Најважно
346 вести · 24 ч.
Берово 6°
Најважно
Локални вестиДемокритика
Редакција: Македонија.мкИспрати тема

Мени на Македонија.мк

Редакција:Македонија.мкНационални и локални вести
Испрати тема
ПРАШАЊЕ & ОДГОВОР

Крмов прашува дали Владата ќе зголеми помош за семејствата погодени од трагедијата во Кочани

Резиме

На 53-та седница, Борислав Крмов праша дали Владата планира да додели дополнителни средства за семејствата погодени од трагедијата во Кочани. Тој тврдеше дека државната парична помош е многу помала од собраните донации и побара Владата да го намали, како што го нарече, соодносот 6:1.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека Владата доделила директни средства на семејствата на загинатите и активирала здравствена, социјална и психолошка поддршка, која ќе продолжи според потребите. Тој рече дека споредбата 6:1 е манипулативна бидејќи не ги опфаќа институционалната поддршка, медицинските трошоци и другите државни ресурси. Во одговорот не наведе дали ќе бидат доделени дополнителни пари.

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ

Борислав Крмов

ПРАТЕНИЧКО ПРАШАЊЕ од пратеникот Борислав Крмов, поставено на 53-та седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 12 јуни 2025 година Пратеничкото прашање гласи: Благодарам претседателе. Јас планирав да поставам две прашања до премиерот, ќе морам да ги поставам до неговиот заменик. Значи, до вицепремиерот бидејќи премиерот си отиде иако член 42 став 5 го обврзува да седи тука и да ги слуша пратеничките прашања на пратениците и му давав само една можност ако има објективно неодложни причини да напушти, ние видовме дека тој буквално од инат ја напушти седницата кога Левица побара пауза. Но, нејсе јас ќе ги поставам двете прашања до заменик премиерот, па да видиме какви одговори ќе добиеме. Јас сакам да ја отворам темата дел од темата околу катастрофата која што ни се случи во Кочани. Значи, нема да го отворам делот околу пристрасноста или не пристрасната истрага тоа е тема сама за себе. За која што ќе зборуваме понатаму. Јас сакам да зборувам за голготата која што ја преживуваат пациентите значи кои што сега се лечат посебно во кочанската болница. Значи, ние имавме една не запаметена катастрофа со 63 загинати, над 200 повредени од кои што 116 се лекуваа во странство а 71 пациент се лекуваа во Македонија. Сега во моментот имаме околу 12 пациенти кои што се во болница од кои што 7 се лекуваат во странство и 5 се лекуваат дома. За сите тие фамилии над 200, над 300 фамилии кои што се засегнати од катастрофата се обезбедени средства и тоа од донации преку Црвениот крст се собрани од прилика 2,5 нешто над 2,5 милиони евра од независната организација „За помош на семејствата СУПОРТ Кочани“ се собрани над 600 илјади евра, скоро 700 илјади евра. А, од Владата се обезбедени околу 30 милиони денари или само 487 илјади евра, значи околу пола милион евра. Соодносот е буквално 6 спрема 1, значи од една страна го имаме македонскиот народ со неговите донации а другата страна имаме Владата. И, после се чудиме зошто и ден денеска Македонија е држава во која што луѓето се лечат со ес ем ес. Значи, го имаме еден од нај солидарните народи од едната страна а од друга страна имаме една скржава и неодговорна Влада која што за жал се обидува теретот на лечењето практично да го префрли на донации. Значи, земавме една милијарда кредит и ден денес е државна тајна каде отидоа тие пари. Значи, го имаме во рекордно време потрошено тој кредит. Зар не може дел од тој кредит да се пренаменат средствата за засегнатите во Кочани. Сега треба да земеме уште 6 милијарди кредит, така да колеги пари има само нема волја. И, поради тоа моето прво прашање до вицепремиерот е: Дали Владата планира за оваа смешна сума од пола милион евра да додаде друга сума да барем малку да го намали тој срамен сооднос со 6 спрема 1 донации и средства обезбедени од Владата. Пратеничкото прашање го поставувам до претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

ОДГОВОР ОД ИНСТИТУЦИЈАТА

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Влада на Република Северна Македонија КАНЦЕЛАРИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА

Дата: 24-06-2025 Архивски број: 08-1494/ 2 До: Претседател на Собрание на РСМ г.Африм Гаши Предмет: Доставување одговор на пратеничко прашање

Врска ваш бр.08-3491/1 од 17.06.2025 година

Почитуван,

Врз основа на член 43 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, во прилог Ви се доставува одговор од претседателот на Владата на Р.С.Македонија, на пратеничко прашање поставено на Педесет и третата седница на Собранието на РСМ, одржана на 12 јуни 2025 година, од пратеникот Борислав Крмов.

Со почит,

Шеф на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија

Владимир Нелоски

Влада на Република Северна Македонија Бул. „Илинден“ бр. 2, 1000 Скопје | www.vlada.mk | info@vlada.mk

Влада на Република Северна Македонија П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

Почитуван пратеник г-дин Крмов,

Како држава, имаме обврска не само да сочувствуваме, туку и да дејствуваме – брзо, одговорно и целосно посветено.

Во тој контекст, сакам јасно да потенцирам дека Владата од самиот почеток ја презеде одговорноста не само како институција, туку и како вистински столб на поддршка за погодените семејства. И тоа не декларативно, туку со конкретни мерки и средства.

Веќе се доделени директни финансиски средства на семејствата на загинатите лица, но тоа не е крајот на нашата заложба. Активиран е и целиот државен механизам на здравствена, социјална и психолошка поддршка. Оваа поддршка не е симболична и не е временски ограничена, нашиот фокус е континуиран, прилагодена на потребите на секое семејство, и ќе трае додека има потреба.

Сакам посебно да се осврнам на наративот за „односот 6:1“. Тој однос е манипулација која не го зема предвид вкупниот опсег на државната интервенција, вклучително и институционалната поддршка, медицинските трошоци, ангажманот на јавните служби, логистичките и инфраструктурни ресурси и, секако, долгорочните механизми на помош што Владата веќе ги активира.

Повикувам сите што искрено сакаат да помогнат – да не ја релативизираат помошта која ја дава државата. Владата нема да се натпреварува во голи бројки, туку ќе продолжи да делува суштински, системски и тивко, онака како што и доликува на една сериозна институција.

Како Претседател на Владата нема да дозволам семејствата на трагично настраданите да бидат оставени сами во својата болка. Не затоа што тоа некој го бара, туку затоа што тоа е наша обврска како луѓе, како институции и како општество.

Ако целта ни е вистинска помош, тогаш мораме да бидеме искрени дека оваа Влада, од првиот ден, е со нив.

д-р Христијан Мицкоски

Сите пратенички прашања