македонскиот јазик. Да, тука мислам на Владата на ВМРО ДПМНЕ. Она што денес го гледаме во однос на унапредувањето и афирмирањето на македонскиот јазик е во склоп на сите останати политики на ВМРО ДПМНЕ, ништо не е направено, не е спроведена ниту една политика. Тотална незаинтересираност. Дури ниту законските обврски не се исполнети, а тоа е недозволиво. Пред да дојдам до прашањата, ќе ве потсетам дека во април 2019 година, токму Владата на СДСМ донесе Одлука за прогласување на 5 Мај за ден на македонскиот јазик. Благодарение на тие политики, денес нашиот македонскиот јазик е признат во Обединетите Нации, а со Договорот од ФРОНТЕКС стана дел и од јазиците на Европската Унија. Да ве потсетам дека инвестиравме во Институт за македонски јазик и финансиски ја поддржавме дигитализацијата на сите картотеки во Институтот со што трајно заштитивме 5 милиони вредни записи на македонски текстови. Одиме понатаму. Го дигитализиравме правописот на македонскиот јазик, а после 24 години обезбедивме нови вработувања на научници во Институтот за македонски јазик. Овие факти верувам дека ви се многу добро познати. Лани го донесовме и Законот за употреба на македонски јазик од кој што произлегуваат мерки и обврски што треба да се преземат. Тоа е задолжително лекторирање на сите официјални материјали со јавно објавување на лекторите. Вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, основање на инспекторат за употреба на македонскиот јазик за контрола за примената на законот. Од овој закон произлегуваат и мерки за стипендирање на ученици и студенти на сите нивоа на проучување на македонскиот јазик како и отворање на работни места за лектори во институциите, училиштата, издавачките куќи и медиумите. И, после сето ова имаме Влада на ВМРО - ДПМНЕ имаме министерство кое не презема ништо. И, внимавајте, по ниту една обврска од овој закон што произлегува не е постапено. Само да потсетам на вашиот став за великанот Блаже Конески кого го нарековте џуџето од Небрегово. Тој став ја открива сета ваша суштина и ниту стотици ваши заветни изјави не можат да ја покријат. И, ова не е никаква тенденциозност само едно потсетување. Девет месеци не се сетивте и не покажавте иницијатива за основање на инспекторат за употреба на македонски јазик, нема огласувања за вработување на лектори, нема исполнети законски обврски. Врз основа на сето ова претходно напоменато имам две конкретни прашања до вас. Прво, кога ќе почнете да ги исполнувате обврските од Законот за македонски јазик бидејќи до сега не е исполнета ниту една обврска.