
Фатмир Битиќи
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Фатмир Битиќи, поставено на 21-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 28 ноември 2024 година Пратеничкото прашање гласи: Денес сме овде да зборуваме за клучни прашања што ги засегаат секоја граѓанка, секој граѓанин на нашата земја. Најнапред сакам да се задржам на темата на фер управување со јавните финансии и распределбата на ресурсите во предлог Буџетот во 2025 година. особено во контекст на платите и во јавниот и во приватниот сектор. Согласно предложениот Буџет бруто платите за 359 вработени во Владата се предвидени да се зголемат речиси 54%. Од 90 илјади бруто на 137 илјади денари бруто. Со нето просечни плати кои ќе достигнат некаде приближно 90 илјади денари. За вработените во ново формираната Министерство за енергетика се предвидува просечна плата од 105 илјади денари. СДСМ идеолошки, а и принципиелно секогаш е за зголемување платите и го поздравува секое унапредување на правото на работниците и работничките. Но, не зачудува тоа што за работењето во Собранието на пример е предвидено намалување наплатите. Што дополнително отвара прашање за принципите на правичност и усогласеност при планирањето на Буџетот. Во исто време беше отфрлен предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата која што со оваа иницијатива над 22 илјади работници чии нето плати сега изнесуваат 22 илјади 567 денари би примиле 27 илјади и 700 денари. со ова ќе се поставеше добра основа за понатамошно зголемување на минималната плата на 30 илјади денари. Првото прашање е до почитуваната министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска т.е. Министерство за финансии. Синдикалната кошничка за ноември изнесува 62 илјади 21 денар. Зголемување од цели 772 денари за само еден месец. Платите во многу сектори едноставно не го следат овој раст на трошоците, а тоа особено се чувствува кај оние кои работа во приватниот сектор. Кој го носи најголемиот товар на економијата. Во овој контекст клучно е да разбереме како Владата ги дефинира приоритетите при планирањето на Буџетот и кој е принципот што води до овие големи разлики во пристапот кон различни категории во ист сектор. Затоа моето прашање до вас е следното. Кои се принципите што ги следите во распределбата на јавните средства и планирањето на платите. Како се осигурува правичноста и транспарентноста кои дефинирањето на приоритетите особено кога гледаме големи разлики помеѓу различните сектори во иста Влада. Како Владата планира да обезбеди системски мерки кои ќе го подобрат стандардот на сите граѓани, но не само на одредени категории во јавниот сектор. И чуму ваков ат хок пристап за зголемување на платите на неколку институции. Наместо изнаоѓање на системско решение како на пример преку општиот колективен договор во јавниот сектор со кои патем речено веќе минатата 2023 година заедно со сојузот на синдикати на Македонија ги поставивме основите на просечната плата да биде коефициент 1 за платите во јавниот сектор од јануари 2025 година. Вашите одговори министерке се од суштинска важност бидејќи распределбата на јавните средства не е само техничка работа.