Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мурати бара од Владата детали за обесштетувањето по невремето во Скопје

Резиме

Пратеникот Сали Мурати бара од Владата информации дали е донесена одлука за надоместување на штетите од невремето што го погоди Скопје на 21 јули 2026 година. Тој прашува кои општини доставиле процени, колку барања и колкава штета се евидентирани, како тече постапката и кои видови штета ќе бидат опфатени.

Мурати бара и појаснување за критериумите и висината на надоместокот, институцијата што ќе ја врши исплатата, обезбедените средства и роковите. Прашањето се однесува и на еднакви услови за граѓаните од општините со различни финансиски можности и на начинот за известување и поднесување приговор. Документ со одговор од Владата не е објавен.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

Почитуван Претседател на Собранието,

Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Владата на Република Северна Македонија:

На 21 јули 2026 година подрачјето на Град Скопје беше погодено од силно невреме со ветер со јачина на оркан, кое предизвика значителна материјална штета на станбени објекти, возила и друг имот на граѓаните.

Веднаш по настанот, Претседателот на Владата јавно изјави дека штетите ќе бидат утврдени и надоместени согласно законските процедури и досегашната практика. Граѓаните беа повикани штетата да ја пријават пред општинските комисии, чии проценки потоа ќе бидат доставени до Владата заради обесштетување. Градоначалникот на Град Скопје, исто така, изјави дека Градот располага со солидарен фонд со средства за обесштетување на граѓаните во вакви ситуации.

Постапувајќи по овие повици, граѓаните во скопските општини поднесоа барања во рок од 30 дена, со целата пропишана документација, вклучително и записник од МВР. Сепак, речиси три месеци по невремето, голем дел од нив сè уште немаат добиено никаков одговор.

Според јавно достапните информации, досега не е објавена одлука на Владата за надоместок на оваа штета. Не се познати критериумите, процентот и висината на обесштетувањето, ниту рокот за исплата. Не е јасно ни која институција ќе ја изврши исплатата: повеќето општини очекуваат тоа да го стори Владата, една општина јавно изјави дека нема да обесштетува поради недостиг на средства, додека друга донесе сопствен правилник за помош до 100.000 денари по барање. Ова создава ризик граѓаните со иста штета да бидат третирани различно, само врз основа на општината во која живеат.

Граѓаните кои се одзваа на повикот на институциите заслужуваат јасна информација и конкретен рок. Затоа, од Владата барам одговор на следниве прашања:

Прашања:

1. Дали Владата донесе одлука за надоместок на штетата предизвикана од невремето од 21 јули 2026 година на подрачјето на Град Скопје? Ако да, кога е донесена и дали е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“? Ако не, зошто сè уште не е донесена и до кога ќе биде донесена?

2. Од кои скопски општини и од Град Скопје се доставени извештаите на комисиите за процена на штета до Владата, односно до надлежната владина комисија, и на кој датум? Кои општини сè уште не ги доставиле своите извештаи?

3. Колку барања за надоместок се поднесени вкупно и колкава е вкупната проценета штета, поединечно по општини?

4. Во која фаза е постапката пред надлежната владина комисија и до кога ќе биде завршена?

5. Кои критериуми ќе се применуваат при утврдувањето на висината на надоместокот? Кој процент од проценетата штета ќе биде надоместен и дали е утврден максимален износ по барање? Што конкретно значи „досегашната практика“ на која се повика Претседателот на Владата?

6. Кои видови штета ќе бидат опфатени со надоместокот: станбени објекти (покриви, фасади, прозорци), возила, деловни објекти, земјоделски површини, гробни места или друго?

7. Која институција ќе ја изврши исплатата – Владата, Град Скопје или општините – и како е распределена финансиската обврска меѓу нив? Дали Владата има договорено со Град Скопје користење на средствата од неговиот солидарен фонд за оваа намена?

8. Колку средства се обезбедени за обесштетување и од која буџетска ставка? Дали тие се предвидени во Буџетот за 2026 година или ќе бидат обезбедени дури со Буџетот за 2027 година?

9. Дали граѓаните од општините што немаат сопствени средства за обесштетување ќе бидат обесштетени под исти услови и во ист износ како граѓаните од другите општини?

10. Кој е конкретниот рок, со датум, за започнување и завршување на исплатата на надоместокот?

11. На кој начин граѓаните ќе бидат известени за статусот на нивните барања и за висината на одобрениот надоместок, и каде можат да поднесат приговор доколку не се согласуваат со проценката?

Ве молам за детален и прецизен одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието.

Со почит,

Скопје, 17.10.2026 Сали Мураті

Пратеник на Европскиот фронт во Собранието на Република Северна Македонија

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Влада на Република Северна Македонија

Во официјалниот регистар сè уште нема објавен документ со одговор. Страницата автоматски ќе се дополни кога ќе биде достапен.

Сите пратенички прашања