Најважно
348 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Лукаревска праша за одговорноста на службениците на МВР во случајот во Тафталиџе

Резиме

Сања Лукаревска го праша министерот за внатрешни работи до каде е утврдувањето одговорност на службениците на МВР во врска со случајот во Тафталиџе. Таа пренесе дека граѓанските организации побарале целосна и транспарентна истрага за постапувањето на институциите и одговорност за службените лица што не постапиле согласно обврските.

Министерот не наведе конкретен статус на утврдувањето одговорност во овој случај. Тој рече дека Одделот за внатрешна контрола постапува неселективно и дека ќе се утврдува кои службени лица не постапиле согласно закон, со дисциплински санкции, а при елементи на кривично дело и известување на јавен обвинител. Посочи и на колизии во законските одредби и потреба од подобрување на системот.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сања Лукаревска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 95-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 март 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам почитуван потпретседателе. Јас имам три пратенички прашања. Првото е до министерот за внатрешни работи. Министре Тошковски, по трагичниот настан во Тафталиџе, по ужасниот крај на животот на Ивана и на нејзината ќеркичка. Присуствувате на средбата на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство. На истата заедно со граѓанските организации договорени се измени во осум Закони, Закон за полициски овластувања, за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, за социјална заштита, за правда за децата, за бесплатна правна помош, за кривична постапка, за парнична постапка и за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Овие измени за жал се задоцнети за многу жртви на семејното насилство кои воедно беа жртви и на институционални слабости. Но, измените мораат да бидат направени имајќи го во предвид и фактот дека семејното насилство станува се поголем дел од содржината на дневните билтени на МВР. И, покрај тоа останува прашањето: За кобниот 2ри март во Тафталиџе што со одговорноста на оние кои не реагирале врз основа на принципот на должно внимание кои како држава сме го превзеле согласно Истанбулската Конвенција. Како да не опоменуваа кривичните пријави за таткото на Катја за поднесени имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. И, не само Стојанче што ги поттурна Ивана и Катја, Усеин што 40 пати ја избоде Анкица од Кочани, Илија ако ја избоде Росица во Велес, го уби потоа нејзиниот татко, па се самоуби. М.А кој пред очите на 5 годишната ќерка ја уби Рамајана во Шуто Оризари. Вчерашниот грозоморен случај во Куманово и т.н. навистина е долга листата. Имено, и барањето на граѓанските организации беа целосно и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции, во случајот во Тафталиџе вклучително и проверка дали постоеле пријави и сознанија и какви мерки биле или не биле преземени. Суспензија на сите службени лица вклучително во постапувањето се до завршување на истрагата. Утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски. Соодветни санкции вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале а не превземале мерки. Моето прашање до вас е: До каде е постапувањето во однос на утврдување на одговорност на службените лица во Министерството за внатрешни работи? Без постапување на надлежните институции, законите сами по себе не значат автоматска заштита.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерството за внатрешни работи

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 95-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 март 2026 година Благодарам потпретседателе. Благодарам пратеничке на поставеното прашање, навистина семејното насилство е тема која што заслужува да биде дискутирана, дебатирана во јавноста, е тема за која што мораме да сториме се што е во наша моќ, за да можеме да одговориме соодветно на сите предизвици, е тема која што навистина максимално треба да биде фокусиран и требало да биде фокусиран секој еден функционер избран именуван од страна на ова Собрание во рамки на македонската држава која што си ја имаме и си ја сакаме. Е сега, добро е што ја отворате оваа тема и вие, добро е што и опозицијата е посветена на една тема која што е доста значајна за Македонија, ама лошо е што и давате политичка димензија, како да министерот за внатрешни работи и ВМРО ДПМНЕ го измислија семејното насилство. Лошо е што говорите за жртви само за последниве година и пол, две. Лошо е што давате примери само за последниве година и пол, две. Лошо е што целото ова го пакувате во рамки на еден пакет, сакајќи да обвините, а притоа треба да застанете, вака фино, лепо, културно, да се погледнете себе си во огледало, да видите вие што сте направиле во изминатиот период, да видете какви дејствија сте презеле вие, што сте можеле да направите, што сте направиле и како тоа денеска рефлектира во рамки на нашето општество кое што се трудиме да го подобриме секој еден ден. Имав една изјава, која што ја давав во рамки на техничка Влада, и кажав дека кај и да копнеш е труло. Кај и да копнеш во оваа држава, кој камен да го кренеш е труло. И така е. Особено во тој период беше така. Денес имав една изјава, снимав едно интервју за една национална телевизија, ме прашаа на темата Сејф сити и кажаа дека тоа е еден добар проект, но сум бил обвинуван од опозицијата дека ловел само Албанци, системот не ловел Македонци. Кажав дека тоа прашање како такво сме го затвориле, објаснето е, функционира системот, итн. Ме прашаа на тема пасоши, кажав дека и тоа сме го затвориле, сме го решиле од оној хаос кој што го наследив, од она нецивилизирано функционирање, односно не функционирање, кое што го начекав првиот ден, сега повеќе никој не говори на таа тема. Ме прашаа зошто не била формирана Комисија за оружје. Ја прашав новинарката дали слушнала дека некој има проблем со оружје. На времето сите знаеме, гласно се збореше дека за да некој добие дозвола за оружје, треба да плати 500 евра, 1000 евра, 5000 евра, итн. Поднесовме против едно над дваесетина лица кривични пријави за таквите незаконити дејствија кои што ги преземале во минатото, го решивме системот, ги дигитализиравме системот, го дигитализиравме, електронски се комуницира сега со Министерството за внатрешни работи, комуницираме и со судовите, го решивме и тој проблем, повеќе не е прашање на кое што треба да се фокусираме и не е прашање кое што треба да се отвори во јавноста. Да, сега е прашање на кое што треба да се фокусираме и да го решиме, да го подобриме системот, прашање кое што е поврзано особено со заштита на жртвите жени, жртвите дечиња, сите оние жртви кои што и те како сега се видливи и биле видливи во минатото, но на жалост, она кое што било работено во минатото не било доволно. Јас не велам дека не сте направиле нешто подобро од тоа што било, сигурно нешто арно сте направиле. Ама не било доволно да се направи за да се реши овој проблем. И ќе ви го кажам со пример зошто е така. 29.01.2021 година е донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Тогаш е донесен Законот и добро е што е донесен Законот. Тоа е добро. Е каде е проблемот. Проблемот е, оттогаш па до сега, едно шест години, Законот има одредби кои што се во колизија едни со други, кои што оневозможуваат Министерството за внатрешни работи да е ефикасно така како што треба да е ефикасно, кое што оневозможуваат судот да спроведе една постапка која што ќе му биде потврдена од страна на Апелација, односно Апелација ги враќа предметите назад, заради тоа што Основниот суд дополнително не ја виктимизирал жртвата, па да ја повика на главна расправа, таа морала да биде присутна согласно одредбите од Законот за парнична постапка кој што го именувавте, итн. Кога се влегува со системско решение на проблеми, тоа не треба да биде само една шведска маса, па да си одбереме од овде да си земеме морковче, ваму да каснеме мевце, таму да буцнеме од лепчето. Треба да го решиме целосно проблемот. Вие, на жалост, јас би бил многу среќен да сте го решиле проблемот, законската легислатива која што е дефинирана во 2021-ва да била функционална и да немало колизија на интерес од денешен аспект. Ова не го говорам јас, ова го говорат сите експерти од фелата, како што ги напоменавте, дел од невладините организации на кои што јас бев на состанок со нив, дел од судиите на кој што јас бев на состанок со нив, дел од обвинителите на кои што јас бев на состанок со нив, да, и ова е тема која што заслужува фокус и посветеност и на министерот за внатрешни работи, која што претходно морам да напоменам согласно информациите кои што ги добивам, не била многу фокус на министрите на внатрешни работи во минатото, на жалост не била, но сега е фокус на овој министер за внатрешни работи. И да, добро е што жртвите се охрабруваат да пријавуваат ваков тип на кривични дела. Знаете дека во минатото имавме едно семејно насилство на територија на СВР Скопје неделно, сега имаме две до три пријави за семејно насилство дневно. Сакате да ми кажете дека пред година, две, три, пет немало семејно насилство. Вие го одкоренивте, па сега се врати. Тоа сакате да ми кажете. Не. Жртвите се охрабрени да пријават во Министерството за внатрешни работи, а Министерството за внатрешни работи постапува, за разлика од претходно. Дали во рамки на работењето на Министерството за внатрешни работи ќе има грешки? Да. Дали има грешки? Да. Дали има полициски службеници кои што не си ја знаат работата? Да. Дали има полициски службеници кои што пропуштиле должен надзор, како што кажавте? Да. Но, за разлика од претходно кога истите беа штитени врз основа на одредени предзнаци, за нормалниот човек несфатливи, сега Одделот за внатрешна контрола постапува неселективно и постапува во насока на тоа како да го отклони проблемот кој што е настанат, конкретен проблем, со тоа што за секое едно незаконито дејствие ќе утврдиме име и презиме на оној кој што не постапил согласно закон и соодветно ќе го санкционираме. Во рамки на дисциплинска постапка доколку има елементи на кривично дело, лицето ќе биде известен јавен обвинител, истиот ќе го процесуира во рамки на една процесна постапка која што е негова надлежност. Многу ми е жал, многу ми е жал пак ќе повторам, јас очекував од вас како луѓе кои што сте многу години во рамки на државна фотелја, многу години сте сите овде во рамки на државна фотелја, особено овие од левата страна што се. Многу години. Очекував од вас да имате додадена вредност во рамки на она кое што треба да значи градење на капацитетите на државата. Тоа може да го правите со отворање на вакви теми, може да давате допринос во конкретни комисии, може да давате допринос со конкретни законски предлози, итн. Но, кога тоа го правите, обвиено во обландата на политички препукувања, верувајте ми, губиме сите. Губиме сите, буквално сите. Јас морам да напоменам дека од 2021 година и 2022, 2023, 2024, но и 2025 и 2026 до денес, не е донесен правилник за обуки кои што требало да биде донесен согласно Законот за семејно насилство. Да, не е донесен 1,5 години во време на ВМРО и 4,5 години во време на СДСМ. Ама јас не велам не е донесен само 4,5 во време на СДСМ. Дали ја гледате разликата. Го констатираме проблемот, ќе постапиме максимум во рамки на наши надлежности и максимум во рамки на наша енергија за да ги намалиме ваквите случаи. Не можеме да ги отклониме. Не можеме да ги решиме сите. Семејно насилство имало, има и ќе има. Јас, ниту јас, ниту било кој друг не може да преземе обврска дека ќе го решиме судството во Македонија. Зошто тогаш би постоело МВР, зошто тогаш би постоела државата. Но треба да направиме се што е во наша надлежност за да ги минимизираме овие случаи и максимално државата да ја изградиме со капацитети да може да одговори. Но, пак ќе ви повторам, каде е разликата помеѓу нас и вас. Она кое што јас го говорам е реално и е во интерес на македонските граѓани, без политички предзнак и флоскули. На жалост тоа не можам да го препознам и кај вас.

Сите пратенички прашања