До Собрание на Република Северна Македонија
Предмет: Пратеничко прашање
Почитувани, Согласно член 43 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, до Министерот за локална самоуправа е поставено писмено пратеничко прашање од пратеникот Сали Мурат, пратеничка група на Европскиот Фронт и тоа: 1.Дали Министерството за локална самоуправа врши надзор над законитоста на работата на Општина Кочани во делот на издавање дозвола за работа на угостителски објекти и дали биле констатирани неправилности во тој домен? ○ Дали сте биле запознаени со практиката на издавање дозволи за вршење угостителска дејност во објекти без соодветна пренамена, како што е констатирано во случајот со објектот во Кочани каде се случи трагедијата? ○ Според наодите на Инспекторатот за градежништво и урбанизам, објектот е регистриран за лесна индустрија на површина од 419М2 и нема пренамена. Кои мерки ги презема Министерството за локална самоуправа за да обезбеди законито постапување на општините во овој домен? ○ Дали Министерството има механизми за следење на случаите кога општините примаат уплати по основ на надоместок за угостителски објекти кои немаат соодветна пренамена, како што е случајот со Општина Кочани? 2.Во рамките на вашите надлежности за надзор над единиците на локалната самоуправа, дали Министерството врши надзор над работата на општинските инспекциски служби? ○ Какви се сознанијата на Министерството за работата на инспекциските служби на Општина Кочани во последните 5 години? ○ Дали Министерството има механизми за проверка на ефикасноста и одговорноста на општинските инспекциски служби? ○ Какви мерки презема Министерството во случај на утврдени неправилности во работата на општинските инспекциски служби? 3. Дали законодавната рамка за локална самоуправа обезбедува доволно гаранции за почитување на безбедносните стандарди при одржување на јавни настани? ○ Дали постојат јасни протоколи за одобрување на јавни настани на ниво на локална самоуправа? ○ Дали општините имаат обврска да вршат проверка на капацитетите и безбедносните мерки пред одобрување на масовни настани? ○ Дали сметате дека е потребно законско зајакнување на овие механизми? 4.Дали Министерството спроведува надзор над работата на функционерите и службениците во единиците на локалната самоуправа? ○ Дали сте иницирале системска проверка на работата на општинските служби во Општина Кочани по трагедијата? ○ Какви се механизмите на Министерството за утврдување одговорност на локалните функционери во случај на несовесно работење? ○ Дали сметате дека постојат системски пропусти во функционирањето на локалната самоуправа? 5.Како го објаснувате фактот што актуелните функционери во Општина не се опфатени со истрагата за трагедијата, иако локалната самоуправа има директна надлежност за издавање дозволи за работа и контрола на објекти од јавен карактер? ○ Дали Министерството доставило релевантни информации до Јавното обвинителство во врска со надлежностите на локалната самоуправа? ○ Дали сметате дека е потребно воведување на построги механизми за контрола и одговорност на локалните функционери?
1 Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје Република Северна Македонија +389 2 325 3929 www.mls.gov.mk
Република Северна Македонија Министерство за локална самоуправа
Во одговор на горенаведените прашања, Ве известуваме дека со Законот за локална самоуправа(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/02 и 202/24) е утврдено дека надлежност на општината е збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината, во согласност со закон, има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување. Согласно член 20, општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Согласно член 21 општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење. Со законите со кои се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности. Надлежностите по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон. Во член 22 се утврдени надлежностите на општините од областа на урбанизмот, заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој, комуналните дејности, културата, социјалната заштита и заштита на децата, здравствената заштита, заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра, противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици и други работи определени со закон. Надлежностите од ставот се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон. Согласно член 69, надзорот над работата на органите на општината во вршењето на нејзините надлежности го опфаќа надзорот над законитоста, и контрола и ревизија врз материјалното и финансиското работење. Надзорот над работата на органите на општината над вршењето на делегирани работи од надлежност на органите на државната управа го опфаќа надзорот над законитоста и надзор над ефикасноста. Во случаите утврдени со закон, се врши и претходен надзор кој опфаќа претходна согласност на прописите на општината. Начинот и постапката на вршењето на надзорот над работата на органите на општината се утврдени со закон. Органите на општината се должни да соработуваат со органите за вршење на надзор. Согласно член 70 надзорот над законитоста на прописите на општината врши министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа. Надзор над законитоста на работата на органите на општината вршат органите на државната управа. Контрола на материјалното и финансиското работење на општината врши Министерството за финансии. Ревизија над материјалното и финансиското работење на општината врши Државниот завод за ревизија, согласно со Законот за државна ревизија. Надзорот над делегираните надлежности го врши органот на државната управа чии надлежности се делегирани на општината. Во таа смисла, Законот за локална самоуправа кој е системски закон, упатува на материјалните закони, за натамошно регулирање на вршењето на контрола и надзор над извршувањето на секоја од надлежностите, преку ресорното министерство и надлежните инспекциски служби. Министерството за локална самоуправа, преку Државниот инспекторат за локална самоуправа, согласно член 71 од Законот за локална самоуправа(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/02 и 202/24) и член 5 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 187/13, 43/14 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/25), единствено има надлежност во делот на надзор над законитоста на прописите на општината во соодветна постапка и тоа: Градоначалникот е должен, во рок од 10 дена од денот на нивното објавување, да ги достави
Република Северна Македонија Министерство за локална самоуправа прописите на општината до министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа. Доколку министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа, смета дека прописот не е во согласност со Уставот и со закон, во рок од 45 од денот на доставувањето на прописот, донесува решение за запирање на примената на прописот, со кое ги образложува и причините за запирањето. (Решението се објавува во "Службен весник на Република Македонија". Министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа, преку инспекторатот за локална самоуправа, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на решението, до Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на запрениот пропис. Ако постапката не биде покрената во определениот рок, престанува важноста на решението за запирање на примената на прописот и запрениот пропис станува извршен. Дополнително со Законот за инспекциски надзор и материјалните закони за секој инспекторат поединечно, детално се утврдени надлежностите во делот на спроведување контрола и надзор во делот на поединечните надлежности на единиците на локалната самоуправа.. Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 102/19 и 272/24, 22/25), ги уредува основните начела на инспекцискиот надзор, организацијата на инспекциските служби, координацијата на инспекциските служби, правата и должностите на инспекторите, правата и должностите на субјектите на надзорот, постапката за вршење на инспекциски надзор и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор. Одредбите на овој закон се однесуваат на инспекторите во инспекциските служби кои се организирани како органи во состав на министерствата или како организациони единици во рамките на другите органи на државната управа и единиците на локалната самоуправа и градот Скопје. Воедно, известуваме дека до Министерството за локална самоуправа, не биле пристигнати официјални претставки или иницијативи кои укажуваат на евентуални неправилности во оваа област, а кои согласно горецитираните законски одредби, министерството би ги проследило на натамошно постапување до ресорните министерства во рамки на надлежноста утврдена со материјалните закони. Во однос на постапката за спроведување на истрага, ве известуваме дека истата ја спроведуваат независни институции и органи, во рамки на надлежностите Министерството како и Јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Посочуваме дека Министерството за локална самоуправа во насока на унапредување на законското решение во делот на одговорноста на градоначалникот на општината, спроведува постапка за измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, каде меѓу другото се предвидуваат измени преку кои ќе се зајакне отчетноста и одговорноста на градоначалникот на општината, како извршен орган на единицата на локалната самоуправа.
Со почит,
Министер за локална самоуправа М-р Златко Перински
Подготвил:Наде Петрушевска Нешковски Согласен:Моника Митровски Одобрил: Државен секретар, м-р Јулијана Лавковска Бочевска
3 Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје Република Северна Македонија +389 2 325 3929 www.mls.gov.mk