
Сања Лукаревска
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сања Лукаревска, поставено на 50-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 29 мај 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитувани колеги пратеници, почитувани претставници на Владата, почитувана јавност, вчера овде во Македонското собрани се случи ратификација на Договорот за партнерство за реализација на инфраструктурни проекти склучен меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Напоменавме и вчера, сметаме дека е преседан да Меморандум биде ратификуван како меѓународен договор и на вчерашната седница се дискутираше и се бараа одговори на повеќе прашања, како за прават аи обврските, така и за правната заштита и најбитното, финансиските импликации за граѓаните. Власта не само што ја турна земјата во ново задолжување, тоа значи задолжување за новите генерации и суспендирање на нормите и законите. Бидејќи граѓаните имаат право да ја знаат вистината, најпрво имам две пратенички прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Министерке Кочоска, знаеме две работи. Прво знаеме дека одобрената рамка за задолжување е 6 милијарди евра, или приближно еднакво на Буџетот за 2025 година од 6,5 милијарди евра. Второ, знаеме дека ќе биде проектно финансирање, но не знаеме кои се другите услови, колкава ќе биде каматната стапка, како ова задолжување ќе се рефлектира врз јавниот долг. Граѓаните заслужуваат јасни и прецизни одговори на овие прашања и граѓаните мора да знаат како ова задолжување ќе се рефлектира на нивната иднина. Во едно ваше интервју рековте дека изборот на фирми од Обединетото Кралство, што ќе градат проекти во државата од овие 6 милијарди евра, ќе се прави врз основа на Законот за јавни набавки. Како што рековте, ве цитирам, има јасни одредби што се случува при вакви договори влада со влада. И додадовте дека нема да има само една, туку повеќе понуди од фирми, согласно Законот за јавните набавки. Но она што вчера помина во Собранието друго кажува. Па прашање е дали ќе важи Законот за јавните набавки или сепак нема да важи. Имено, членот 2 од Договорот предвидува, цитирам: Учесниците ќе работат заедно на идентификување можности за финансирање на проекти, вклучително од УКЕФ. Дали финансирањето ќе оди целосно од УКЕФ или од комерцијални банки за кои УКЕФ ви дал соодветни гаранции. Ова е многу значајно прашање, затоа што се работи за договор влада со влада, повторувам. Во членот 2 став 2 од овој Меморандум, што вие го нарекувате Договор со Владата на Обединетото Кралство се наведува дека, ќе се олесни запознавање со британски деловни субјекти за поддршка на реализацијата на проектите. Јавноста треба да знае што значи оваа одредба, за какво запознавање се работи, дали такво запознавање веќе се случило и за какво олеснување од страна на британските деловни субјекти станува збор. Дали овие деловни субјекти се предефинирани изведувачи, што е во спротивност со тврдењето дека ќе се користи Законот за јавни набавки. И знаејќи ги основните начела на Законот за јавни набавки за конкурентност, фер пристап и транспарентност, не може да има конкурентност на предефинирани деловни субјекти. Во членот 3 стои дека учесниците заеднички ќе работат и заеднички ќе ги истражат можностите за финансирање на приоритетните проекти, таксативно набројани во Анексот А, т.е. дека за секој поединечен проект дополнително ќе има финансирање, вклучително од комерцијални банки. Што значи оваа одредба, дали се веќе предодредени фирмите, односно компаниите. Особено, што финансирањето се одвива преку УКЕФ, чии услови подразбираат дека минимум 30% од вредноста на финансираните проекти, оди кај британски компании или како плаќање во Велика Британија. Како Владата ќе обезбеди доследна примена на Законот за јавните набавки, кога однапред се знае кои компании ќе бидат вклучени во реализација на проектите. Значи, со овој Меморандум, договор, спогодба, како сакате крстете го, де факто ќе се суспендира Законот за јавните набавки кој предвидува конкурентност и транспарентност. Моето право прашање до вас е следното. Дали на овој начин Владата со овој Меморандум или Договор, како сакате, целосно ќе го суспендира Законот за јавните набавки.