Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Апасиев праша за истовремено кандидирање за градоначалник и советник

Резиме

Пратеникот Димитар Апасиев праша дали едно лице може истовремено да биде кандидат за градоначалник и носител на советничка листа и побара податок дали ДИК во минатото потврдила или одбила такви листи. Тој оцени дека Комисијата има надлежност да даде појаснување за примената на Изборниот законик.

ДИК одговори дека нема конкретно законско овластување однапред да се произнесува за хипотетичка ситуација и дека за локалните избори за листите одлучуваат општинските изборни комисии. За прашањето за минати случаи, Комисијата соопшти дека нема податоци за листи на кои исто лице било кандидат за градоначалник и носител на советничка листа. ДИК посочи дека Собранието може да ги прецизира релевантните законски одредби.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Димитар Апасиев

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Димитар Апасиев, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 февруари 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитувани пратеници, почитувани претставници на ДИК и на АAВМУ, јас денес имам две прашања, едно до претседателот на ДИК, Борис Кондарко и второто до директорот на АAВМУ, Зоран Трајчевски. Ќе почнам со Државната изборна комисија. Почитуван Кондарко, до мене како пратеник стигнаа некои поплаки, а во очи на изветната одлука на Уставниот суд со која што, веројатно ќе го укине членот кој што ги зголеми независните листи за четири до пет пати, што е прашањето. Значи, проблемот каде е. Проблемот е што Државната изборна комисија не сака на граѓаните да им одговори на едно едноставно прашање. Дали можат за време на избори да се кандидираат на листи кои што се поднесени од ист подносител, но се однесуваат на различен тип на избори. Или да објаснам попластично, на пример, ако има во исто време претседателски и парламентарни избори, дали еден човек, граѓанин, може да се кандидира и за претседател и за пратеник, или доколку, еве сега има локални претстојни избори, дали може во исто време да се кандидира и за градоначалник и за советник. Значи тоа е елементарно правно прашање кое што не бара и не изискува автентично толкување од законодавецот. Но, вие сте им одговориле на овие граѓани дека вие не сте надлежни за хипотетички претпоставени ситуации. Па си реков, ајде јас да ве прашам со писмено прашање и еве како ве прашав, ако една политичка партија или коалиција на локалните избори поднесе кандидатура за градоначалник и за листа на членови на совет, каде истовремено едно лице е кандидат и за градоначалник и носител на листа, дали таа листа ќе е законска и прифатена од ваша страна со решение или одбиена. Значи многу елементарно правно прашање, но вие повторно сега вие мене ми попувате дека вие не сте надлежни за толкување и слично, па јас го консултирав, еве, Изборниот законик. И, Изборниот законик во членот 17 вели дека, органи за спроведување на изборите што вие Државната изборна комисија и општинските комисии, дека изборни органи сте вие, дека подносител на листа можат да бидат и партии, и коалиции, и група избирачи и пратеници, зависно од типот на изборите, но ајде да видиме за надлежностите. Членот 31 вели, Државната изборна комисија е надлежна за подготовка и спроведување на изборите, согласно овој Законик и врши дури и надзор над изборните органи. Понатаму, Државната комисија во точка 2 вели, дава упатства, појаснувања и препораки за примената на овој Законик и за други закони кои се однесуваат на прашања од избори и именувања. Оттука мене ми е нејасно зошто вие одбивате да одговорите на едно елементарно правно прашање кое ги задира и партиите, и коалициите и независните групи граѓани и избирачи, а тоа е, согласно Уставот секој човек има и активно избирачко право, односно право да гласа, но и пасивно избирачко право, односно право да биде гласан, да биде биран. И сега, ако ние имаме милион и пол луѓе кои живеат, еве колку луѓе да се малолетни тие, имате цирка од милион луѓе кои имаат право да се кандидираат. Но, тие луѓе не знаат дали може да се кандидираат овака како што ви поставувам прашање. Оттука, вие имате надлежност по закон да дадете упатства, појаснувања и препораки за примената на одредбите на овој Изборен законик и за други закони кои се однесуваат на процесите на изборите. Оттука мене ми е нејасно како пратеник зошто вие одбегнувате да одговорите на елементарно правно прашање. Понатаму, вие имате должност, во точка 15 вели, Државната изборна комисија ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право. Видовме дека и пасивното избирачко право е исто така избирачко право. Оттука, прашањето ми е, зошто одбегнувате да одговорите на елементарното правно прашање кое ви го поставив, а тоа е дали едно исто лице може да се кандидира согласно постоечката регулатива. Значи, јас не ве прашувам за нуклеарна физика или теорија на релативитет на Ајнштајн, јас ве прашувам за тоа што вие по закон сте надлежни да одговорите и нема бегање од тука. Вие треба тоа да им го предочите на јавност дали сте во таква ситуација, дали ќе ја прифатите таквата листа или ќе ја одбиете. За да знаат луѓето како да кандидираат кандидати на претстојните избори, без оглед на тоа каков тип на избор се, еве сега се локални, но можат да бидат и како што беа, двојни избори. Значи тоа е прашањето до вас.

ДОПОЛНИТЕЛНО ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Димитар Апасиев, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 27 февруари 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Почитуван Кондарко, прашањето е многу едноставно. Ај да ги разјасниме прашањата каде што не се разбираме, едно по едно во овие три минути. Прво, на луѓето што ве прашале сте им одговориле дека тоа е личен интерес. Како се по Богу у тој личен интерес кога се засегнати милион луѓе кои не знаат дали смеат или не смеат да се кандидираат на избори согласно членот 23 од Уставот. Значи тоа е иманентно јавен интерес и информација од јавен карактер. Следното што не е јасно и каде што ние не се согласуваме велите дека општинските изборни комисии имаат оригинерни, не е точно. Не е точно затоа што членот 31 од Изборниот законик вели Државна Изборна Комисија, тоа сте вие 7 луѓе се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите во согласност со Изборниот законик и многу битно, врши надзор над работата на другите изборни органи, вклучително и општинските изборни комисии. Значи тоа е иманентно ваша ексклузивна надлежност, не е тоа собраниска и не не учете ние што да правиме автентично толкување, тоа е друга постапка, ние таа постапка ќе си ја тераме. Јас ве прашувам за вашата надлежност сега, која вие упорно ја одбегнувате цело време. Ајде сега да видиме. Едно е автентично толкување кое е задолжително и тоа јас како пратеник имам право да го барам и ќе го барам. Но ајде што станува збор со точка 2, вели, ДИК дава упатства, појаснувања и препораки за примени на одредбите на овој Законик и за други закони кои се однесуваат на прашањата поврзани со изборите. Понатаму, ДИК тоа сте вие 7 души, ја контролира законитоста во работата на изборните органи на овие општински оригинерни ко божемски и презема мерки кога е констатирана повреда на законитоста во подготовките. Значи вие сте оној кој не можете да избегате од оваа надлежност. Понатаму, вие имавте обврска да ја информирате и едуцирате јавноста за начинот на гласање, но и за правото за остварување на избирачкото право, меѓу кое и пасивното избирачко право. Вие тоа не сте го направиле и уште не го правите и затоа не знаеме смеат ли граѓаниве или не смеат. Од тука последното несогласување помеѓу мене и вас е во поглед на хипотетичноста на ситуацијата, дека вие не сте надлежни за некоја си хипотетичка. Добро, ајде сега историска нека биде ситуацијата. Имам дополнително прашање, бидејќи не сум задоволен. Дали во минатото Државна Изборна Комисија потврдила или одбила вакви листи и барам писмено да ми одговорите ако немате сега во моментов информација. Дополнителното пратеничко прашање го поставувам до претседателот на Државната изборна комисија.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседателот на Државната изворна комисија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Димитар Апасиев, поставено на 36-та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 февруари 2025 година Во врска со прашањето на пратеникот Апасиев, во име на Државната изборна комисија, ние доставивме писмен одговор на прашањето. Ќе го цитирам прашањето и ќе се повикам и ради пратениците и ради јавноста на нашиот писмен одговор, а подоцна ќе дообјаснам во врска со денешното поставено дополнително усно прашање. Од страна на пратеникот Апасиев до Државна изборна комисија е доставено прашање кое бара одговор, цитирам: Ако една политичка партија или коалиција на следните локални избори 2025 година поднесе кандидатура за градоначалник и листа за членови на Совет на општина, каде едно исто лице истовремено е и кандидат за градоначалник и за носител на листата на советници, прашањето е, дали таа листа ќе биде прифатена како законска или ќе биде одбиена од страна на ДИК, согласно постоечката легислатива која важи во моментов, затворен цитат. На ова писмено прашање Државната изборна комисија, како колективен орган, го даде следниот писмен одговор. Се повикавме на Изборниот законик и одредбите од Изборниот законик, да не го цитирам во интерес на времето и кажавме дека Државната изборна комисија како надлежна институција нема конкретни законски овластувања и обврски да дава одговори на прашања кои се однесуваат на конкретна, во случајов, хипотетичка примена на законски решенија. Во конкретниот случај станува збор за претпоставена ситуација за евентуално одлучување и примена на закон од страна на соодветните изборни органи, во конкретниот случај не од страна на ДИК, туку од страна на општинските изборни комисии, кои во случајот се директно или изборно надлежни за потврдување на листите на изборите за градоначалници на општините и изборите за членови на советници на општините. Понатаму, во одговорот на прашањето имаме напишано дека доколку подносителот на прашањето или пратениците сметаат дека постојните законски одредби, во случајот член 57 став 2 од Изборниот законик, се нејасни или непрецизни, за истите свое толкување може во соодветна собраниска постапка да даде Законодавно правната комисија на Собранието на Северна Република Македонија, односно пратениците можат преку соодветни измени и дополнувања на Изборниот законик, како овластен предлагач, да интервенираат во наведените одредби од Изборниот законик во случај член 57 и 58 каде што е регулирано ова прашање. Да се надоврзам, точно е дека од граѓани добивме во изминатиот период пет од поставувањето на ова пратеничко прашање и по основ на барање на информации и слободен пристап до информации од јавен карактер, прво барање на толкување на закон, на тоа одговоривме дека не сме надлежни да толкуваме закон. Потоа добивме од истите тие граѓани барање на добивање на мислење во врска со тоа, одговоривме дека по член 31 од Изборниот законик ДИК како колективен орган нема ниту право, ниту обврска да дава мислење, иначе би се претвориле во институција која нон-стоп одговара на шалтер на претпоставени ситуации. Посебно не, кога се работи за ситуации кои не се случиле и кои зависат од конкретната документација и постапување на надлежниот орган, односно од фактичката ситуација во конкретниот случај, а не знаеме дали ќе има таков случај. Така што доколку се изјасниме унапред со давање на некое хипотетичко мислење, без да видиме фактичка ситуација, кога ќе дојде реална ситуација да се одлучува во изборите ќе се створи преседан кој не е во интерес, пред се, на учесниците на изборите, на било кој учесник на изборите што сака да се кандидира како пасивно избирачко право, како кандидат. Оттаму, потенцирам дека ние како колективен орган, ова не е само мое лично мислење, ова е став на целата Државна изборна комисија и сакам да појаснам во врска со денешните ваши искажани допрецизирања на вашето прашање, дека да, согласно член

17 од Изборниот закон ДИК ги организира и спроведува изборите. Значи ДИК го спроведува законот. ДИК не може ниту унапред да ги предвиди ситуациите, но затоа пак учесниците во изборите имаат право и имаат интерес да го познаваат законот и да постапуваат согласно законот. Во конкретниот случај не беше споменато, ДИК согласно Изборниот законик нема по субординација надлежност, ниту овластување да се меша во одлуката на општинските изборни комисии, кои согласно Изборниот закон се посебен изборен орган кој во одредена фаза во изборниот процес имаат свои изворни директни оригирерни надлежности. Што значи дека секое давање на препорака, упатства во конкретни случаи, за конкретни одлучувања на изборните органи, пониските изборни органи кои имаат свои надлежности, би било директно мешање од страна на ДИК на овластените изборни органи. Бидејќи за локални избори, треба да знае јавноста, листите за советници и градоначалници не се поднесуваат и потврдуваат во ДИК како за избор на претседател на Републиката или за пратеници, туку за нив одлучуваат општинските изборни комисии. Сметам дека најцелисходно е, во очи на припрема на локалните избори, пратениците ги имаат тие права и овластувања, за да нема вакви нејаснотии, значи ова не е прашање на кое ДИК или јас лично, ние сме колективен орган, мислењето е усогласено и јас го презентирам тука, не е прашање дали ДИК сака или не сака, треба или не треба да дава мислење или одговори. Се работи за правила на игра кои се дефинираат во Изборниот закон и ДИК е должна да обезбеди воедначена и подеднаква примена, без никој да биде фаворизиран, или без никој да биде оштетен како учесник на изборите. Во таа насока можеби е добро јас не се мешам во работата на пратениците и Собранието, но пратениците да размислат или преку автентично толкување или во секој момент преку измени за прецизирање на овој член од Законот ДИК не е надлежна за промена на Законот ако биде прашана на стручно ниво ќе учествува и ќе соработува во една таква дебата. Ние не се мешаме во надлежностите на Собранието, но ако Собранието донесе соодветна одредба ДИК ќе ја применува онака како што е донесена од Собранието. Така што правата и обврските во конкретниов случај за прецизирање на Законот најдобро за да нема вакви недоумици има доволно време до распишувањето на изборите во август да се прецизира оваа одредба од член 57 и 58 и за сите ќе биде појасно и за јавноста и за партиите и за независните кандидати и за општинските изборни комисии кои одлучуваат за прифаќање или неприфаќање на листите за градоначалници или советници. Благодарам, се надевам сте задоволни од одговорот.

Република Северна Македонија ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Бр. 11-228/6 25.08.2025 година СКОПЈЕ

ДО: Претседател на Собрание на Република Северна Македонија Г-ин Африм Гаши

ПРЕДМЕТ: Одговор на Дополнително пратеничко прашање од пратеник Димитар Апасиев

ВРСКА: Ваш бр. 08-1459/1 од 03.03.2025 година

Почитувани,

Во прилог го доставуваме Одговорот на дополнителното пратеничкото прашање до Претседателот на Државната изборна комисија поставено од пратеникот Димитар Апасиев на Триесет и шестата седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 февруари 2025 година, доставено во писмена форма меѓу две седници на Собранието на Република Северна Македонија.

Со почит,

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ПРЕТСЕДАТЕЛ Борис Кондарко

Државна изборна комисија / Komisioni Shtetëror i Zgjedhjeve Бул. Св. Кирил и Методиј бр.54 / Bulevardi Shën Kirili dhe Metodi Скопје / Shkup www.sec.mk izbori@sec.mk +38923244744

Република Северна Македонија ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Бр. 11-228/5 25.03.2025 година СКОПЈЕ

ДО: Пратеник Димитар Апасиев Собрание на Република Северна Македонија

ПРЕДМЕТ: Одговор на Дополнително пратеничко прашање

ВРСКА: Ваш бр. 08-1459/1 од 03.03.2025 година

Почитувани, Од Ваша страна до Претседателот на Државната изборна комисија е поставено пратеничко прашање на Триесет и шестата седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 27 февруари 2025 година, доставено во писмена форма од страна на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија кое гласи „Дали во минатото Државната изборна комисија потврдила или одбила вакви листи и барам писмено да ми одговорите ако немате сега во моментот информација“, а истото поврзано со претходното поставено прашање кое гласи „Ако една политичка партија или коалиција, на следните Локални избори 2025 година, поднесе кандидатура за градоначалник и листа за членови на совет на општина, каде што едно исто лице истовремено е и кандидат за градоначалник и носител на листата за советници – дали таа листа ќе биде прифатена (како законска) или ќе биде одбиена од страна на ДИК, согласно постоечката легислатива која важи во моментов?“.

Државната изборна комисија останува на претходно дадените одговори на пратеничкото прашање, додека во однос на дополнително поставеното пратеничко прашање Државната изборна комисија Ве известува за следното: во Државната изборна комисија не постојат податоци кои се однесуваат на погоре наведената ситуација за поднесени кандидатски листи за градоначалник и листа за членови на совет на општина, каде што едно исто лице истовремено е и кандидат за градоначалник и носител на листата за советници.

Со почит,

ЗА ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ПРЕТСЕДАТЕЛ Борис Кондарко

Сите пратенички прашања