Најважно
347 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мециновиќ праша за неплатена издршка и можен алиментациски фонд

Резиме

Пратеникот Амар Мециновиќ праша колку случаи на неплаќање издршка за деца се евидентирани во последните три години, колку трае периодот до присилно исполнување на обврската и дали Владата ќе разгледа алиментациски фонд.

Министерството за социјална политика, демографија и млади одговори дека нема статистички податоци за бројот на случаи ниту податоци за времетраењето, кое зависи од околностите и текот на постапката. За фондот наведе дека прашањето заслужува сериозно разгледување, а можни законски решенија би можеле во иднина да бидат предмет на разгледување од надлежните институции.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Амар Мециновиќ

ДО: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Африм Гаши

ОД: Амар Мециновиќ – пратеник од Левица

Врз основа на членот 72, став 3 од Уставот на Република С. Македонија (1991); чл. 15 од Законот за пратениците (Сл. весник на РМ бр. 84/2005, 161/2008 и 51/11, 109/14, 140/18, 27/19, 51/24); како и на чл. 38, чл. 39, ст. 1 и 3, чл. 43 и чл. 44, ст. 4-5 од Деловникот на Собранието на Република С. Македонија (Сл. весник на РМ бр. 248/2023), меѓу две пленарни седници – го поднесувам ова мое писмено

П Р А Т Е Н И Ч К О П Р А Ш А Њ Е ДО МИНИСТЕРОТ ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА, ДЕМОГРАФИЈА И МЛАДИ

ЗА: г. Ѓоко Велковски - МИНИСТЕР ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА, ДЕМОГРАФИЈА И МЛАДИ

Почитуван министер,

Голем број родители формално имаат судски утврдена алиментација, но реално со месеци или години не ја добиваат.

Моето пратеничко прашање, проследено со потпрашања, до вас е:

1. „Колку случаи на неплаќање издршка за дете се евидентирани во последните три години?“

2. „Колку долго во просек едно дете останува без средствата пред државниот систем ефективно да го присили должникот да ја исполни обврската?“

3. „Дали Владата ќе разгледа формирање алиментациски фонд од кој детето веднаш би ја добивало издршката, а државата потоа би го наплаќала долгот од родителот-должник?“

***

Барам овие пратенички прашања веднаш да ги доставите до функционерот на кој му се упатени и за доставениот одговор благовремено писмено да ме известите, согласно пропишаниот деловнички десетдневен рок.

С к о п ј е 07.10.2026 год.

ПРАТЕНИК-ПОДНОСИТЕЛ: Амар Мециновиќ

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за социјална политика, демографија и млади

Република Северна Македонија Министерство за социјална политика, демографија и млади - Сектор за заштита на деца и семејството -

Архивски број:11-7057/2 Датум:21.10.2026 година

До: ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Предмет: ОДГОВОР НА ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ Врска ваш број: 08-6161/2 од 16.10.2026 година

Почитувани,

Во врска со поставеното писмено прашање од пратеникот Амар Мециновиќ на 9 октомври 2026 година до министерот за социјална политика, демографија и млади го даваме следниов одговор:

1. ПРАШАЊЕ: Колку случаи на неплаќање издршка за дете се евидентирани во последните три години?

ОДГОВОР: Министерството, во рамките на своите законски утврдени надлежности известува дека не располага со статистички податоци за број на случаи на неплаќање издршка за деца евидентирани во последните три години, имајќи предвид дека остварувањето и заштитата на правото на издршка опфаќа постапување на различни надлежни органи и институции. Воедно како институција ја препознаваме важноста на редовното исполнување на обврската за издршка на децата, имајќи предвид дека истата претставува значаен предуслов за остварување и заштита на нивните права, интереси и благосостојба. Во таа насока, остануваме посветено во спроведувањето на мерките и активностите во рамките на своите надлежности, како и на унапредувањето на соработката со надлежните институции, со цел зајакнување на системот за заштита на правата и интересите на децата и создавање услови за остварување на нивното право на издршка во согласност со важечката законска регулатива.

1 Министерство за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија

Ул. „Даме Груев“ бр. 14, Скопје Република Северна Македонија

+389 2 106 212 www.mtsp.gov.mk

- Сектор за заштита на деца и семејството - 2. ПРАШАЊЕ: Колку долго во процес едно дете останува без средства пред државниот систем ефективно да го присили должникот да ја исполни обврската?

ОДГОВОР: Министерството известува дека не располага со податоци по однос на тоа колку долго во процес едно дете останува без средства пред државниот систем ефективно да го присили должникот да ја исполни обврската. Времетраењето на овој период зависи од околностите во конкретниот случај и од текот на постапката за присилно извршување на обврската, поради што не може да се утврди единствен временски период што би важел за сите случаи. Имено, согласно член 178 и член 179 од Законот за семејството, издржувањето претставува право и должност, а родителите имаат законска обврска да ги издржуваат своите малолетни деца. Законот исто така предвидува механизми за остварување и заштита на правото на издршка, вклучително и можност центарот за социјална работа, под условите утврдени со закон, да преземе соодветни дејствија за заштита на правата и интересите на детето.

3. ПРАШАЊЕ: Дали Владата ќе разгледа формирање алиментациски фонд од кој детето веднаш би ја добивало издршката, а државата потоа би го наплаќала долгот од родителот -должник?

ОДГОВОР: Во однос на прашањето за можноста за формирање алиментациски фонд, Ве информираме дека станува збор за значајно прашање кое заслужува сериозно и сеопфатно разгледување, имајќи ги предвид најдобриот интерес на детето и потребата од ефикасна заштита на неговите права. Воспоставувањето алиментациски фонд бара внимателна анализа на правните, финансиските и институционалните аспекти, како и утврдување на соодветен модел на функционирање, критериуми за остварување на правото и механизми за поврат на исплатените средства од обврзниците за издршка. Во иднина, можните законски решенија во оваа област може да бидат предмет на разгледување од страна на надлежните институции, во согласност со нивните законски утврдени надлежности, при што би се земале предвид правната оправданост, финансиската одржливост и практичната применливост на евентуалните решенија.

Со почит,

Изработил: Марија Ристикова, Советник Одобрил:Shpresa Saidi, Државен советник Согласен:Вера Ристовска, Државен советник

Министерство за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија

Ул. „Даме Груев“ бр. 14, Скопје Република Северна Македонија

+389 2 106 212 www.mtsp.gov.mk 2

Сите пратенички прашања