Најважно
353 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Бочварски праша за реализацијата на општинските проекти од унгарскиот кредит

Резиме

Пратеникот Благој Бочварски праша колку средства од унгарскиот кредит за локални проекти биле реализирани во 2025 година. Тој посочи дека за 2026 година во буџетот се предвидени околу 40 милиони евра и праша за состојбата пред крајот на годината.

Заменик-министерот за локална самоуправа одговори со пресек на 31 октомври 2025 година, наведувајќи ја реализацијата на проектите од двата јавни повика. Од првиот повик, 185 проекти биле завршени, 98 биле во работа или започнати на терен, а за одобрените 288 проекти била предвидена инвестиција од 4,5 милијарди денари. Од вториот повик, од 828 проекти со склучени договори, 255 биле започнати, 32 завршени, а 12 во завршна фаза. Одговорот не наведува вкупен износ на финансиски средства исплатени или реализирани во 2025 година.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Благој Бочварски

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Благој Бочварски, поставено на 71-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 ноември 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Третото прашање е до министерот за Локална самоуправа кој што ги координира општинските проекти од унгарскиот кредит и според најавите секако во минатиот период слушнавме дека ќе има инвестиции од 250 милиони евра годишно или 24-та 100 милиони евра, па понатаму 25-та, 26-та и наредните години по 250 милиони годишно. Ова беше ветувањето. Минатата година овде во Собранието, но и надвор на различни дебати дискутиравме по однос на овие прашања и на реализацијата на овие проекти по општините. Ние се обидовме да објасниме дека 250 милиони евра се огромни средства за да се реализираат во една тековна година, малтене е невозможно во таков тип на општински проекти да се реализираат во 12 календарски месеци. Времето полека не убеди сите, а и граѓаните дека реализацијата на финансиските средства минатата 24-та година која што беше еве половина година на новата Влада. Во тоа време не беа реализирани финансиски средства од овој кредит, а оваа година беа буџетирани нешто над ако не се лажам 100 милиони евра. Секако во овој Буџет гледаме дека за наредната 2026 се буџетирани некаде околу 40 милиони евра. Прашањето ми е колку се реализирани финансиски средства од унгарскиот кредит за општински локални проекти во оваа календарска 2025 година, имајќи во предвид дека сме веќе крај на месец ноември и имаме уште 30 дена од завршување на оваа календарска 2025 година. Благодарам.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за локална самоуправа

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Благој Бочварски, поставено на 71-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 ноември 2025 година Заменик министер за локална самоуправа Благодарам на прашањето. Почитуван пратеник, најнапред морам да истакнам дека како држава исправени сме пред едни големи предизвици во креирањето на политики кои ќе одговараат на реалните потреби на сите наши граѓани. А, истовремено и на општините кои треба значително да се зајакнат и да бидат одржливи. Во суштина локалната самоуправа претставува една жива динамична материја во политичкиот систем на нашата држава бидејќи е најблиску до граѓаните а граѓаните секако очекуваат од нас спроведување на развојни политики кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеење. И, токму во таа насока како одговор на сето ова, Владата преку Министерство за локална самоуправа спроведе два јавни повика за капитални инфраструктурни проекти, со јасна цел. Подобрување на локалната инфраструктура и решавање на најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Бидејќи, верувајте дека незамисливо е во 21-виот век граѓаните се уште да живеат, да газат по кал или при најмал дожд да поплавуваат. И, благодарение на овие два јавни повици, преку потпрограмата А, Владата на општините им одобри вкупно, околу блиску 1200 проекти во вкупна вредност околу 20 милијарди денари, што претставува историски најголема инвестиција од страна на централната власт за поддршка на локалниот развој. Во однос, сега ќе се навратам, во однос на првиот јавен повик од минатата година, со пресек на 31.10.2025 година, 287 проекти се со склучен договор и еден проект без започната постапка за јавна набавка. Вкупно 98 проекти се воведени во работа или работат на терен. Од овие 98, 32 проекти се во завршна фаза и се очекува наскоро да се завршат. 185 проекти се завршени, а 4 проекти не се започнати со работа и 1 проект нема започнато постапка за јавна набавка. Вкупната инвестиција за овие одобрени 288 проекти е 4,5 милијарди денари. Понатаму. Со вториот повик од инструментот за капитални инвестиции се склучија договори за вкупно 828 проекти во вкупна вредност од 11 милијарди и 868 милиони денари, или приближно 225 милиони евра. Со пресек на 31.10.2025 година, 76 општини направиле ребаланс на Буџетот. Од 76 општини кои имаат направено ребаланс на Буџетот, Општина Маврово има ребаланс за два проекти, а другите две не се влезени во ребалансот, од причина што требало да изменат развојна програма, а се очекува да направат ребаланс после избори. Четири општини немаат направено ребаланс, а тоа се општините Центар Жупа, Старо Нагоричани, Дебар и Струга. Од вкупно 828 проекти, за 193 проекти објавена е постапка за јавна набавка, за 489 проекти веќе има склучено договор. Од овие 489 проекти со склучени договори, 255 проекти се воведени во работа и се започнати со работа, 32 проекти се завршени со теренска изведба, додека 12 проекти се во завршна фаза. И за 146 проекти нема започнато постапка за јавна набавка. Почитуван пратеник, ова е историска најголема инвестиција од централна власт за локалните самоуправи и затоа слободно можам да кажам со право дека, оваа Влада е вистински пријател на општините и на граѓаните, бидејќи предвидува еден инвестициски циклус насочен кон развој на капитални и инфраструктурни проекти, кое подразбира подобрување и унапредување на квалитетот на живеење на сите граѓани. И сите проекти доаѓаат по предлог на општините, со оглед дека тие се најблиску до граѓаните и ги познаваат најдобро нивните проблеми. Можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, бидејќи имаме големи проекти што се во висина од 150 до 200 милиони и не очекувам голем капитален проект да се реализира за два месеци. Ова се значајни проекти, значајни средства кои се ставаат на располагање на општините, со цел изградба на капитални проекти како што се училишта, градинки, паркови, водоводи, канализации со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните. Благодарам.

Сите пратенички прашања