Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Петровска праша за гласањето за Украина и ставот кон Преспанскиот договор

Резиме

Славјанка Петровска праша дали премиерот, за време на дипломатските посети на САД, го соопштил својот предизборен став дека Преспанскиот договор е „предавнички“ и треба да се менува, и дали добил гаранција како возврат за, според неа, неодлучноста при гласањето во ОН. Таа го критикуваше гласањето за резолуцијата за Украина и оцени дека надворешната политика на Владата е недоследна и неусогласена со европските партнери.

Премиерот одговори дека Северна Македонија гласала во координација со САД: за американската резолуција во Советот за безбедност, а воздржано за изменетата верзија во Генералното собрание, како што, според него, постапиле и САД. Тој рече дека целта била поддршка на одржлив мир и преговори, но не одговори конкретно дали во САД го изнел ставот за Преспанскиот договор или дали добил гаранција.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Славјанка Петровска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Славјанка Петровска, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 февруари 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Премиер, ако на новинарски прашања да го објасните негласањето или недавањето поддршка за Резолуцијата за мир во Украина, поддржана од Европската Унија, дадовте темелен и издржан одговор, наместо арогантниот, така одлучивме, денес ќе ве прашував за инвестициите и економската иднина на оваа држава. Ама бидејќи така одлучивте и се уште живеете во еуфоријата на последните парламентарни избори, моето прашање ќе се однесува, логично, токму на последните случувања со гласањето или негласањето во Обединетите Нации, кои за жал, уште еднаш потврдија дека меѓународната политика која оваа Влада ја води е без компас и е хаотична. И да биде уште пострашно, таа не е усогласена со европските партнери и политика. Наместо да се движи земјата во рамките на доследната меѓународна политика, сведоци сме на импровизации кои ја оставаат Македонија во се понеизвесна позиција на глобална сцена. Додека другите европски земји, фактички балансираат во сложените геополитички односи, вие со својата недоследност ризикувате да ја маргинализирате земјата во европските меѓународни политички кругови. Негласањето за Европската резолуција за Украина, дополнително ја разобличи оваа хаотичност и со воздржаното гласање, за жал, Македонија се најде во, за мене несоодветно друштво, како земјите како Гана, Бангладеш и Замбија. Сите наши соседи, како и сите земји кои имаат силни трансатлантски врски гласаа за. И ова ја отвора дилемата, дали Република Северна Македонија останува на европскиот пат, или пак се движи кон геополитичка изолација. Нешто што ова ВМРО ДПМНЕ од минатото не е непознато. Премиер, да се гласа воздржан значи да се нема став или да се нема стратегија. Вие изјавивте дека сте тргнале во дипломатски поход за да му објасните на светот какви неправди ѝ се нанесуваат на Македонија. Три пати бевте во Соединетите Американски Држави, и лично јас тоа го поздравувам. За мене Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер, исто како и за вас. Ама има една разлика. За мене и за Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и кога сме власт и кога сме опозиција. За вас не е така. И затоа, моето прашање до вас е, Дали при вашата дипломатска офанзива во Соединетите Американски Држави го соопштивте вашиот предизборен став, дека Преспанскиот договор е предавнички и дека треба да се менува, затоа што тој беше потпишан под покровителство и поддршка на сегашниот и тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави, господинот Доналд Трамп и дали добивте гаранција за возврат на неодлучноста која ја демонстриравте во Обединетите Нации.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Славјанка Петровска, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 февруари 2025 година Почитувана пратеничке Петровска, ви благодарам на прашањето, осмислено, темелно, како што вас ви прилега секогаш, исто како кога пишувате фејсбук статуси против моето семејство, па потоа не се појавувате на судски рочишта за да го докажете тоа, како што беше судското рочиште пред една недела, па избегавте како обична кукавица, кога го напаѓавте моето дете, гледам сега и други семејства мешате овдека на говорницата и така натаму. Но нека ви служи на чест. Вие сте секогаш темелни и инспиративни во вашите прашања, па човек не знае од каде да почне да ви одговара. Бидејќи помина една недела откако го одложивте последното рочиште да се појавите на Суд и да докажете кога го напаѓавте мојот син дека злоупотребувал и татко му и така натаму, при неговата посета на Соединетите Американски Држави, повторно дојде ред јас и вие да се соочивме, еве овдека, пред пратениците на собраниската говорница. И вие повторно изнесувате, би рекол, клевети, невистини и сето она кое што го кажавте денеска наликуваше на онаа прес конференција, со која што за жал, не знам, изгледа вие го советувавте вашиот претседател на политичката партија, да излезе вчера и да се самиот избања на прес конференцијата во два наврати. Прво дека сме гласале различно од Соединетите Американски Држави, за да потоа извадите еден стар клип со кој што заменик министерката за европски прашања ја вадите на медиуми и кажувате дека ја критикувала надворешната политика на оваа Влада. Во суштина станува збор за критики коишто се за надворешната политика и дипломатијата на претходната власт. Да се вратам на суштината. Се мислев дали да ги одговорам во писмена форма или да станам и да ве гледам вака во очи и да ви одговара. И сепак одлучив да станат и да ве гледам во очи, бидејќи јас не сум кукавица. Не бегам Подготвен сум секогаш да се соочам со секој предизвик. Еве на кратко да ви дадам еден вовед што се случуваше и зошто беше таква одлуката. Одлуката беше таква, затоа што имавме избор дали да застанеме меѓу првите во редот заедно со нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави, или во случајот да поддржиме заеднички став на Европската Унија. Кога видовме дека Европската Унија нема заеднички став по резолуцијата, тогаш беше логично да застанеме позади Резолуцијата која што ја предложија Соединетите Американски Држави. И тука нема ништо различно од тоа што вие го кажавте. Меѓутоа, на Советот за безбедност има постојани земји членки и земји членки кои што се менуваат. Претпоставувам како министер за одбрана, поранешен, тие работи треба да ги знаете. Прашањето е зошто тие земји членки кои што се постојани или повремени, а се дел од Европската Унија не го блокираа носењето на Резолуцијата на Соединетите Американски Држави, зошто не гласаа против. Еве ако биле против таа Резолуција, зошто не гласаа против. Јас знам, но нема да навлегувам чекор понапред, знам зошто. Затоа што сите еден по еден ќе се редат сега во Вашингтон. Еден по еден сите тие. Е сега да одиме понатаму. Ние гласавме исто како што гласаше нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Имаше неколку амандмани. Еден од тие амандмани беше усвоени прифатен на седницата на Собранието на Обединетите Нации и во целосна координација и консултација со Соединетите Американски Држави гласавме воздржано на изменетата Резолуција која што претходно помина на Советот за безбедност, заедно со Соединетите Американски Држави. И тие гласаа воздржани. Во целосна координација и консултација за време на седницата. Нашиот претставник и претставникот на Соединетите Американски Држави. Е сега околу суштината. Гледам дека сите во светот денеска зборуваат за мир во Украина. Ако зборуваме за мир во Украина, а не сме со двојни стандарди, тогаш ајде да работиме на мир. Како се работи на мир. Се седнува и се разговара, и се преговара. Се прогласува прекин на огнот од двете страни и се седнува на маса и се разговара. Тоа е начинот како се постигнува мир. И се разговара се до моментот додека не се постигне мир. Со воени дејства на теренот, со жртви, со повредени, со раселени, не се постигнува мир. Токму тоа е резолуцијата на Соединетите Американски Држави, да е постигне одржлив мир кој што од ова сега што го слушам сега, цела Европа го посакува, иако морам да признам дека не беше така пред неколку месеци. Но, еве сега гледам дека сите го посакуваат овој одржлив и траен мир. И во таа насока се одржаа средби, најпрвин во Ријад, во Саудиска Арабија, потоа во Вашингтон дојде францускиот претседател. Има најави дека ќе дојде и претседателот на Украина, господинот Зеленски, британскиот премиер Стармер, и така натаму. И еден по еден сите ќе одат, сите ќе одат таму. И на крај повторно ќе имаме една иста заедничка резолуција, која што ќе наликува на оваа американската, која што сите ќе ја поддржат, каде што ние сме ко спонзори. И така ќе заврши сето ова. Еве, гледајте за неколку месеци што ќе се случи, ако јас бидам грешка. Еве, подготвен сум да се извинам, но ако излезе вака како што ви кажувам тогаш треба нова прес конференција на вашиот претседател само овој пат да не го бањате да му ги кажете реално работите какви се и да се извините. мислам мене ми е за него повеќе. Така што, мислам дека треба да го поздравите потегот на Владата можеби тешко ви е тоа да го признаете но мислам дека е добро да го признаете. И, во иднина ако имате било какви дилеми ако мислите дека нешто не е јасно, ако мислите дека има нешто кое што дополнително треба да ви биде разјаснето, тогаш ви стојам на располагање и јас и ресурсите со кои што располага Владата да ви дадеме одговор, да ви разјасниме. Кога сакате, мојот телефон го имате ако го немате лесно ќе го најдете. Еве, од вашите колеги од тука може и од вашите колеги од пратеничката група исто така, да ги прашате. Ви стојам на располагање, дојдете, ќе поразговараме, во секое време. Затоа што, сега мислам дека не се моменти кога ќе треба да ја поларизираме состојбата кај нас дека сега треба заеднички да делуваме за многу прашања посебно кога станува збор за националниот интерес. Јас знам дека ви е тешко вие да постигнете консензус околу националните прашања, тоа е многу тешко. Но, еве ви стојам на располагање да разговараме и да видиме што можеме понатаму да направиме. И, сосема на крај. Да не одземам дел од времето. Би сакал да ве замолам следниот пат кога ќе биде закажано рочиште да дојдете на суд и да ги докажете тврдењата против мојот син. Ве молам, следниот пат да не наоѓате изговор дека Парламентот е причина, не можете, обврски имате тука и т.н. бидејќи вие изнесовте тврдења во јавноста напаѓајќи го моето дете. Ве замолувам, од говорницата, да дојдете на следното рочиште да не бегате и таму да ги изнесете па да можеме да дојдеме до завршница. Да видиме кој е во право затоа што, честа моја ми е важна, но честа на моето дете ми е уште поважна од мојата чест. И, ако некој ја начнал, јас сакам тој процес да се го завршиме. Да видиме, можеби сте во право тоа што го тврдите. Но, доколку не сте во право тогаш редно е да се извините. Но, да почекаме како ќе заврши судската одлука за тие тврдења кои што вие ги изнесовте.

Сите пратенички прашања