О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Бисера Костадиновска Стојчевска, поставено на 45-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 24 април 2025 година Николче Јанкуловски: Министерство за финансии сериозно пристапи кон решавање на овој проблем со исплатата на платите кај културните работници. Во текот на вчерашниот ден се исплатени околу 87 милиони денари за плати и истите исплати продолжуваат и во текот на денешниот ден. До крајот на денот ќе бидат исплатени сите културни установи сите вработени ќе земат соодветна плата. Проблемот, вас како поранешен министер за култура, ви е многу добро познат, бидејќи самата претседателка на Синдикатот кажа дека овој проблем се повторува неколку години наназад. Каде вие како министер бевте во тој момент да кажете што е проблемот. Ајде во првата година ви се случило, Колективен се потпишал, па дошло до исплата, настанал проблемот. Каде бевте втората година. Повторно истиот проблем. Каде бевте третата година, повторно истиот проблем. И вчера слушаме, претседателката на Синдикатот, со право, каде што кажува дека неколку години наназад, овој проблем се случува. Зошто се случувал толку години наназад. Ние со тој проблем се соочивме и максимално работиме на негово решавање. Заостанатиот дигитализиран систем кој што требаше да биде во функција, ИСМИС за дигитално информациско управување со самите финансии е во застој веќе две до три години во Министерството за финансии. Се соочивме со тој проблем. Проблем со Законот за административните службеници, исто така. Но, од првиот момент на нашето доаѓање во Министерството за финансии пристапивме кон решавање на овие проблеми. ИСМИС не е едноставна алатка, но со поддршка на Светска банка и со буџетски средства, активно работиме за да во иднина не настанат проблеми со задоцнување на платите во било кој сектор, кај било кој буџетски корисник во Република Македонија., Работиме на животниот стандард на граѓаните, работиме на животниот стандард на културните работници, ги добиваат сега платите покачени и максимално ги почитуваме сите законски донесени решенија, Општиот колективен договор и посебните договори кои што се потпишани во областа на културата. Ја користам оваа ситуација да кажам дека од месец март 2025 година, согласно постојните законски решенија, имаме зголемување на платите согласен Колективен договор и Закон за 23 илјади вработени административни службеници, околу 11 илјади линеарно околу 2 илјади денари по нето износ по вработен. Вработените во градинките, старските домови и детските одморалишта, околу 5 илјади вработени, линеарно околу 2 илјади денари во нето износ по вработен. Кај судските и обвинителските службеници со март 2025 година, околу 2.500 вработени и линеарно околу 2 илјади денари во нето износ по вработен. Затворски службеници од март 2025 година, околу илјада вработени линеарно околу 2 илјади денари. Вработени во културните установи, 6% на постојните плати. Вработени во високото образование, на што сум посебно горд, и научните институции околу 5 илјади вработени, дополнителни 8% на постојните плати, а во месец јануари 2025 година овие вработени добија и 18% покачување. Собраниските службеници, околу 400 вработени, 8% на постојните плати. Дека се грижиме за животниот стандард на вработените во јавната администрација, исто така околу 53 илјади вработени, согласно утврдените владини политики, секако со поддршка на премиерот Мицкоски, се зголемија и платите кај вработените во Министерството за внатрешни работи од март 2025 година, околу 12 илјади вработени со зголемување на 10% на постојните плати. Кај вработените во основното и средното образование, околу 33 илјади вработени, дополнителни 7% на постојните плати. Да потсетам во месец октомври 2024 година, овие вработени добија и 5% покачување на нивните плати. Вработените во здравствените установи, околу 19 илјади вработени, дополнителни 5% на постојните плати, а во октомври 2024 година овие вработени добија 10% покачување. Согласно ова, околу 87 илјади вработени и плус културните работници имаат покачување на платата на месец март 2025 година и со ова темпо и почитување на сите законски решенија, Општ колективен договор и посебни колективни договори, ќе продолжиме со зголемување на платите и како што знаете, она што го почнавме со пензиите, ќе го продолжиме во идниот период, да го подобриме животниот стандард на граѓаните. За стопанството во друга прилика.