
Фатмир Битиќи
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Фатмир Битиќи, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 февруари 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитувана потпретседателке на Собранието, почитуван премиер, министри, министерки, почитувани колеги пратеници, пратенички, почитувана јавност, денеска се спремав да поставам три прашања, но ќе морам да почнам со нешто што не е поставување прашање затоа што денеска се случи еден чин на недискриминација и непочитување што беше изговорено од министерката за финансии. Настанот што не е само личен напад врз пратеничката Петровска, туку е напад врз достоинството врз сите жени, мајки, работнички, борци за правда и еднаквост во ова општество. Министерката за финансии си дозволи да изгради дискриминаторски став кон пратеничка деградирајќи ја како личност и негирајќи ја нејзината способност да зборува за животот, трошоците и предизвиците на семејствата во оваа наша држава. Со зборовите не можам да ве кажам почитувана за да кажам почитувана треба да ја заслужите мојата почит. Министерката директно покажа ароганција и непочитување кон институцијата Парламент во кој секој пратеник и пратеничка е избрана од граѓаните и граѓанките имаат мандат да ја изразат нивната волја. Ова Собрание почитувана не е приватен клуб во кој членството зависи од личните симпатии на некој министер. Ова е демократска институција во која секој има право да зборува без да биде понижуван. Но министерката отиде чекор понатаму. Со обидот да наметне поделба меѓу оние што се мајки и оние што според нејзиното мислење нема право да зборуваат за економските проблеми на семејствата. Ако некоја жена не е мајка, тоа не значи дека не може да зборува за економски прашања. Ако некоја жена не е министерка, тоа не значи дека не знае како изгледа реалноста во нашата драга Македонија. министерке во оваа држава има илјадници мајки кои знаат многу добро што значи да се преживува од месец во месец, кои се борат со зголемените трошоци, кои бројат денари за да обезбедат храна, греење, училишни материјали. Оваа држава има илјадници жени кои не се мајки, но кои работат напорно, кои ги чувствуваат истите економски последици од вашата за жал неспособна политика, кои не заслужуваат да бидат замолчени со елитистичкте ставови и ароганција. Ова не е прашање само на еден недоличен напад врз една пратеничка. Ова е прашање е на тоа каков однос има Владата кон секој граѓанин што не се вклопува во нивните лични критериуми за почитуваност. Ова е прашање на тоа, дали министрите што управуваат со милијарди евра, јавни пари, мислат дека граѓаните и граѓанките треба да ја заслужат нивната почит или тие треба да служат на сите подеднакво. Почитувани, не постои дијалог таму каде што постои дискриминација, не постои почит таму каде што се понижуваат пратенички. Министерке, ова не е ова ваш личен простор каде што можете да делите оценки за луѓето според вашата лична перцепција, ова е Собранието на Република Северна Македонија и јас ќе се борам неуморно да не се нарушува неговото достоинство со ароганција, дискриминација и понижување на било кого или било која поради нејзини или негови различности. Ќе не слушате, ќе ме слушате, без разлика дали вие сметате дека заслужуваме почит или не. Бидејќи почитта на оваа сала ја даваат граѓаните и граѓанките, а не министрите што денес се на функција, а утре ќе бидат само фус нота во историјата. И затоа министерке, јас сум Фатмир Битиќи, имам сопруга и родител сум на две деца. Ве молам, одговорете ми. Дали сум достоен да ви поставам пратеничко прашање? Ова Собрание не смее да биде место каде што министрите делат оценки за тоа кои заслужува почит, а кој не. Почитта не е лична привилегија на еден функционер, туку вредност што треба да биде основа на секој демократски процес. Со својот изразен дискриминаторски став, министерката за финансии покажа дека не ги разбира овие принципи и затоа нема да учествувам во натамошната комуникација со нејзе, ниту ќе и поставувам пратенички прашања, иако веќе беа подготвени две. И затоа ова ќе остане само така, се додека не се извини јавно за навредливиот и понижувачки однос кон колешката Петровска, но и кон сите оние што не се вклопуваат во нејзината лична дефиниција за почитување.