
Венко Филипче
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Венко Филипче, поставено на 107-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 25 јуни 2026 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам почитуван претседател на Собранието, пратеници, премиере и министри. Имам едно прашање за претседателот на Владата. Премиере кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувате се и сешто. Ветувате повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок. И во вашата програма 1198 и во вашето експозе тука кога ја формиравте Владата, едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот, две години, а денес вистината е сурова. Ниту една од овие ветувања не испорачавте, граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина. Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирана институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10% од ветеното во програмата нема исполнето, само лаги, изолација и партиски тендери. Очигледно тоа бил бројот 1198 и ништо друго. Ветивте подобар животен стандард, животниот стандард е намален, сиромаштијата е зголемена. На едно четири члено семејство му се потребни најмалку 70 илјади денари за да го протурка месецот и тоа за најосновните работи. Кога таа потрошувачка кошничка малку ви се прошири онака како што реално е, потребни се меѓу 80 и 90 илјади денари. Ова не го исполнивте. Ветивте поголеми плати, а македонските работници сега имаат најниски плати во Европа. Три минимални плати едвај ги покриваат основните трошоци за живот и ова не го исполнивте. Нема 600 евра минимална плата, не само што нема, не сакате да слушнете да дискутирате за тоа. Ветивте инфлација од 2,5%, а таа е сега 4,8, речиси двојно повисока од вашето ветување и од европскиот просек. Буџетот е пред колапс. Нема пари за ништо. Ветивте намален дефицит, а целокупниот годинешен буџетски дефицит веќе е потрошен и сега дополнително најавувате зголемување нови 100 милиони евра. Има инфлација од 4,85, нема намалување на расходите, нема намалување на трошоците за луксуз на Владата. Ветивте одржлив јавен долг, а што е вистината. За две години ја заглавивте државата со нов дополнителен долг од 2 и пол милијарди евра. Јавниот долг сега изнесува близу 11 милијарди евра и тоа ветување не го исполнивте. Ќе кажете, враќавме стари долгови, па ако сте враќале стари долгови, тогаш долгот најмалку треба да е ист, а не поголем. Нов долг од 2 и пол милијарди евра, а нема пари за плата на работниците, нема пари за мерки за граѓаните и нема пари за земјоделците. Па се поставува прашањето каде завршија милијардите од задолжувањето. Ветивте зголемени странски инвестиции, а имаме историски пад на странските инвестиции, две третини, 60% се намалени, уште едно неисполнето ветување. Ветивте по вашата програма зелена карта за побрз поврат на ДДВ. А државата должи близу 300 милиони евра на компаниите посебно на поврат на ДДВ, нивната ликвидност е доведена во прашање. Ветивте поддршка за земјоделците, гарантиран откуп, гарантирани соодветни откупни цени, 180 милиони евра поддршка и користење на фондовите. Што се случи? Не само што нема дополнителни пари, субвенциите се намалени за 40 милиони евра, тие истовремено доцнат, земјоделците нема каде да го пласираат својот производ. Откупувачите ги манипулираат, а Владата по тоа прашање молчи. Откупот кај малите земјоделци е паднат за 46,2%, скратени се парите од ИПАРД, целата јавност знае зошто е тоа така. Ветивте иднина за младите, 70 илјади нови работни места, намалување на иселувањето, а сега најавувате замена на нашите млади иселени со млади од други, од трети земји, подобар стандард, поддршка во образованието, домување и претприемништво. Ама буквално ништо нема за младите од земјата. Секој трет човек планира да ја напушти државата, не затоа што не ја сака Македонија, туку затоа што не гледа можност тука да живее и да напредува. Ветивте правда, одговорност, борба против непотизам, расчистување со судир на интереси, искоренување на корупцијата. Што добија граѓаните? Партизација и непотизам во буквално сите институции. судство и обвинителство под директна политичка контрола, давате и делите насоки од собраниската говорница, нема правда, нема буквално никакви реформи. Ветивте европски напредок, максимални напори за Европа, реформи целосно усогласување со европското законодавство. А денес, европскиот пат е заглавен, реформи нема, го бркате да го фатите грејс периодот од година дена кои што го даде дополнително Европа. Земјата ја туркате во изолација. Е ова е резултат од вашата власт премеире. Една голема нула, нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно, кој е крив за овие неисполнети ветувања. Кој е крив премиере за овие две изгубени години. Пола мандат помина, ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните отворено, искрено дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте. И ве молам не барајте повторно виновник, немојте да сум виновник јас или Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Благодарам.