Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Николовски праша дали Владата ќе го прифати предлогот за повисока минимална плата

Резиме

Пратеникот Љупчо Николовски праша дали Владата ќе го прифати предлог-законот што, како што најави, повторно ќе го поднесе за зголемување на минималната плата. Тој посочи на растот на трошоците за живот и побара да не се чека мартовското усогласување.

Заменик-министерот Марјан Ристевски одговори дека растот на платите треба да се договара во Економско-социјалниот совет и да биде поврзан со економскиот раст и продуктивноста. Рече дека Владата ќе прифати повисоки плати ако за нив се договорат синдикатите и работодавачите, а најави и зголемување на минималната плата во март според постојната формула. Одговорот не кажа дали Владата ќе го прифати предлог-законот на Николовски.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Љупчо Николовски

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Љупчо Николовски, поставено на 26-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 26 декември 2024 година Пратеничкото прашање гласи: Моите три пратенички прашања се однесуваат на министерот за економија и труд, но бидејќи не е тука ќе ги упатам до заменик министерот Марјан Ристевски, а е во однос на улогата која што ја има нели и министерот како претседател на Економско социјалниот совет и се однесуваат на теми кој што се за стандардот на граѓаните. Во услови на растечка инфлација на трошоците на живот и на овие мерки кој што ги гледаме од страна на Владата, она што сметам дека е потребно и сметаме дека е потребно за граѓаните е политики за зголемување на платите. Тоа беше една клучна политика во претходниот период за раст на минималната, а со тоа и за раст на просечната плата. Трошоците за живот растат, платите стагнираат во овој период и токму затоа сметам дека фокусот и на Владата треба да е кон растот на стандардот на граѓаните. Статистика констатираше, односно регистрираше раст на инфлацијата од 4,3% споредени со истиот период лани. А во овие неколку денови видовме и раст на синдикалната кошничка која што само во еден месец во декември за ноември е зголемена за 840 денари или сега изнесува над 60, близу 63 илјади денари. Што значи близу три минимални плати се потребни да ја покријат токму синдикалната кошничка. Земјите пак од регионот гледаме дека се цврсто фокусирани на политики на зголемување на минималната плата. Пример во Босна и Херцеговина се воведени закони за речиси двојно зголемување на минималната плата од 316 на 600. Во Црна Гора исто така согласно образованието. Во Србија минималната плата е 400 евра и така натаму. И сметам дека точно е адресирано до Економско социјалниот совет кој што како министерство го водите со измените кој што се направија. Многу повеќе треба да се фокусираме токму, а нешто што го видовме во овие 6 месеци е дека воопшто минималната плата не мрдна, односно не се зголемуваше. Тоа е нешто што го видовме во овој шестмесечен период, за разлика од претходниот период кога ја наследивме и на 8 илјади, па минималната плата дојде и до 22 илјади 567 денари. Она што го слушнавме во овој период е дека во 2025 ќе има зголемувања во март итн., иако имавме конкретен предлог. Бидејќи збориме за предлози, за идеи, за конструктивна опозиција итн., еве неколку предлози имаше и покрај сите амандмани кој што беа одбиени од Буџетот, беа одбиени токму и овие предлози меѓу кој што и Предлог законот за покачување на минималната плата, токму заради тоа што ова е од интерес на граѓаните. Денеска ја слушнавме и Северозападната комора која што исто така упати барање за зголемување на минималната плата на 500 евра, согласно трошоците на раст на живот. Прашањето ми е дали планира Владата да еве го прифати овој предлог на закон кој што повторно ќе го поднесеме во однос на зголемување на минималната плата. Да не чекаме март, знаеме како растат трошоците на живот и основните прехранбени продукти и затоа сметаме дека ова треба да го направиме час поскоро. Па еве повторно ова прашање во однос на Предлог законот за зголемување на минималната плата.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за економија и труд

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Николовски, поставено на 26-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 26 декември 2024 година Марјан Ристевски: И како Министерство за економија и труд навистина сме најповикани во однос на овие да ви одговориме. Знаете дека трудот е иновативна надлежност на ова министерство од пред еден месец, така да и последното прашање е во контекст на одговор од нашето министерство. Во однос на порастот на платите значи знаете и самите дека пред два месеци се формира новиот Економско социјален совет каде што имаме трипартитен дијалог на претставници од Владата, од страна на синдикатите и работодавачите. Иначе јас би се вратил малку ретроспективно на вашето прашање. Не е далеку меморијата на граѓаните во Република Македонија кога растот на платите одеше несразмерно со растот на економијата. Можеби во минатиот период имавме одредени покачување на платите во различни сектори и во јавниот и во приватниот сектор. Меѓутоа ако земеме дека процентот на пораст на платите бил да речеме карикирам 10%, порастот на цените на производите бил 20%. Со тоа ништо не сте направиле во претходниот период поради недобра анализа, поради недобри економски политики во државата, поради високиот процент на инфлација кој вие господине Николовски и вашата партија и коалициони партнери со ДУИ го предизвикавте. И јас памтам дека во тој период имаше инфлација во одреден период дури и 19 и 20%. Рушевме рекорди во Европа, Балканот и пошироко. Можеби во првите 5 топ држави во однос на процентот на инфлација бевме. Сега имаме многу поинаква ситуација. Пред се исто да напоменам дека оставивте катастрофален Буџет во државата. Потрошен буџет да речам во првите 6 месеци брутално трошење и со тоа не овозможивте да новата Влада комплетно почне од старт да ги спроведува политиките. Него прво требаше стабилизација и да ја спасуваме државата од банкрот кој што вие го предизвикавте претходно. Во наредниот период навистина ќе имаме еден нов принцип на пораст на платите, а не како вашиот без конкретна анализа. Принципот на пораст на платите ќе биде договаран во Економско социјалниот совет каде што покрај оној Закон за пораст на минималната плата, кој што е утврден нормално со одредена формула, ќе треба да внесеме минимум нови параметри, а тоа е да биде сразмерно на економскиот раст и секако да биде сразмерно на продуктивноста на трудот. Џабе е зголемување на плати ако немаме раст на економијата и зголемување на продуктивноста. Тогаш ќе го предизвикаме оној негативен ефект кој што го предизвикавте вие во претходниот период. Минималната синдикална кошница која што излегува гледаме дека од она што го кажуваат синдикатите има одреден пораст во храната и основните прехранбени производи. Не треба да заборавиме дека вие бевте министер за земјоделие во претходната Влада и фрапантен е податокот од она што јас го разбрав во овој период дека Македонија е еден од главните извозници на домати и пиперки и некој други основни прехранбени производи. Со една грешка во земјоделието станавме и главен увозник. Така многу не можеме да влијаеме на цените на одредени прехранбени производи кој што се од увозен карактер во Македонија. А исто така треба да се направи една структура и да видиме кој се производи во таа минимална синдикална кошница влегуваат поради кој што е зголемен да речам процентот на трошоци во делот на основни прехранбени производи. Дали се тоа увозни производи, дали се берзански производи, бидејќи да напоменеме дека на светската берза имаме енормно зголемување на одредени берзански производи како што е маслото, кафето, какаото, шеќерот и ред други производи. Така да како увоз на држави не можеме да влијаеме на овие светски теркови во однос на цените на одредени производи. Поради тоа кога имаме стабилна инфлација сега, имаме една од најниските инфлации на Балканот, кога имаме стабилни цени пред се во енергенсите, кога имаме стабилни цени, а тоа повлекува и пониски цени во транспортот, суровините. Нормално е цените на производите да се одржуваат на едно нормално ниво, а со сите мерки кој го предизвикуваат како Министерство за економија и труд во периоди од годината кога имаме поголема потрошувачка бар на основните прехранбени земјоделски производи и пијалаци, да влијаеме да дел од тие цени се спуштат пониско. Оттука мојот одговор кон вас е дека ние и понатаму ќе се трудиме со идниот буџет кој се надевам дека предизвикан од поголемиот економски раст кој е предвиден од зголемувањето на продуктивноста, од зголемената борба против корупцијата и криминалот, функционалноста зголемена на институциите. Тоа го покажа и УЈП и Царина. Во претходниот период имаме многу повеќе средства за пораст на платите, пред се во јавниот сектор. А од договорот кој ќе се случи помеѓу синдикатите и работодавачите и Економско социјалниот совет ако се договорат тие да имаат повисоки плати, тогаш ние како Влада тоа ќе го прифатиме. Тоа беше еден од оние заклучоци на последната седница на Економско социјалниот совет. Да напоменеме и тоа дека во претходниот период имаме историски договор со Синдикатот за образование и здравство каде што имаме зголемување на плати. Имаме зголемување на пензиите во претходниот период. Очекуваме зголемување и во наредниот период во исто овие области и секако зголемување и порамнување на платите и зголемување во март месец спрема постојана формула за минималната плата во Република Македонија. Јас толку имам во однос на ова ваше прво прашање. Едноставно одговорат е дека платите наредната година ќе бидат повисоки.

Сите пратенички прашања