Најважно
338 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Мурати праша за истрагата во Кочани; Филков повика на неселективност

Резиме

Пратеникот Сали Мурати побара од министерот за правда став за наводната селективност во истрагата за трагедијата во Кочани, можни политички влијанија и независноста на обвинителството. Праша и за законски реформи, правичноста на постапката и можноста за меѓународно учество. Тврдењето дека истрагата се фокусира на поранешни, а не на актуелни функционери е наведено во прашањето.

Министерот Игор Филков рече дека истрагите треба да бидат неселективни, без политичко влијание, и дека одговорност треба да има за сите, без оглед на статусот. Наведе дека не смее да влијае врз истражителите или судиите и дека запирањето на постапката за разрешување на јавниот обвинител било за да се обезбеди целосна независност во работата. Министерството соопшти дека работната група го изготвила Предлог-законот за јавно обвинителство, дека измените на Законот за Советот на јавните обвинители следуваат по неговото завршување, а предлог-законот за платите на јавните обвинители е изготвен и оној за јавнообвинителската служба е во подготовка. Филков смета дека нема потреба меѓународни експерти да учествуваат во истрагата, но рече дека се можни консултации ако се потребни специјализирани знаења.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Сали Мурати

ДО: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сали Мурати, пратеничка група на Европскиот Фронт

Почитувани,

Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, го поставувам следното пратеничко прашање до Министерот за правда:

Трагедијата во Кочани која резултираше со загуба на 59 животи отвори сериозни прашања за функционирањето на правосудниот систем и влијанието на политиката врз истрагите. Особено загрижува фактот дека истрагата покажува јасни знаци на селективност, со фокус исклучиво на поранешни функционери, додека актуелните носители на функции не се опфатени.

Ова прашање го поставувам во контекст на следните правни рамки и принципи:

• Уставот на РСМ, кој гарантира независност на судството и јавното обвинителство • Законот за јавно обвинителство, кој предвидува непристрасност во водењето на истрагите • Законот за кривична постапка, кој бара сеопфатни и непристрасни истраги • Европската конвенција за човекови права, која бара ефективни истраги за случаи со загуба на човечки животи • Принципите на владеење на правото и поделба на власта

Врз основа на горенаведеното, барам да одговорите:

1. Дали како министер за правда сте загрижени поради очигледните знаци на селективност во истрагата за трагедијата во Кочани и недостатокот на фокус врз актуелните носители на функции? ○ Какви мерки презема министерството за да се обезбеди непристрасност во истрагата? ○ Дали сметате дека е прифатливо истрагата да биде фокусирана само на поранешни функционери? ○ Како го оценувате влијанието на ваквиот пристап врз довербата на граѓаните во правосудниот систем?

2. Како ја објаснувате поврзаноста меѓу запирањето на постапката за разрешување на јавниот обвинител и начинот на кој се води истрагата за трагедијата во Кочани? ○ Дали постојат индикации за политичко влијание врз истрагата? ○ Кои механизми постојат за надзор над независноста на обвинителството? ○ Како министерството гарантира дека политичките влијанија нема да го нарушат интегритетот на истрагата?

○ Обвинителот Коцевски во медиумите изјави дека "коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција". Дали се согласувате со оваа оценка и како Министерството за правда планира да реагира на системските проблеми кои ги посочува обвинителот? 3. Дали Министерството за правда има план за унапредување на законската регулатива која се однесува на независноста на обвинителството и истрагите за настани од високо јавно значење? ○ Кои се конкретните мерки за зајакнување на независноста на обвинителството? ○ Дали се разгледуваат законски измени за воведување на дополнителни заштитни механизми? ○ Какви модели од европското законодавство се разгледуваат за примена? ○ Според информациите од обвинителството, во истрагата се опфатени 27 физички и 3 правни лица, а кривичното дело се квалификува како тешко дело против општата безбедност за кое е предвидена казна затвор до 20 години. Како ќе обезбедите дека судскиот процес ќе биде правичен, ефикасен и транспарентен? 4. Дали сметате дека е потребно да се вклучат меѓународни експерти во надзорот над истрагата за трагедијата во Кочани, со цел да се обезбеди непристрасност и објективност? ○ Кои чекори би преземало министерството за да овозможи таква меѓународна вклученост? ○ Дали постојат претходни примери на меѓународно учество во важни истраги во нашата држава? ○ Како таквото учество би придонело за зголемена доверба во институциите? ○ Според анализите на Би-Би-Си, два клучни фактора придонеле за големиот број жртви: запаливи материјали и недостаток на алтернативен излез. Дали сметате дека меѓународното искуство во регулирањето на безбедносните стандарди може да помогне да се спречат вакви трагедии во иднина и какви законски измени би предложиле во таа насока?

Согласно член 43 став 2 од Деловникот, очекувам детален одговор во законски предвидениот рок од 10 дена од денот на приемот на прашањето.

Со почит,

На ден 01.04.2025 година

Сали Мурати - Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија Пратеничка група на Европскиот Фронт

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Министерство за правда

ДО Претседателот на Собрание на Република Северна Македонија

ПРЕДМЕТ: Одговор на пратеничко прашање од 04.04.2025 година ВРСКА: Ваш допис бр 08-2087/2

Почитувани,

Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, пратеникот Сали Мурати од пратеничката група на Европски фронт постави пратеничко прашање до министерот за правда Игор Филков, на кое се дава следниот одговор:

1.Како министер за правда, моја основна обврска е да обезбедам независност на правосудниот систем и праведност во процесите на истрага и судење. Сите истраги, вклучително и онаа која се однесува на трагедијата во Кочани, треба да бидат спроведени без селективност, со цел да се утврди вистината и да се одговори за секое незаконско дејствие.

Правосудните органи имаат своја улога во утврдувањето на фактите и носењето одлуки, а како министер за правда не смеам да влијаам врз работата на истражителите или судиите. Но, секако, како министер, се залагам за транспарентност и правичност во секој случај.

Што се однесува до фокусот на истрагата, секој случај треба да се разгледува на сите нивоа, без исклучоци и без влијание од страна на политичките фактори. Во овој контекст, важно е да се истражат сите аспекти на трагедијата и да се обезбеди дека сите кои се одговорни за настаните ќе се соочат со последиците, без разлика на нивниот политички статус или положба.

Правда и одговорност мора да има!

Република Северна Македонија Министерство за правда Сектор за ...

2. Јавниот обвинител има важна улога во спроведувањето на истрагите, а во конкретниот случај, одговорноста на обвинителот е да ја води истрагата во согласност со законите и без никакви надворешни влијанија.

Јавниот обвинител треба да ја заврши истрагата и да се погрижи за утврдување на фактите во случајот, без било какви обременувања од одлуки кои не се поврзани со самата истрага. За тоа е потребно да се обезбеди целосна независност во работата, што беше причина за запирање на постапката за негово разрешување.

3. Министерството за правда активно работи на унапредување на законската регулатива која се однесува на независноста на обвинителството. Работната група го изготви Предлог законот за Јавно обвинителство Тој е од круцијално значење за унапредување на владеењето на правото во нашата држава и е изработен во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028), Акцискиот план за спроведување на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028), како и Реформската агенда.Овој процес е комплементарен со измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавните обвинители, кои следат веднаш по неговото завршување. Заедно со Предлог Законот за платите на јавните обвинители, кој е веќе изготвен и Предлог Законот за јавнообвинителската служба, кој е во подготовка, ќе биде заокружен реформскиот процес во областа на јавното обвинителство на транспарентен и конзистентен начин.

4. Истрагата за трагедијата во Кочани ќе ја водат домашните надлежни органи, согласно законите и процедурите во Република Северна Македонија. Министерството за правда смета дека сите вклучени институции треба целосно да бидат посветени на тоа да се спроведе истрага која ќе биде независна, објективна и транспарентна.

Сметам дека нема потреба од вклучување на меѓународни експерти во самата истрага, бидејќи државата има капацитет да ја води, како и сите потребни механизми за обезбедување професионализам и правичност. Секако, доколку се јави потреба од дополнителна стручност или ако се појават специфични аспекти на истрагата кои бараат специјализирано знаење,државата е отворена за консултации со меѓународни експерти.

Нашиот приоритет е да ја завршиме истрагата согласно највисоките правни стандарди,стручно и независно.

Република Северна Македонија Министерство за правда Сектор за ...

Со почит,

МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА Игор Филков

Подготвил/а: Проверил/а: Одобрил/а:

3 Министерство за правда на Република Северна Македонија Ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 9, Скопје Република Северна Македонија +389 2 3116 493 www.pravda.gov.mk

Сите пратенички прашања