Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска оцени дека проблемите во зградите најчесто не произлегуваат од негрижа, туку од тоа што луѓето не знаат кој треба да постапи. Затоа инспекторите ќе им ги објаснуваат законските правила и ќе ги советуваат како да постапат кога ќе се појави проблем. Општината денеска ја претстави годишната програма пред жители, претседатели на куќни совети и управители на станбени згради.
Во декемвриската кампања „Безбеден топол дом“, станарите ќе добијат совети како да ги одржуваат фасадите за поголема енергетска ефикасност и на што да внимаваат кога користат новогодишни украси и инсталации. Кампањата „Заедничка грижа за заедничкото“ ќе се однесува на редовното одржување на ходниците, скалите, покривите и подрумите.
Во кампањата „Домување без пожари“, општинските служби ќе објаснуваат зошто патиштата за евакуација треба да останат проодни и ќе потсетат на обврската за редовно сервисирање на противпожарните апарати и хидрантите. „Безбеден лифт“ ќе ги опфати правилното користење на лифтовите, задолжителните месечни сервиси и годишните технички прегледи.
Проектот почна пред неколку недели за жителите да можат директно да ѝ се обратат на општината. Проблеми во зградите веќе пријавуваат на bezbednodomuvanje@kiselavoda.gov.mk, а општинските тимови заеднички постапуваат по пријавите на терен.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.