
Амар Мециновиќ
ДО: ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА г. АФРИМ ГАШИ
ОД: АМАР МЕЦИНОВИЌ – ПРАТЕНИК ОД ЛЕВИЦА
Врз основа на членот 72, став 3 од Уставот на Република С. Македонија (1991); чл. 15 од Законот за пратениците (Сл. весник на РМ бр. 84/2005, 161/2008 и 51/11, 109/14, 140/18, 27/19, 51/24); како и на чл. 38, чл. 39, ст. 1 и 3, чл. 43 и чл. 44, ст. 4-5 од Деловникот на Собранието на Република С. Македонија (Сл. весник на РМ бр. 248/2023), меѓу две пленарни седници – го поднесувам ова мое писмено
П Р А Т Е Н И Ч К О П Р А Ш А Њ Е ДО МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ
ЗА: Г. БОРКО РИСТОВСКИ - МИНИСТЕР ЗА СПОРТ
Почитуван министер,
На јавноста ѝ е познато дека сè уште не се изградени базените кои беа ветувани, а истите требаше да бидат завршени до 25.12.2025 год. според анексот склучен меѓу Министерството за спорт и општините. Воедно во едно ваше интервју изјавивте дека имате намера и влегувате во постапка за раскин на договорот за концесија на Олимписки базен, затоа што бил штетен, па,
Оттука, моето пратеничко прашање, проследено со потпрашања, до вас е:
1. „До каде е изградбата на базените во Ѓорче Петров, Битола и Кичево?“
2. „Дали Министерството за спорт има отпочнато постапка за раскинување на договорот за приватна концесија со Олимписки базен?“
3. „Дали сметката на Националната Пливачка Федерација е одблокирана со оглед на тоа што базените во Кисела Вода и Карпош се доделени во нејзина сопственост во период од 5 години, без надомест? “
Дополнително, во врска со затворениот пливачки базен во Карпош, кој претрпе оштетувања за време на невремето. - Изминаа повеќе од 3 месеци од неговото затворање, а на терен сè уште нема никакви видливи знаци за почеток на реконструкција или реновирање, поради тоа барам да ми одговорите и за:
4. „ Кога точно планирате да започне и да заврши поправката на базенот во Карпош?“
5. „ Дали неговата иднина и евентуалната реконструкција се на каков било начин поврзани со изградбата на новиот Клинички центар, кој треба да се наоѓа во непосредна близина?“
6. „ Дали се точни информациите кои сè почесто се шират во јавноста — дека во следните 2 години нема ништо да се преземе во врска со овој објект?„