
Сали Мурати
До: Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија
Почитуван Претседател на Собранието,
Согласно член 72 од Уставот на Република Северна Македонија, член 15 од Законот за Пратениците и член 38 и 39 од Деловникот на Собранието, го поставувам следново пратеничко прашање до Министерство за образование и наука на Република Северна Македонија:
1. Кои се причините за исклучувањето на содржини кои го прикажуваат историскиот континуитет и придонесот на турската заедница во изградбата на македонското општество низ вековите во новата наставна програма по Историја за VII одделение (бр. 12-1900/4 од 29.1.2025 година)? 2. На кој начин Министерството за образование и наука планира да обезбеди балансирано и инклузивно прикажување на сите етнички заедници во наставните програми по Историја, вклучувајќи ја и турската заедница која историски има значаен придонес во нашата држава? 3. Дали Министерството планира да формира комисија составена од историчари и експерти од сите етнички заедници која ќе обезбеди балансиран пристап во пишувањето на наставните програми и учебници? 4. Во кој временски рок планира Министерството да ги ревидира постоечките наставни програми и учебници со цел усогласување со уставните вредности за мултикултурно општество и почитување на етничките, културните и јазичните различности? 5. Дали Министерството ги консултираше претставниците на турската заедница и другите етнички заедници при изработката на наставната програма по Историја за VII одделение, и ако не, зошто овој инклузивен пристап не беше применет?
Со оглед на фактот дека турската заедница е трета најголема етничка заедница во Република Северна Македонија со вековно присуство и значаен придонес во историјата и културата на нашата држава, сметам дека нејзината соодветна застапеност во наставните програми е од исклучителна важност за одржување на мултикултурниот карактер на нашето општество и градење на заедничка иднина.
Ве молам за детален и прецизен одговор во рок предвиден со Деловникот на Собранието.
Со почит,
Скопје, 22.04.2025
Сали Мурати Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија