Најважно
336 вести · 24 ч.
Берово 8°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Премиерот критикуваше дел од Судскиот совет и најави судски реформи

Резиме

Пратеничката Силвана Ангелевска го праша премиерот како ја оценува работата на Судскиот совет и дали неговата критика за двегодишната казна во случајот со Теодора е причина за итно разрешување на членовите. Таа посочи на, како што ги опиша, скандали во Советот и на изгласана недоверба кон неговите членови.

Премиерот рече дека се согласува со критиките кон работата на Судскиот совет и дека недовербата изгласана во Собранието не довела до заминување на членовите. Тој го критикуваше и постапувањето на обвинителските и судските институции во случајот со Теодора, а најави дека Владата ќе продолжи да бара правда во рамките на законските можности. Посочи дека реформите во правосудството се во завршна фаза, со дел од законите предвидени за донесување до 30 јуни, но изрази сомнеж дека законските измени сами по себе ќе донесат промени без промена во работата на дел од судиите и обвинителите.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Силвана Ангелевска

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Силвана Ангелевска, поставено на 45-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 24 април 2025 година Пратеничкото прашање гласи: За трето прашање споменав дека е од правосудниот систем, не е единствен случај но, меѓутоа вака е од по скоро. Тоа е казната која што беше изречена за младата Теодора која што на 22 години го загуби животот во сообраќајна незгода и пресудата која што ја изрече Основниот суд во Тетово од 2 години затвор. Вие исто така, премиере реагиравте на таквата одлука, јавно реагиравте на таквата одлука на Основниот суд во Тетово. Па, имаше одредени препукувања на релација Основен, Апелација, Обвинителството и т.н. и фамозниот судски Совет излезе со изјава дека на некој начин ја оправдува таа пресуда од 2 години од Основниот суд. Моето прашање во врска со судскиот Совет. Низа на скандали, доверба на народот од 2% во судско обвинителскиот систем. Почнувајќи од една изјава на една членка која се уште е член на судскиот Совет. Која што изјави дека си дава оставка како претседателка на судскиот Совет заради притисок од бизнис политички елити. Па, понатаму имавме избор на претседателка која што е советник дефакто, па нејзино разрешување, па нејзино враќање, така да низа на скандали и ова Собрание односно телото кое што предлага 5 од членовите во судскиот Совет, изгласа недоверба. Имав интерпелации поединечно за членовите на судскиот Совет меѓутоа тие не сметаа дека е морално да си поднесат оставки и еве до ден денес си седат и си донесуваат одлуки вакви какви што донесуваат. Вие споменавте пред некој ден во медиумите читавме дека најитни реформи се реформите во судството и без тоа другите реформи се буквално бесмислени. Тоа го констатираат не само граѓаните на Република Македонија дадоа доверба на судско обвинителскот систем од 2% туку е констатирано многу Извештаи од Европската Унија. Затоа, моето конкретно прашање Дали, како вие ја коментирате работата на судскиот Совет и дали оваа ваша изјава за малата казна за Теодора ја сметате како една од причините за итно разрешување на членовите на судскиот Совет.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

О Д Г О В О Р на пратеничко прашање од пратеникот Силвана Ангелевска, поставено на 45- та седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 24 април 2025 година Почитувана пратеничке, апсолутно се согласувам со вас и со јавноста околу работата на оваа институција Судски совет впрочем, вие пратениците изгласавте недоверба на членовите и тие покрај тоа што ја добија недовербата од страна на тие кои што ги гласале, тие и понатаму продолжуваат да бидат дел од Судскиот совет и да земат илјадници евра месечен надомест при тоа уживајќи помалку од 2% доверба кај граѓаните и никому ништо. И тоа доволно ви кажува за каков профил на личности станува збор и зарем вие очекувате нешто различно од нив да донесат како Одлука, посебно во случајот за кој што го споменавте за малата Теодора која што е прегазена на пешачки премин и Основниот суд во Тетово донесе таква Одлука. Но не е само тоа проблемот. Во случајот има уште една институција, Совет на јавни обвинители, таму има еден, замислете еден виш јавен обвинител кој што бара да се намали првостепената пресуда. Затоа што овој случај има прв дел, а првиот дел е пресуда на Основен суд од три ипол години. Дали е тоа доволно? Не знам, но казната е од една до пет години, признава сторителот, му даваат три ипол години, се жали обвинителот на ниска казна, неговиот надреден, не овој што е во Основното јавно обвинителство, туку во Вишото, ја прифаќа Одлуката, односно, прифаќа да таа биде помала и да биде две години. И која што од вториот Апелација, односно второстепениот суд ја потврдува на две години, судот потоа се жали предметот на Врховен суд и Врховен го враќа на повторно судење во прв степен и прв степен носи Одлука повторно две години сега. Но, сега зборуваме за профил на луѓе кои што вие ги гласавте, вие ги биравте и тие си седат, гајле немаат, се земаат илјадници евра плати, народни пари и никому ништо и никој ништо не им може. Вие од тие луѓе зарем очекувате нешто повеќе? Јас не очекувам ништо, образ џон, а тоа е тоа, но ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење, се лаже, нема така едноставно да поминуваат тие работи, нема така едноставно да поминуваат. Но еве да не одам чекор понапред, затоа што повторно некој од опозицијата ќе рече, овој се заканува итн, немам таква намера. Но правдата мора да биде неприкосновена и да ја добијат сите. Така што, не би должел повеќе за овој случај бидејќи, навистина станува збор за ужасен случај кој што во судски лавиринти наместо правда, добива неправда и тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму, ние од името на правдата да ја бараме правдата како Влада, во рамките на нашите законски можности, се разбира. А што се однесува до реформите, тие се работат и се во завршна фаза и се дел од реформската агенда и има јасен датум дека до 30.06 дел од тие треба да се донесат, но искрен да бидам лично мислам дека и имам дилема дека нешто од тоа ќе функционира со овие вакви судии и обвинители кои што се бирани на начин на кои што се бирани. Зборам не сите, мала група. Таа мала група го контаминира она поголемо ткиво кое навистина заслужува да биде обвинител и судија. Но, има мала група кое сето тоа го контаминира. И во една таква состојба, во една таква реалност, ние не можеме од нив да очекуваме брилијантни решенија, па дури и утре да ги донесеме нај брилијантните закони на светот. Друго е потребата од реформи поради начинот на носење на Кривичниот законик со европско знаменце овдека во Парламентот кога практично една голема група на политички функционери се амнестираше, односно нивните дела застареа, потенцијални дела, а друга група воопшто и нема да започне таков процес, бидејќи однапред се застарени тие дела со измените. Тоа е веќе друго и тоа создава во јавноста мачнина и чувство на гадење кое што се пренесува и ден денеска, без разлика што е сега друга Влада, друго владино мнозинство и тн. И во такви услови ние сега се бориме со однапред загубена борба, со тоа што ние сега ги водиме институциите. Претходно тие што ова го направија тие ги водеа институциите, тие се одговорни и тоа е тоа. Лошото е што сега ние ги водиме и ние треба да ја смениме таа перцепција. Ќе ги донесеме законите кои што се во согласност со Оценската мисија, со Извештајот, нај брилијантните, како се побарани, така ќе ги донесеме. Јас ве уверувам дека ако менталниот склоп кај поединци не се промени, забадијала ни се нас најдобрите закони. А, за жал, кај нас тоа тешко ќе оди поради рецидивите од минатото и политичката прегратка или како да ја наречам, концесија, која што дел, мал дел од тие луѓе ја имаат кон некои нивни стопани кои што денеска не се тука. Тоа е суштината. Јас не очекувам дека ќе имаме некакви брилијантни поместувања. Напротив. Но, наше е да се бориме, наше е да се трудиме до каде ќе одиме и како ќе заврши овој процес, не знам, не би можел да кажам однапред, но сигурен сум дека ќе биде многу подобро од порано. Денеска гледате дека нема недопирливи пред законот, апсолутно, без разлика од која политичка партија доаѓаат, дали се денешни или од минатото, корупцијата и криминалот се тема број еден и приоритет број еден на оваа Влада, расчистување со корупција и криминал е тема број еден и приоритет број еден. Мој личен, исто така, мој личен и јас продолжувам и понатаму да се борам и да ја застапувам таа теза. И знам дека сите околу мене мои соработници се исто така во таа насока во Владата. И знам дека и вие како пратеници апсолутно стоите позади сето тоа и тука немам никаква дилема. Само имам дилема, повторно ќе кажам, дали тие кои што треба да носат правда, вистински сакаат да носат правда, а не неправда, како што тоа се покажа во многу случаи во минатото. Некои за кубење коса или за десет ќебапчиња ќе лежи по 4, 5, 6 години во затвор, а некој утепал човек, две, пола дома, пола надвор и завршена работа. Е затоа кога зборувам дека денеска имаме отчетност, дека имаме одговорност, дека кога станува збор за расчистување тешки случаи, како што е ужасната трагедија во Кочани, имаме повеќе од 60-тина, 68 кои што се обезбедени, а во минатото за 75 жртви имаме нула, односно ниту еден, некој се обидува да ме убеди дека со тоа правиме дефокус. Како можете на душата на покојните луѓе да правите дефокус. Мислам тоа само, може, тоа работи длабоко Фројд кај поединци во себе, па тие се проектираат самите себе кон нас. И велат, јас сум таков, сигурно и тој е таков. Само таков тип на луѓе можат да не убедуваат во таков тип на кампања. А ние само сакаме сето тоа кое што е погрешно насадено и кое е погрешно изртено, да го исправиме ако можеме. Ништо повеќе. Тука би застанал и ве уверувам дека наскоро денеска ќе дојдат тие закони, но ако немаме кој да ја донесе правдата и ако сеуште, за жал, проектира неправда поради концесија кон некој кој што е заслужен, затоа што тој е таму во Обвинителството или Судството, попусто ни е се. Благодарам.

Сите пратенички прашања