
Фатмир Битиќи
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Фатмир Битиќи, поставено на 53-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 12 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: И кога сме веќе кај обврските на државата кон стопанството, со второто мое прашање до министерската за финансии, морам да се осврнам овде и на еден, уште еден клучен сегмент, а тоа е Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Кој со години беше основа за создавање еднакви услови за домашните и странските компании, поттикнувајќи над 500 милиони евра инвестиции, отворајќи илјадници нови работни места. Овој Закон беше симбол на правичност и транспарентност со кој Владата во минатото јавно и редовно ги информираше компаниите за можностите, роковите и условите за аплицирање. Но денес за жал владее молк. Процесот што беше цврсто воспоставен, сега се релативизира и се претвора во непрегледна состојба. Додека Законот јасно утврдува дека рокот за поднесување, барање за финансиска поддршка истекува на 31-ви мај, 12 дена по овој датум нема јавно достапни информации за бројот на поднесени апликации, за опфатените инвестиции и планирани работни места, ниту за вкупната вредност на апликациите. Овој молк создава впечаток дека уште во еден сегмент на односот на државата кон компаниите, повторно можат да се препознаат сигнали на селективност и нетранспарентност, наместо системска и јавно достапна поддршка за сите. Почитувана министерке, колку компании до 31-ви мај 2025-та година имаат поднесено барање за финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции. За какви инвестициски циклуси станува збор, колку нови работни места се планирани и за која вредност на инвестиции. И зошто Владата и министерството молчат за исплатите што беа реализирани на крајот на 2024-та година по основ на овој Закон, односно колку пари од Буџетот беа исплатени кон компаниите за нивните инвестиции за 2023-та.