
Сали Мурати
До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија
Почитуван Претседателе на Собранието,
Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија:
На претходно поставеното пратеничко прашање упатено до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, поставено на 15.01.2026 година (бр. 08-332/2), во кое со конкретни, документирани статистички податоци беше укажано дека турската заедница – трета по големина етничка заедница во државата со 3,86% од населението (77.959 граѓани според пописот од 2021 година) – има застапеност во јавниот сектор од само 2,152%, односно 55,7% од уставно гарантираното право на соодветна и правична застапеност, при што од 1.251 јавни институции, 875 институции (70%) немаат ниту еден вработен припадник на турската заедница, 98% немаат турски функционер, а 94% немаат турски раководител, со вкупен дефицит од 2.185 вработувања, добив одговор кој не содржи одговор на ниту едно од поставените седум прашања. Одговорот се ограничува на општи политички констатации за „определба“, „принципи“ и „заложби“, без притоа да ја потврди, негира или коментира ниту една од наведените конкретни бројки, без притоа да наведе ниту еден рок, механизам, буџетска сума или план побарани во прашањето. Со оглед на сериозноста на состојбата и уставната обврска за соодветна и правична застапеност согласно Амандманот VI на Уставот, повторно ги поставувам истите прашања, поединечно и прецизно формулирани, со експлицитно барање за писмена потврда или негирање на наведените бројки, и без можност за генерален, неконкретен одговор.
Во таа насока, ги поставувам следниве прашања:
1. Дали Владата ги потврдува или ги негира следните податоци доставени во претходното прашање: вкупна застапеност на турската заедница во јавниот сектор од 2,152%; 875 од 1.251 јавни институции без ниту еден вработен Турчин; 98% институции без турски функционер; 94% без турски раководител; вкупен дефицит од 2.185 вработувања? Ако Владата располага со поинакви официјални бројки, да се достават точните податоци со извор и датум.
2. Кои конкретни мерки и во кој конкретен, календарски определен рок Владата планира за вработување на минимум 2.185 припадници на турската заедница во јавниот сектор, потребни за постигнување на уставно гарантираната соодветна и правична застапеност?
3. Дали Владата планира да донесе Национален акциски план со конкретни годишни цели, буџет и носители на активности за решавање на овој проблем, и ако да, до кој датум се очекува негово усвојување?
4. Какви конкретни санкции и механизми на одговорност Владата ќе воведе за институциите и раководителите кои не ги исполнуваат уставните обврски за соодветна и правична застапеност, особено за 875-те институции без ниту еден вработен од турската заедница?
5. Дали Владата ќе воведе задолжителни квоти за вработување припадници на турската заедница во сите институции со над 30 вработени, и дали ќе воведе забрана за нови вработувања во институциите кои не ги исполнуваат минималните критериуми за застапеност?
6. Колкав буџет конкретно планира да издвои Владата за финансирање на новите вработувања, стипендирање и квалификација на кадри од турската заедница во наредните три години, по години?
7. Како конкретно Владата планира да ја адресира состојбата во судството (1,21% застапеност), јавните претпријатија (0,56%) и локалната самоуправа (1,54%), со конкретни мерки и рокови за секој од овие три сектора одделно?
8. Дали Владата е свесна дека оваа состојба на институционална дискриминација трае веќе 23 години и претставува пречка за евроинтеграцијата, и конкретно какви чекори презема како одговор на критиките на ЕУ, ОБСЕ и Советот на Европа по ова прашање?
Ве молам за детален, конкретен и прецизен писмен одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието, без генерални фрази и изјави за добра волја.
Со почит,
Скопје, 22.10.2026
Сали Мурати
Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија
Пратеничка група „Европски фронт“