Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Прашање за епидемиологијата и скринингот за рак на дојка

Резиме

Сали Мурати упатува прашање до Министерството за здравство за епидемиолошката состојба и следењето на скринингот за рак на дојка. Бара податоци за новите случаи, смртноста, стадиумот при дијагноза и ажурираноста на Регистарот за рак, како и за опфатот и резултатите од скринингот. Праша и за разликите меѓу регионите и групите жени, исплатливоста на програмата и стручните препораки за целната возраст и организацијата на скринингот. Бара податоци за 2020–2025 и за 2026 година до денот на одговорот, а за епидемиолошките податоци, ако е можно, и од 2015 година.

Во доставениот материјал не е приложен документ со институционален одговор. Мурати бара податоците да бидат доставени по години и, каде што е можно, по региони, општини и здравствени установи.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

Предмет: Пратеничко прашање за епидемиолошката состојба и следењето на скринингот за рак на дојка

Почитуван Претседател на Собранието,

Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Министерството за здравство на Република Северна Македонија:

I. Вовед

Ова пратеничко прашање е дел од три поврзани пратенички прашања упатени до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и Институтот за јавно здравје. Институтот за јавно здравје ги води и обработува епидемиолошките податоци, Регистарот за рак и учествува во следењето на скрининг-програмите. Неговите податоци се стручната основа за целната возрасна група, интервалот и очекуваните ефекти од законските измени.

II. Проблематика

Ракот на дојката е најчестото малигно заболување и водечка причина за смрт од малигни заболувања кај жените во Република Северна Македонија. Според достапните податоци, секоја година се дијагностицираат помеѓу 700 и 800 нови случаи. Секоја осма жена во текот на животот ќе се соочи со оваа болест. Со организиран мамографски скрининг и откривање во рана фаза, смртноста од рак на дојка се намалува за околу 30%.

Организираниот скрининг за рак на дојка во државата започна во 2015 година и се спроведува преку годишната Програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, а не како право утврдено со закон. Жените на возраст од 40 до 69 години се повикуваат на мамографија на секои две години. Самата мамографска услуга ја покрива Фондот за здравствено осигурување, додека од Програмата се покрива само партиципацијата. Надвор од скрининг-програмата, жените сами ја плаќаат партиципацијата.

Јавно достапните анализи (последните официјални податоци се од 2020 година) укажуваат на сериозни проблеми: во 2020 година со скрининг мамографија биле опфатени само 0,3% од жените на возраст од 50 до 69 години (836 жени), а во 2019 година 1.672 жени; скринингот го спроведувале само 6 од 16 јавни здравствени установи што имаат мамограф, од кои 3 во Скопје, поради што 57% од опфатените жени биле од Скопскиот регион; во половина од општите болници (Дебар, Кичево, Кочани, Куманово, Струмица и Гостивар) нема мамографски кабинет; Програмата за малигни заболувања учествува со околу 0,3% во буџетот на Министерството за здравство, создава неизмерени обврски кон извршителите, а последниот објавен извештај за нејзината реализација е за 2020 година.

Препораката на Советот на Европската унија од 9 декември 2022 година препорачува мамографски скрининг за жените на возраст од 50 до 69 години, со можност за проширување на 45 до 74 години, и поставува цел до 2025 година скрининг да им се понуди на 90% од жените што се квалификуваат. Европските упатства пропишуваат опфат од најмалку 70% од целната група, двојно читање на мамографиите и задолжителна контрола на квалитетот. Земјите од регионот и ЕУ (Грција, Италија, Хрватска, Словенија) обезбедуваат бесплатен скрининг со автоматска покана, а Италија и бесплатна понатамошна дијагностика и лекување.

III. Зошто се потребни прецизни, благовремени и точни одговори

Намерата е скринингот за рак на дојка да стане законски загарантирано право на секоја жена од целната група: целосно на товар на Фондот за здравствено осигурување, без партиципација, вклучително и понатамошната дијагностика; со обврска на здравствениот систем секоја жена активно да ја покани во интервал утврден според европските стандарди; и со еднаков пристап на целата територија на државата.

За таквите законски решенија да бидат издржани, потребни се прецизни, точни и навремени податоци за: вистинскиот опфат и неговата регионална распределба; реално потрошените средства и цената на услугите; капацитетите (опрема и кадар); резултатите од скринингот и времето до почеток на лекување; како и трошоците за лекување на болеста откриена во доцна фаза. Овие податоци се неопходни за образложението на предлог-законите, за проценката на потребните финансиски средства што задолжително се приложува кон секој предлог-закон, како и за усогласување со праксата на Европската унија. Неточни, непотполни или задоцнети одговори директно би ја одложиле законската заштита на илјадници жени.

IV. Прашања

Ги поставувам следниве прашања, за периодот 2020–2025 година, како и за 2026 година заклучно со денот на одговорот (за епидемиолошките податоци, ако е можно, од 2015 година):

А. Епидемиолошка состојба

1. Колку нови случаи на рак на дојка се регистрирани по години, одделно по пол, по возрасни групи (под 40, 40–49, 50–69, 70–74 и над 75 години) и по плански региони? 2. Колку лица починале од рак на дојка по години, по возрасни групи и по региони, и колкави се стапките на инциденца и морталитет на 100.000 жени? Каков е трендот во споредба со земјите од регионот и ЕУ? 3. Каква е распределбата на новодијагностицираните случаи според стадиумот на болеста при дијагноза (I–IV) по години, и колкаво е петгодишното преживување?

Б. Регистар за рак

4. За која последна година Регистарот за рак е целосно ажуриран, колкава е неговата комплетност и кои се причините за евентуалното доцнење?

В. Следење на скринингот

5. Која е улогата на Институтот во следењето и оценувањето на скринингот за рак на дојка и кои извештаи Институтот ги изготвил и доставил до Министерството за здравство по години? 6. Со кои податоци располага Институтот за индикаторите утврдени во европските упатства: стапка на опфат и одзив, стапка на повторно повикување, стапка на откриени карциноми, удел на карциноми откриени во рана фаза и интервални карциноми, по години?

7. Дали е ажурирана анализата за исплатливоста на Програмата за скрининг на рак на дојка од 2020 година и кои се нејзините клучни заклучоци?

Г. Целна популација и нееднаквости

8. Колкав е бројот на жени по возрасни групи (40–44, 45–49, 50–69 и 70–74 години), по општини, според последните податоци на Државниот завод за статистика? 9. Со кои податоци располага Институтот за разликите во опфатот со скрининг и во стадиумот при дијагноза помеѓу урбани и рурални средини, по образование и кај ранливите групи (вклучително и жените Ромки)?

Д. Стручни препораки

10. Кој е стручниот став на Институтот за оптималната целна возрасна група, интервалот на скрининг и моделот на организација (автоматска покана, двојно читање, мобилни мамографи) во услови на Република Северна Македонија? 11. Кој опфат на целната група и кое намалување на смртноста Институтот го смета за реално остварливо во наредните пет години, доколку скринингот стане законско право целосно на товар на Фондот за здравствено осигурување?

V. Рок и начин на доставување на одговорот

Имајќи го предвид значењето на проблематиката, како и фактот дека добиените одговори ќе бидат непосредна основа за изготвување на Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување и Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, барам строго почитување на деловничкиот рок и доставување на писмен одговор во рок од 10 (десет) дена од денот на приемот на прашањето.

Ве молам податоците да бидат доставени одделно по години, а каде што е можно и по региони, општини и здравствени установи, во табеларна форма (дополнително и во електронска форма, Excel), заклучно со денот на одговорот. Доколку за одредено прашање институцијата не располага со податоци, Ве молам тоа изрично да се наведе, со образложение зошто податокот не се води и која институција е надлежна за него. Делумен одговор на дел од прашањата не треба да го одложи одговорот на останатите.

Ве молам за детален, прецизен и навремен одговор.

Со почит,

Скопје, 13.10.2026 Сали Муратли

Пратеник на Европскиот фронт во Собранието на Република Северна Македонија

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за здравство

Во официјалниот регистар сè уште нема објавен документ со одговор. Страницата автоматски ќе се дополни кога ќе биде достапен.

Сите пратенички прашања