Учесниците дојдоа облечени во црно, а во првиот ред неколкумина свиреа на дувачки инструменти. СКРМ нагласи дека не ја погребува културата: синдикалците рекоа дека уште пред една година биле предупредени дека ќе ја изгубат правната сигурност, а сега мораат да ги бранат стекнатите права пред институцијата од која очекуваат заштита.
Според СКРМ, од следната недела претседателот на Уставниот суд и уште еден судија веќе нема да бидат уставни судии. За вториот судија синдикатот рече дека јавно ги нарекол работничките права привилегија. Синдикалците прашаа како договорот дошол на ред токму пред нивното заминување, додека други предмети со години чекаат.
Меѓу предметите што чекаат, СКРМ ја посочи својата иницијатива за Упатството за пресметка на платите во културата. Упатството го донел поранешниот министер Зоран Љутков, сега координатор за култура. Синдикатот тврди дека со него незаконски се скратени платите на вработените.
СКРМ направи споредба и со универзитетските професори, за кои тврди дека имаат права дословно преземени од Колективниот договор за култура. Ако претседателот на Судот стане професор на некој од универзитетите во земјата, би ги уживал токму оние права што со денешното одлучување би можел да ги доведе во прашање кај вработените во културата, порача синдикатот.
Синдикалците рекоа дека не дошле да вршат притисок врз Судот, но ги обвинија судиите дека ќе одлучат како што им е наредено. Порачаа дека ќе продолжат да се борат за правата од договорот и дека нивната досегашна трпеливост била погрешно сфатена како слабост. За утре најавија дека ќе бидат пред Министерството за култура, каде што ќе зборуваат за проблемите во културата.






Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.