
Сали Мурати
ДО: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија
ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Сали Муратӣ,
Почитувани,
Согласно член 38 и 39 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, го поставувам следното пратеничко прашање до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија:
На седницата на Советот за човекови права на Обединетите нации минатата недела, Република Северна Македонија гласаше против две резолуции за Палестина кои Советот ги усвои. Првата за која гласаше против се однесува на осудување на израелските колонијални практики на окупираните палестински територии. Резолуцијата помина со 34 гласа „за“, десет воздржани, како и три гласа „против“, меѓу кои, покрај Чешка и Етиопија, беше и нашата земја.
Против втората резолуција, со која се поддржува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување, гласaa само две држави – Република Северна Македонија и Чешка. Таа беше усвоена со 43 гласа „за“, а две земји се воздржаа од гласање.
Македонија досега никогаш не гласала против правото на самоопределување на палестинскиот народ. Минатата година во октомври земјава стана членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027. Генералното собрание на ООН оваа одлука ја донесе врз основа на „претходните залагања за човековите права, правата на малцински и ранливи групи и целокупниот корпус на мултиетничка демократија која ја развива државата“.
Шефицата на Постојаната мисија на Македонија при Советот, Теута Агаи Демјаха, минатиот месец се најде меѓу деветтемина дипломатски претставници кои беа отпивикани од претседателката Гордана Силјановска Давкова. МНР по отпивикувањето не соопшти дека е назначен нов претставник на земјава во телото на ООН со седиште во Женева, па не е јасно кој гласал во име на Република Северна Македонија на седницата минатиот петок.
Врз основа на горенаведеното, барам да одговорите:
1. Кој е официјалниот став на Владата на Република Северна Македонија во однос на признавањето на Палестина? 2. Дали Владата дала експлицитен налог за гласање против двете наведени резолуции и кои се причините за таквата одлука? 3. Како овие гласања се усогласуваат со принципите на нашата надворешна политика, особено во поглед на заложбите за светскиот мир, неприфаќањето на агресијата на други држави и поддршката на меѓународното право?
4. Дали при донесувањето на оваа одлука беше земен предвид ставот на македонското општество и нашата традиција на залагање за правата на обесправените и нападнатите, наместо поддршка на агресорите? 5. Имајќи предвид дека нашата земја стана членка на Советот за човекови права на ОН токму врз основа на претходните залагања за човековите права и малцинските групи, како ова гласање се усогласува со тие принципи? 6. Кој гласаше во име на Република Северна Македонија на седницата, со оглед на тоа дека претходниот шеф на Постојаната мисија при Советот за човекови права беше отповикан минатиот месец?
Би сакал да потсетам дека бројни резолуции на ОН и одлуки на меѓународни судови ги осудуваат агресивните политики на Израел. Нашата земја, со својата историја и вредности, треба да биде пример на страната на правдата и меѓународното право, а не на страната на агресијата.
Согласно член 43 став 2 од Деловникот, очекувам детален одговор во законски предвидениот рок од 10 дена од денот на приемот на прашањето.
Со почит,
На ден 10.04.2025 година
Сали Мурати - Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија