
Фатмир Битиќи
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Фатмир Битиќи, поставено на 53-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 12 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитувана министерке, како економисти не можеме да го занемариме фактот дека ликвидноста на компаниите е клучниот мотор што ја движи економијата напред. А кога компаниите немаат пристап до финансиските средства што им следуваат законски, односно не им се враќаат навремено, се создава синџир на потешкотии кои не ги погодува само нив, туку и вработените, работниците, нивните семејства и целото општество. Според информациите што пристигнуваат од различни делови на стопанството, повратот на ДДВ доцни меѓу 6 и 9 месеци, дополнително имам информации кои за жал веројатноста е голема дека се вистинити со оглед на факт дека недостасува транспарентност во делот на извршување на законските буџетски обврски, а се однесуваат на тоа дека одредени компании добиваат приоритет при поврат на ДДВ, додека други кои исто така имаат еднакви законски права, се оставени да чекаат. Кој ќе ја добие милоста или суровоста од Владата, како што сум информиран се одлучува во партиските штабови на партиите од власта. Се прават приоритетни листи за поврат на ДДВ и останати финансиски обврски, односно компаниите се вреднуваат според политичката подобност. Еден од основните постулати на демократското владеење е дека ликвидноста на фирмите не треба да биде прашање на политичка волја или партиска наклонетост. Тоа е прашање на фер и економска политика и на одговорност кон јавниот интерес. Секоја неплатена фактура, секој задоцнет поврат на ДДВ, е потенцијален ризик за опстанок на илјадници претпријатија. Не смееме да го занемариме и фактот дека иако Владата ја најави поддршката за стопанството преку унгарскиот кредит, како инструмент за свеж капитал, реализацијата досега е помалку од 50%. Исплатени се само 125 милиони евра за 8 месеци, што е помалку од акумулираниот долг на државата кон стопанството од над 150 милиони евра само по основ на задоцнет поврат на ДДВ и други неплатени, а доспеани обврски. Значи кога зборуваме за поддршката на Владата кон стопанството, тогаш таа е во минус од најмалку 24 милиони евра што најдобро зборува за длабоката неусогласеност помеѓу политичките најави и реалната состојба на бизнисот. Компаниите се оставени сами да се снаоѓаат како што знаат и умеат, за да отстојат и осигурат егзистенција на илјадници нивни вработени. Во оваа смисла, моето прашање е, кога Министерството за финансии ќе обезбеди поврат на ДДВ и на останати доспеани побарувања кон сите компании без политички приоритети и дали конечно ќе се стави крај на оваа практика со доцнењето. И колку реално должи државата по основ на доспеани, но неисплатени обврски кон стопанството.